Германија економски расте, бегалците без работа
6 мај 2016Луѓето кои во минатата година дојдоа во Германија како бегалци, засега не профитираа од бумот на пазарот на труд: судејќи според првите статистички показателу, бегалците од Ирак и од Сирија кои добиле азил во Германија, често се без работа. Тоа е главниот резултат на „Социјалниот извештај за 2016“, претставен во Берлин.
„Резултатите укажуваат на тоа дека во следните години не очекуваат големи предизвици во процесот на интеграција на бегалците на пазарот на труд“, вели Марајке Бининг, одговорна за споменатиот извештај. Таа напоменува дека во статистиките на „признатите“ бегалци (оние кои имаат добиено азил) не се водат како посебна група. Но, истражувачите едноставно го споредиле бројот на вработени во Германија (кои плаќаат осигурување) со бројот на невработени лица од земјите од кои потекнуваат бегалците и така дошле до сознанија за размерите на проблемот.
Кога станува збор за бегалците од Ирак, односот на вработени и невработени е од прилика половина-половина. Што се однесува до азилантите од Сирија, мнозинството се невработени. Во споредба со 2011 година, ситуацијата значително се влошила за сите поголеми групи бегалци. Тоа, велат стaтистичарите е во спротивност со инаку позитивниот рaзвој на пазарот на труд во Германија.
Полошо образование, помала заработувачка
Во извештајот за 2016 година се истражува и ситуацијата на 16,4 милиони германски граѓани со мигрантско потекло. Судејќи според него, од сиромаштијата се посебно погодени доселениците од Турција и земјите од таканаречениот трет свет. Тие во просек се полошо образовани, па и заработуваат помалку.
И покрај тоа, овој дел од населението е пособно задоволен со својот живот. „Мигрантите својот живот во Германија го споредуваат со животот во своите земји на потекло и тогаш својата ситуација ја оценуваат како главно позитивна“, вели Бининг.
Во Германија во 2016 година имало околу 3,7 милиони доселеници од земјите од третиот свет и нивни потомци, 5,8 милиони гастарбајтери и нивни потомци (Луѓе кои во Германија се доселиле во 50-те и 60-те години од Италија, Турција, Југославија, Шпанија). Во Германија живеат и околу 4,2 милиони луѓе со германско потекло кои се доселиле од средна и од источна Европа.
Судејќи според извештајот, веќе сега секој петти жител на Германија потекнува од странство. Кај најмладите можат најдобро да се видат последиците од доселувањео: веќе и пред големиот бегалски бран од 2015 година, секое трето дете во Германија имаше семејни корени во некоја друга земја.