Олаф Шолц и Западниот Балкан: Патување во иднината
13 јуни 2022Канцеларот Олаф Шолц минатиот викенд имаше патување во иднината, пишува минхенскиот Зидојче цајтунг.
„Тоа го однесе во градови како Приштина, Белград и Скопје, што беше вистинскиот избор, токму затоа што повеќето Европејци овие градови не ги поврзуваат ниту со сопствената, ниту воопшто со било каква друга иднина. Со посетата на Западен Балкан, Шолц релативно рано во својот мандат даде сигнал дека неговата стратешка проценка е малку поинаква. Тој јасно стави до знаење дека ја гледа судбината на разнишаниот регион цврсто поврзана со онаа на Европската унија. Но, истовремено тој прикажа слика и за сопствената иднина. Контурите на неговата амбиција за лидерство во ЕУ полека стануваат очигледни.“
Впечатлив беше демонстративниот оптимизам кој го промовираше Шолц на турнејата низ регионот, пишува Зидојче цајтунг. По 20 години ветувања, канцеларот сакаше да ја врати вербата, дека ЕУ е искрена со отворените врати за земјите од регионот- и дека се исплаќа сега да се решат преостанатите конфликти. Со барањето до Србија да го признае Косово, Шолц го стави Белград во тесно. Но секако без таков услов, секоја визија за европска иднина на двете земји е непостојна.
ЕУ во егзистенцијална криза
„Точно е дека Шолц со патувањето на Балканот презеде ризик. Путинова Русија сака да ја искористи секоја несигурност, за да ја направи цела Европа уште понебезбедна.
Но одлучноста, сама по себе, нема ништо да постигне за да се спаси европскиот проект од неговата егзистенцијална криза. Неопходно е на окупираната Украина да и се даде поддршка преку кандидатски статус, без притоа да се налутат балканските држави кои се со години во чекалницата.
Притоа, ЕУ мора да рашири нова надеж, без притоа да храни илузии дека без исцрпувачки реформи е можен влез во Унијата. ЕУ мора да пронајде рамка која ќе ги заштити земјите како Украина од дестабилизација до нивното членство. Притоа, ЕУ мора да се заштити и себеси со тоа што ќе го минимизира потенцијалот за притисок на некои како унгарскиот полу-автократ Виктор Орбан. Со други зборови, на ЕУ итно и се потребни неколку добри идеи и политичари, кои се во состојба тоа да го спроведат. Накусо, тоа е описот на работните задачи на еден германски канцелар. Иднината на Европа зависи од тоа дали тој ќе успее да ги исполни со живот овие приоритети. Со патувањето на Балканот, канцеларот прикажа слика и за сопствената иднина“, заклучува Зидојче цајтунг.
Прво кај подготвените, па кај блокаторите
Патувањето на канцеларот Олаф Шолц на Западниот Балкан, пишува Тагесцајтунг, следеше јасна шема: прво разговараше со подготвените, а потоа со оние што блокираат.
„Потоа: Прво даваше изјава, па следеше што таа ќе предизвика. Бидејќи од другата страна будно се следеа прес-конференциите во претходната земја, оваа тактика обезбеди придвижување, барем на маргините на инаку ригидниот протокол."
Во рамките на турнејата, Шолц прво ја посети Приштина, па продолжи за Белград, а во петокот вечераше во Солун. Во саботата, првата станица му беше Скопје, а патувањето го заврши во Софија.
„Во Скопје, главниот град на Северна Македонија, следниот ден се е три нивоа поедноставно (во однос на Белград, н.з.). Црвениот тепих е натопен, а зелените растенија во владината зграда храбро се борат да преживеат. Сепак, се чини дека Шолц тука се чувствува поудобно отколку во луксузно опремената српска владина палата, каде слатко мирисаа украсените цветни аранжмани," пишува Тагесцајтунг.
„Навистина е убаво да се биде овде, вели Шолц во скудното седиште на владата. Тој и премиерот Димитар Ковачевски, ракувајќи се, позираат дури двапати пред камерите. Премиерот на Северна Македонија со задоволство може да констатира дека ова е веќе втора посета на еден германски канцелар за кратко време. Се забележува дека Шолц сака да покаже дека навистина се грижи.
Скопје фрустрирано од ЕУ
За разлика од Србија, Северна Македонија ги поддржува санкциите против Русија, но е уште подалеку оддалечена од влезот во ЕУ. Сите ракувања не можат да го сокријат фактот дека Скопје е крајно фрустрирано од ЕУ. Не можеме постојано да бидеме заложници на самитите на ЕУ, се пожали Ковачевски во присуство на Шолц. Веќе за две недели, на 23 и 24 јуни, повторно се среќаваат шефовите на влади на ЕУ. Поканети се и земјите од Западниот Балкан. Очекуваме да ги започнеме преговорите за членство, вели Ковачевски. Македонија тоа 100 проценти го заслужува.
И навистина, Северна Македонија направи многу, дури и го смени името од Македонија во Северна Македонија, без притоа досега да извлече корист од тоа.
- Шолц: Северна Македонија ги исполнува условите за ЕУ како ниедна друга земја
Меѓу граѓаните, поддршката за ЕУ е падната од 75 на 55 проценти, а со секое ново „ќе паѓа дополнително“, цитира Тагесцајтунг локален новинар.
Дали 23 јуни ќе донесе пресврт, го прашаа македонските новинари канцеларот Шолц. Тој одговори со невообичаена јасност: според него преговорите можат веднаш да почнат. „Северна Македонија и Албанија заслужија да ги започнат преговорите“.
Јасен став, кој четири часа подоцна беше релативизиран од бугарскиот премиер Кирил Петков."